Објавено на 22 јуни 2020 од Il Grido del Popolo©
Гледам деновиве во жална Македонија се крена голема фама околу влегувањето на Левица во Собранието, многу поголема од она што би требало да биде реален проблем, а тоа е (не)регуларноста на изборите. Социјалните мрежи горат после информацијата дека Левица поднела скоро две илјади приговори до ДИК, па како по обичај граѓанството се занимава со површни работи. Она што е суштествено во целата оваа приказна е големата слика, која и овој пат истрауматизираниот народ не може да ја препознае. Имено, многумина синхронизирано побрзаа да му ги оспорат приговорите на Апасиев кон ДИК бидејќи немале службен печат, наместо да се занимаваат со генезата на проблемите кои доведоа до тоа, да уште од самиот почеток биде уништена една лева идеја која се раѓаше на македонскиот политички спектар. Нејсе, толку е капацитетот на овој наш народ, кој дозволува веќе три децении да го возат разни белосветски пробисвети од политичари. Суштината на проблемот со Левица како што напоменав и порано во моите политички анализи, не произлегува само од личните амбиции на еден човек кој има цел да се постави над партијата. Напротив, таа произлегува од немањето доволен политичко-идеолошки капацитет внатре во самата партија, како би таа станала една хомогена структура отпорна на реакционарни елементи од најниските слоеви на општеството, кои по правило секогаш настапуваат контрареволуционарно.
Имено, она што се случуваше во Левица од самиот почеток не беше ситуација по примерот на онаа од Конгресот на Социјалистичката партија на Италија, кој се одржуваше во Ливорно од 15 до 21 јануари 1921 година, каде се судрија трите големи струи, комунистичката, максималистичката и реформистичката. Таму работите беа кристално јасни, за разлика од овде, каде и после 💯 години идеолошко профилирање на масите, очигледно е лутањето на левиот спектар на општествената одговорност и политичката активност. Поготово кај мнозинството од членовите на раководството на Левица, поточно, на високите раководни тела како Централниот комитет и Президиумот. Јас лично можев тоа да го детектирам уште на самиот почеток, само неколку месеци после основањето на партијата, кога на седницата на ЦК одржана во хотелот Континентал на 16 октомври 2016 година, се одлучуваше за тоа дали ке се оди во коалиција со друга партија на изборите кои се одржаа два месеца подоцна.
Она што подоцна ке се случи како резултат на одлуката донесена на таа седница е само потврда, дека историскиот момент не беше на наша страна. Момент во кој една идеја за да се претвори во стварност, не соодејствуваше со реалноста во која се роди таа идеја. Повеќето од тие млади луѓе таму, се родени во време на длабока транзиција на општеството, каде реставрацијата на капитализмот имаше примарно значење, за да потоа станат „свесни“ за својата идеолошка припадност во ера на институционализирана автократија. Време во кое се носеа избрзани решенија во обидот да се сруши режимот кој беше на власт повеќе од една деценија. Јас уште тогаш бев критичен по прашањето околу учеството во тн. „шарена револуција“, движење кое подоцна ке етаблира нови лица во политиката, без притоа да се пристапи кон отворено расчистување со остатоците од режимот кои директно кумуваа на таа еднодецениска сулуда политика водена од ДПМНЕ. Напротив, новата власт се повеќе и повеќе одеше од грешка во грешка, овозможувајќи на одредени струи на политичката сцена да испливаат на површина со нивната нескриена идеологија.
