Објавено на 11 октомври 2020 од Il Grido del Popolo©
Искрено, пред да седнам да ја пишувам колумнава, размислував дали да се занимавам со дневно-политички настани или да продолжам со досегашната пракса на пишување критики од областа на политичката економија базирани на историскиот дијалектички материјализам и Марксовата теорија. Или пак теми кои ги опфаќаат геополитичкиот и геостратешкиот аспект на меѓународните односи кога е во прашање реалполитиката. Но, она што ми запаѓа во очи веќе подолго време е македонската политичка неписменост како резултат на кусогледоста на јавните чинители во политичкиот дискурс и аутистичноста на јавноста правилно да ги артикулира примарните интереси на нацијата и државата. Овде пред сѐ мислам на односите со Бугарија, кои наместо да одат во нагорна линија, стрмоглаво се движат надолу. Притоа загрозувајќи ги европските аспирации и доведувајќи ја во прашање имплементацијата на обврските кои треба да се спроведат како дел од трасирањето на евроинтеграцискиот пат.
Имам впечаток дека антибугарската политика која ја заговараат одредени политички центри како дел од исполнувањето на одредени интереси, сѐ повеќе зема замав во јавниот дискурс. Покрај веќе познатата реторика со која многумина се обидуваат да му дадат историска димензија на проблемот, наместо политичка, сведоци сме исто така на потикнување на говор на омрза, како резултат на реториката на поединци која доаѓа од спротивната страна, во случајов официјална Софија. Ваквиот контрапродуктивен наратив никому не служи, напротив, штетен е за двете земји кои немаат друг избор, освен заеднички да ги делат европските вредности.
Целата таа фама која се крева околу заедничкото чествување на Гоце Делчев и Илинденското востание во македонската јавност има за цел во целост да ги неутрализира последиците од фактот со повеќедецениското издавање на бугарско државјанство на македонски граѓани од страна на официјална Софија. А бројките се на нивна страна, ма колку да сакаат тоа да го негираат антибугарските политички експоненти кај нас. А еве што говорат бројките. Во период од една декада, од 2002 до 2012 година, близу 50 000 македонски граѓани имаат добиено бугарско државјанство, податок кој на крајот од 2012 година го има изнесено лично тогашниот Министер за внатрешни работи на Република Бугарија, Николай Младенов. Младенов посочува дека властите во Скопје не располагаат со точни податоци за бројот на македонски граѓани кои имаат бугарски пасош.
Оваа бројка се има зголемено во наредните години, но не со голема експоненционален раст, туку со просечна вредност од околу 5 000 одобрувања годишно, што не наведува до бројката од приближно 90 000 македонски граѓани кои поседуваат бугарски документи, издадени секако по легален пат, со почитување на законските прописи за добивање на државјанство на Република Бугарија.
Овој тренд на издавање на бугарски државјанства на странски граѓани, сходно грижата на бугарската држава за оние кои по род се чувствуваат како Бугари, а живеат во странство, не се однесува само на македонските граѓани, туку и на граѓаните на Украина, Молдавија, Србија, па дури и на Албанија и Косово. Така, друг извор наведува дека над 60 000 луѓе добиле бугарско државјанство од почетокот на 2012 година до почетокот на 2018 година. Од кои близу половина, или над 26 000 се Македонци.
Изворот потврдува дека само во периодот од мај 2017 година до јуни 2018 година, Државната агенција за Бугарите во странство издала 30.000 потврди за бугарско потекло – документ со кој се поднесува барање за државјанство во Советот за државјанство до Министерството за правосудство, кое го упатува на мислење на вице-претседателот. На прашањето на истиот извор, дали при постапката се запазени сите процедури, или имало манипулации во постапката, од Министерството за правосудство соопштуваат дека за оние барања за кои е потврдено дека припаѓаат на лица со криминални дејанија во Шенгенскиот информациски систем, им е откажано државјанството.
Сепак и покрај малкуте вакви случаи (околу стотина) непречено се одвива издавањето на укази за уверенија за државјанство од страна на вицепремиерот задолжен за прашања поврзани со Бугарите во странство. Партијата на Красимир Каракачанов дури во неколку наврати има побарано упростување на постапката при самата процедура за докажување на бугарско државјанство, одејќи до таму што има побарано Бугарија да го врати државјанството на сите наследници на Бугарите останати после 1944 година во Македонија.
Да, истиот оној Каракачанов кој во изминатиот период како Министер за одбрана на Република Бугарија има дадено неколку изјави кои се дочекани на нож во Македонија, предизвикувајќи лавина реакции во јавноста кои се не помалку предмет на опсервација во бугарските медиуми, одошто неговите изјави во македонските.
Затоа, пак, во реториката на министерката за надворешни работи Екатерина Захариева можеме да забележиме поблаги тонови во однос на изнаоѓањето на решение околу заедничката историја кое ќе ги задоволи двете страни. Ова особено може да се види после посетата на Софија од страна на поранешниот македонски премиер Љубчо Георгиевски во својство на „емисар“ на владата на Заев, чија средба со бугарскиот колега Бойко Борисов во Софија е закажана за 11 ноември 2020.
