Фото: Архива на Левица
Oбјавено на 22 јули 2018 од Il Grido del Popolo©
Македонија како никогаш до сега не била во ситуација да мора да одлучувa за својата иднина, дали е ова историски важен моментум за тоа или не?
ЏВ: Овој народ за својата иднина одлучи во 1941 година кога се формира првиот партизански одред, јасно се спротистави на империјализмот и фашизмот поставувајќи ги темелите на Асномска Македонија и станувајќи прва држава на Балканот која е создадена од комунисти. Сега нас ни останува да го зачуваме тоа што нашите предци преку борба го добиле и уште еднаш јасно да се спротиставиме на желбите на империјалистичките земји.
Во време кога имеријализмот галопирачки гази како последен стадиум на капитализмот, колку е важно за зачувувањето на државниот суверенитет и националниот интегритет на еден мал народ како што е македонскиот?
ЏВ: Нашата борба е интернационална и не познава државни граници. Државниот суверенитет и националниот интегритет не се многу битни сами по себе бидејќи нашата крајна цел е свет без граници. Но живееме во свет на корпорации и национални држави. Оттука се додека националните трудови законодавства нудат поголеми работнички права и социјална заштита од комунитарното право на ЕУ и правилата на единствениот пазар, ние секогашќе сме на страната на социјалната држава. И се додека постојат националните држави, ние ќе го штитиме правото на самоопределување на народите и ќе се бориме против национал-шовинистичките тенденции на другите земји, како во случајот Грција против Р. Македонија.
Каков е официјалниот став на партијата Левица околу зачленувањето на Македонија во воениот сојуз НАТО, со оглед на тоа дека оваа воена структура не може да обезбеди внатрешен мир и стабилност според повелбите од нејзиното формирање, “штитејќи“ ги своите членки само од надворешна агресија?
ЏВ: Ставот на партијата е јасен уште од самото формирање. Во нашата политичка програма пишува дека сме против членување во воени сојузи. Ние не веруваме дека оваа структура обезбедува мир, напротив знаеме дека НАТО воениот сојуз е продолжена рака на империјализмот на САД кој постојано создава војни со една единствена цел – профитот.
Со оглед на тоа дека влезот во НАТО на Црна Гора беше политичка одлука, мислиш ли дека одржувањето на било каков референдум по ова прашање, како и за името, ќе биде уште една фарса?
ЏВ: Во капиталистичките земји каде преовладува неолибералната политика скоро секој процес на гласање, на избирање, на изјаснување на народот, дали било за референдум или за време на избори може да биде само фарса. Свесни сме за тоа дека Владата на СДСМ и ДУИ од петни жили се трудат да ја внесат Македонија во НАТО, притоа ветувајќи референдумско изјаснување за процесот на промена на името и внесувањето на Македонија во НАТО да изгледа легитимен и демократски.
Зошто Левица и покрај тоа што јавно не подржа одредени протести против носењето на срамниот договор за менување на името беше оквалификувана како партија која застапува националистички ставови?
ЏВ: Левица не е националистичка туку е надетничка партија. Луѓето кои гравитираат околу власта не знаејќи како да ги оправдаат постапките на Владата, решение најдоа во оцрнување на сите субјекти кои застанаа условно кажано во обрана на името и против зачленување на Македонија во воен сојуз. Ако намерите на другите субјекти кои застанаа во одбрана на државното име и идентитетот се националистички и десничарски, тоа не е случај со Левица, бидејќи ние тргнуваме од левичарски принципи, поради правото на самоопределување на народите и поради нашите антимилитаристички позиции, бидејќи промената на името нужно води до зачленување во НАТО, поточно, името се менува се со цел влез во НАТО.
Работничката класа која со децении е атрофирана во целиов овој случај е само нем посматрач на состојбите во најсиромашната земја во Европа, чија единствена стратегија за решавање на економската состојба ја гледа со зачленувањето во воен сојуз како гарант на крупниот капитал, зарем не е тоа најголемата иронија?
ЏВ: Кога се во прашање интересите на капиталот, а најсилен застапник на капиталот во моментот е НАТО пактот, не се работи за никаква иронија, туку за гол интерес за експанзија на капиталот и негова безусловна заштита. Самата транзиција на македонската економија од социјализам во периферен капитализам, ја направи Македонија најсиромашна земја во Европа. За да се спречи гневот на народот и за да се ослбне револуционерниот потенцијал на работничката класа во Македонија, владеачките партии ги користат како магионичарско стапче „евроатлантските интеграции“. Тоа го прават затоа што нема што друго да понудат.
Владата во Скопје веќе го прослави зачленувањето на Македонија во НАТО, ова ме потсетува на 5. декември 2005 година кога истата оваа политичка гарнитура славеше добиен статус кандидат за членство во ЕУ,зарем ова не е уште еден политички пораз кој слави елитата од “Бихачка“?
