Објавено на 10 април 2021 од Il Grido del Popolo©
Таман кога ќе помислите дека сте го допреле дното, вие всушност дознавате дека и дното има дно. Во услови на глобална пандемија и економска криза која сеуште не почнала, на толку мал простор цветаат сите ретроградни бизниси, за кои со воодушевување се зборува последните неколку години после екранизацијата на ликовите како Пабло Ескобар или Ел Чапо од страна на продукцијата Netflix. Сето она кое за многумина изгледаше недостижна реалност како во мотивите со плантажи на кока ширум полињата на Колумбија, Перу и останатите држави од Панамскиот канал до Андите. Земји кои на светот му го пружија ова благотворно растение, овозможувајќи им на криминалните умови пак да уживаат во благодетите од собирањето на неговите „плодови“. Тоа што некогаш не толку одамна ќе стане кауза за картелите Меделин и Кали во Колумбија, како и Гвадалахара, Синалоа, Сонора, Тихуана и Хуарез во Мексико, денес во една друга помала и поинаква варијанта го гледаме овде на Балканот, од падините Лазарат близу Ѓирокастро, па се до онаму каде што може да се почувствува мирисот на нејзиното височество Canabis Sativa и Canabis Indica.
И покрај тоа што ја нема привилегијата овој простор да има наркомогули од типот на наркоклептократот и самопрогласен генерал Нориега, или пак Пабло Ескобар, главниот бос на Меделин картелот, односно неговиот опонент Гилберто Родригез, главниот бос на Кали картелот, како и Мигел Анхел Феликс Гаљардо, попознат како Ел Падрино, шефот на Гвадалахара картелот, или Хоакин Гузман попознат како Ел Чапо, шефот на Синалоа картелот, кој подоцна ќе го превземе приматот од Гвадалахара картелот, станувајќи на тој начин најмоќната синдикална организација за трговија со дрога на западната хемисфера а со тоа и во светот. Балканот сепак постојано ќе биде под опсервација на американската Администрација за сузбивање на наркотици – DEA, агенција во склоп на на министерството за правосудство на САД. Многу кланови во Албанија, Косово, Црна Гора и Србија се приспособија на условите на новото време кое се повеќе бара нови методи во трговијата со дрога. Додека едни кланови се дезинтегрираа поради се помоќната конкуренција, или пак поради судирот со државниот апарат, новите кои полесно се прилагодија на условите, се повеќе се позиционираат на пазарот на недозволена трговија, каде главен примат има шверцот на дрога.
Македонија како главен крстопат на Балканот колку и да сака да остане надвор од големата слика, се повеќе се експонира во светот како земја длабоко инволвирана во меѓународната трговија со недозволени наркотици. Последните случувања со аферите поврзани со издавање фалсификат возачки дозволи и патни документи (пасоши) на разноразни припадници на криминогени структури, помеѓу кои и познати соработници на мафијата, како и инволвираноста на високопоционирани луѓе од полициските структури во шверцот со дрога, на површина го изнесе целиот трул систем составен од бирократи, партиски послушници, полициски службеници со висока командна одговорност, како и службеници од одделот на МВР за издавање на лични документи, потврдувајќи ја корумпираноста на македонските државни институции. Факт кој неодамна беше потврден со 111 место по индекс на корупција од вкупно 180 држави во светот од страна на Транспаренси. И додека народот се занимава со дневно-политички препукувања во врска со пандемијата и спорот со Бугарија, на врата ни дојде ДЕА. Алоо ДЕА! Има ли некој нормален во оваа вукојебина да разбира што значи ДЕА да ти затропа на врата?
До толку да се немало суверенитет над држава, па тоа е страшно што се случува. Да не ве чуди еден ден аеродромот кој носи име Апостол Павле, како станува слетно-полетна база на натоварени карго авиони со „бела роба“ како оние од тропските џунгли на Средна и Јужна Америка кои ги гледаме на филмовите. Со приватни војски како оние на Пабло Ескобар, организирани до тој степен да формираат држава во држава, или во најлош случај Северна вукојебина Македонија да стане пара наркодржава. Можеби и нема ништо лошо во тоа, кога веќе Бјела во Сенке над Балканом ја апострофираше оваа територија како прибежиште на наркодилери и бандити. Замислете ја оваа вукојебина наместо Швајцарија на Балканите, како Синалоа на Балканот. Дебар ќе го правиме Хуарез, Охрид – Акапулко, Струмица – Монтереј, а Свети Николе – Масатлан. Таман за десет години во филмските студија во Софија Netflix ќе снима филмски серијали за успешен проект на аграрна политика во нарко-Македонија. Кавачкиот и Шкаљарскиот клан ќе ја доживеат судбината на Кали и Меделин картелите, и ете шанса за албанските, косовските и македонските наркокартели да се реорганизираат и зацврстат своите стратешки позиции. Шанса како никогаш досега синдикатите да блеснат со сиот свој сјај. Прашањето е само овдешниот Ел Падрино со каков пасош ќе биде, се надевам биометриски и строго без ѕвезда петокрака.
Она што е уште поинтересно е тоа дали ЕУ и понатаму ќе ги толерира овие руини од народи (кои глумат бранители на Шенгенот од „дивите хорди“ од Блискиот Исток и Африка), одобрувајќи им визна либерализација, додека нивните клептократски елити ги затрупуваат големите европски градови со кокаин од Јужна Америка, хероин од Турција и марихуана од Балканот. Но едно е сигурно, криминалните структури во власта на овие т.н. држави или подобро речено колонии на империјалистичкиот запад, секогаш ќе бидат дел од власта, покажувајќи му на светот дека имаат свои држави кои во својот историски материјализам се осудени на исчезнување.
Автор на текстот Гордан Стошевиќ