Иронијата да биде уште поголема, деновиве се погрижија многубројните македонски „патриоти“, како во татковината така и во дијаспората, обединети под знамето на ДПМНЕ, одбележувајќи го денот на создавањето на акронимот кој стои пред овој. Име чие историско битисување и континуитет нема никаква врска со капиталистичката идеологија на партијата во Белата палата. Уште повеќе, тешко на оној народ на кој му е судбина ВМРО-капиталистичка.
Ваквите гласни „патриоти“ со бугарски пасоши, чии егземплари имав прилика да ги запознам во годините наназад ширум италијанските плантажи, не се ништо повеќе, туку нетолерантни ксенофоби и шовинисти. Назаден и ретрограден елемент од најниските реакционерни слоеви на општеството, кои спасот за својата егзистенција го видоа единствено во добивањето на бугарско државјанство кои ќе им овозможи излез од гетото во кое се наоѓаа со децении.
Максимално користејќи ги можностите и предностите кои ги нуди глобалниот европски пазар на трудот без никакви ограничувања, овие квази патриоти за само декада или две, користејќи ја својата балканска досетливост и дупките во италијанскиот систем, успеаја да изградат свои мини капиталистички царства на потегот од Лана до Алба, акумулирајќи капитал на грбот на своите сограѓани и по род браќа Македонци, чиј труд го експлоатираат со години ширум плантажите со грозје и јаболка.
Додека во исто време бистрат политика по македонските биртии и стриптиз барови ширум северот на Италија, овие гастарбајтери и новопечени капиталисти коваат план како да се пресметаат со предавниците на македонскиот род и вековното име кое им го оставил Искендер великиот, чиј коњ Букефал не успеал да го направи сенатор во Пела.
Истите тие поддржани од оние слепо водените во жална Македонија од водството во Белата палата, пак потпомогнати од партиските мегафони и самонаречени интелектуалци, креираат слика на длабоко поделено општество по една основа, на патриоти и предавници. Така, помеѓу предавниците кои се на удар на патриотите, се најде и поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, по кого чуварите на арката на Искендер великиот фрлаат дрва и камења бидејќи да ти бил одроден Македонец со бугарски пасош. Ист онаков каков што го имаат 5% од македонските граѓани, и уште барем толку да го добијат додека земјата го изоди сизифовиот европски пат.
Затоа сите овие мрчатори со длабоко повредено его, кои очигледно не знаат како се одвиваа некои билатерални предпристапни преговори (спорови) помеѓу некои од најновите земји членки на ЕУ, би требало малку да подразмислат за реториката преку која собираат поени кај одредени политички субјекти и широко ја прифатат реалноста. Впрочем и самиот нивен селективен пристап при пронаоѓањето на непријатели на Македонија, покажува за нивната состојба на свест, која е далеку од секое рационално размислување и расудување, да би можеле превентивно да ги решаваат проблемите настанати како резултат на игнорантската политика водена од теснопартиски интереси.
Дека на лицемерието и двојниот аршин им нема крај, деновиве сведочи приватната веселба на носителот на јавна функција, градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ. Имено, деновиве скоро сите медиуми во соседна Србија известија за венчавката на Богдановиќ со извесна Јелена Брауновиќ во црквата Успение на Пресвета Богородица во манастирот Грачаница на Косово. Каде, како што вели за порталот gracanicaonline.info бајрактарот (српско знаме) на венчавката Милош Стојковић; српското знаме го донел од Скопје во Грачаница, од еден во друг дел на стара Србија, од едно во друго Милутиново наследство. На самата приредба, гостите на Саша во манири на пропагатори на ефтин политички памфлет не пропуштија да истакнат, дека Грачаница, Морача и Скопје се дел од еден народ и една црква, па вам ви оставам само да се досетувате што сакале да кажат актерите на оваа приватна забава. (Јелена и Саша из Скопља се на вечну љубав заклели у манастиру Грачаница)
Се чини дека на македонските „крвави“ патриоти не им пречи ваквата слободна интерпретација на историјата на ваков интимен момент, каде главен учесник е македонски функционер кој ги застапува интересите на македонските граѓани кои му довериле мандат за функција за која е платен со нивни пари. Функција која итекако го обврзува да внимателност при секој негов настап, дури и тогаш кога се работи за приватна забава, во случајов негова венчавка. Но затоа на античките и тврдокорните “патриоти” им пречат изјавите на оние кои не се носители на политички функции во државата, а уште повеќе изјавите на бугарските политичари за заедничка интерпретација на некои историски личности и настани. Лицемерно, да лицемерније не може бити, што би рекле припадниците на заедницата на која припаѓа Саша Богдановиќ.
Затоа дами и господа дневно-политички критичари по нарачка, повеле имајте доблест и кажете збор-два и за манифестацијата во Грачаница, на која можеше да се слушнат пригодни политички говори од сватовите на младенците, забележани од локалните и регионални медиуми. Затоа што едностраниот критички пристап во односите со соседите не води никаде, посебно не на патот на евроинтеграциите за кои со полна уста зборуваат вашите политички ментори во разноразни палати, додека на народот му нудат секој ден леб и игри, но сѐ помалку леб има.
Автор на текстот Гордан Стошевиќ