ЏВ: Не е пораз само на елитата од „Бихачка“, туку е пораз на сите социјалдемократски партии кои се на власт во балканските земји. Социјалдемократските партии во Македонија, во Грција и Албанија одработуваат за империјалистичките интереси на САД и на НАТО пактот, сакајќи горенаведените земји да ги претворат во колонии за полесно да ги експлоатираат нивните народи, додека пак, највисокото раководство на овие партии се задоволува со доделената улога на послушни вазали.
Дали Левица како декларирана антиимперијалистичка и антимилитаристичка партија поактивно и порадикално ќе ги произнесе своите ставови по прашањето околу членството на Македонија во НАТО, кое треба да се случи после евентуален нерегуларен референдум за името?
ЏВ: Левица веќе почна со кампањата против промена на државното име и против зачленување во НАТО пактот. Кампањата се одвиве преку налепници и плакати, преку делење на летоци и брошури, преку споделување на видеа по социјалните мрежи за злосторствата кои ги врши НАТО воениот пакт, преку гостувања на ТВ дебати и герила акции. Такви герила акции имавме за време на прославата за добиената покана за започнување на пристапни приговори во НАТО пактот, во повеќе градови низ државата. Во Скопје за време на прославата упаднавме пред бината каде што се одржуваше прославата и истакнавме два транспаренти, во Битола и Гевгелија во непосредна близина на местото каде за одржуваше прославата нашите членови истакнаа транспаренти, во Куманово транспарент беше истакнат на надвозникот на релација Скопје – Куманово, додека пак во Гостивар, транспаренти имаше на различни локации.
Дали Левица има во моментов конкретна подршка од други левичарски партии во Европа околу билатералниот проблем кој Македонија го има со Грција, и колку навистина се запознаени со генезата на истиот?
ЏВ: Веќе подолго од една година, Левица соработува со грчите левичарски партии и со една турска левичарска партија. Политичките субјекти со кои Левица соработува се многу добро запознаени со проблематиката и во овој т.н. спор застануваат на наша страна, поточно, тие се против промената на државното има на Р. Македонија, бидејќи сметаат дека промената на името се наметнува од страна на нивната буржујска влада поради нивните национал-шовинистички барања се со цел добивање на политички поени и во десниот табор од електоратот. Конкретно, Левица во март месец оваа година, организираше трибина со наслов „Товарот на името, Македонија – Грција“, на која гости беа членови од четири грчки левичарски партии. Понатаму, членови на една левичарска партија од Грција присуствуваа на нашиот првомајски протест кој се одржа во Скопје, каде што одржаа и говор. Исто така, наш член присуствуваше на протест во Солун кој беше организиран против новите мерки за штедење. Нашиот член во Солун го вееше нашето партиско знаме, при што одржа и говор. Соработката со грчките левичарски партии ни е на највисоко ниво. Соработка имаме и со други левичарски партии ширум Европа.
Од денешна перспектива како ја гледаш фарсата шарена “револуција” и колку може во иднина да се смета сериозно на било кој искажан револт на народот, после губењето на секаков легимитет и кредибилитет на истата?
ЏВ: Т.н. шарена револуција не е прва обоена револуција која и се случи на Македонија. Претходно, во 2006 година бевме сведоци на т.н портокалова револуција која на власт го донесе ВМРО-ДПМНЕ. Шарената револуција од 2016 година беше предводена од граѓански активисти и НВО блиски до СДСМ. Гледано од аспект на тоа што сите обоени револуции до сега имаа за цел воспоставување про-западни режими, од таа гледна точка „шарената револуција“ беше повеќе од успешна. За разлика од отпорот против власта воспоставена преку „портокаловата револуција“ кој се појави после 10 години, сега отпорот против власта воспоставена преку „шарената револуција“ се појави после само една година. Тоа не охрабрува да продолжиме да работиме и да се бориме против погубната граѓанска идеологија, затоа што работничката класа веќе е имуна на идеологијата и пропагандата на левиот и десниот центар. Работниците се жедни за порадикална реторика. Нашата главна цел во периодот кој претстои е да не ги препуштиме работниците во прегратките на десните популисти туку дополнително да ги придобиеме на наша страна.
За крај, кои се активности се случуваат внатре во партијата, и може ли да се очекуваат предвремени избори и нова политичка криза во Македонија со безбедносни импликации?
ЏВ: Партијата моментално најмногу е насочена на кампањата против зачленување во НАТО пактот, но наша примарна цел се работничките права, здравството, образованието, спрвување со национализмот и запирање на најавените приватизации. Следејќи ги случувањата на политичката сцена во Македонија сметам дека може да има предвремени парламентарни избори, кои би се одржале заедно со референдумот. А што се однесува до политичката криза – Македонија, објективно гледано нема излезено од политичката криза во која западна после конфликтот од 2001 година. Народот на оваа држава постојано се држи под страв од меѓуетнички судири и агресија од соседните земји. Тоа всушност е пропагандата која работи години на назад за да дојде денот кога Македонија ќе треба да стане членка на НАТО која ни нуди безбедност и сигурност од фиктивните непријатели.
Интервјуто го припреми и направи Гордан Стошевиќ