Таков е случајот со Левица, каде поради опортунизмот на голем дел од оние кои беа во првите редови за време на „шарената револуција“, на кои пред се им недостасуваше храброст, а потоа и одлучност, визија и знаење, се случи феноменот Апасиев. Тој е само реакција на се она што се случуваше длабоко внатре во партијата, а кое вешто се криеше од јавноста. На една страна беа разгалени деца, синови и ќерки на транзициските намесници кои ги спроведуваа одлуките на црвената буржоазија за време на преструктуирањето на општествениот капитал, а на друга страна пак, деца на девастираната работничка класа. И едните и другите реликт на едно време каде екпропријаторите продолжија да ги експропреираат експропреираните, во сосема други околности и под други услови. Но, она што е симптоматично во обата табора, е тоа што се испреплетуваа интересите на овие две групи на млади луѓе, бидејки доаѓаа и од редовите на работничката класа и од редовите на високата средна класа, која да не заборавиме секогаш во клучните историски моменти нужно стануваше реакционарна. Ова беше вистински момент внатре во структурите на партијата да се појави човек од „Бога даден“, околу кого би се групирале поради неговата „харизматичност“ и организациските способности.
Така се наметна Апасиев, но како резултат на неодлучноста на мнозинството да му се спротивстави, што беше причина повеќе тој самоубедено да тргне во остварување на своите цели. Од тука извираше неговиот силен политички динамизам, кој предизвикуваше одушевување кај дел од членовите на партиските органи, по примерот на Сен Симон, кој на смртна постела им кажува на своите ученици да имаат на ум, дека единствено во одушевувањето може да се направи нешто големо. Така и бидна. Меѓутоа, никој во тоа време, освен нас двајца, тројца луѓе, не беа повикани да укажат на опасноста која со себе може да ја донесе харизматичната идеја. (Nous n’avons pas ici à indique les dangeurs que la conception charismatique peut entraîner). Никој, ама баш никој, не можеше да го препознае раѓањето на македонскиот мал Мусолини, додека на јавноста и се сервираше приказната за Робеспјер непоткупливиот. Новиот харизматичен водач во јавноста ја промовираше својата самобендисаност и самоубеденост, до тој степен што беше подготвен на масите да им ја открие суштината на својот карактер. Сето тоа во стилот на неговиот идеолошки гуру Мусолини, кој во една телеграма упатена кон Болоња, пишува дека е сигурен, апсолутно сигурен (а неспорно е дека бил тоа, pour cause) дека ништо страшно нема да му се случи пред да ја исполни својата мисија.
Познато е дека Мусолини на моменти се служи со државата како би владеел со партијата, за да во тешките моменти завладее со самата држава. Затоа мене лично денес не ме зачудуваат сите оние гесла во изборната кампања на Левица од типот на државата за народот. Роберт Микелс во „Политичките партии и општествената принуда“ кажува дека т.н. „ха-ризма“ во современиот свет секогаш се поклопува со примитивната фаза во развојот на една партија, со фазата во која доктрината се представува како нешто магловито и неповрзано, па затоа и е потребен еден непогрешлив папа да ја протолкува и прилагоди на околностите. Од друга страна пак по Макс Вебер, партијата се заснова од две причини; таа пред се е здружение за пропаганда и агитација кое тежи за власт, пружајки им на тој начин на своите активни припадници материјална и морална можност за остварување на своите цели, или да се стекнат со лична надмоќ, или обете работи заедно. Општата усмереност и барањата на политичката партија према тоа стануваат Machtstreben, како на личен така и на објективен план. Во прв случај, личните партии би се засновале на покровителството на еден моќен поединец према нему потчинетите. Во историјата на политичките партии такви случаи има многу.
Во овој случај Левица се претвори во лична партија, партија во која со сигурност една мала група на луѓе му е потчинета на нејзиниот водач, нешто што во иднина остава простор за развивање на култ кон личноста. Ваквата состојба по мене беше очекувана, за разлика од многумина кои денес глумат „затекнатост“ од целата оваа ситуација, каде несомнено гледаме подем на Апасиев и Левица на македонската политичка сцена, подем кој во иднина ке биде уште поизразен. Зошто го тврдам ова? Затоа што македонскиот народ наоѓајки се на голема пресвртница во својата историја, принуден е да ја прифати идејата заснована на „харизмата“ на едно ново лице на политичката сцена, кое во занес и еуфорија говори за „промените“ кои треба да настанат. Од друга страна пак големиот италијански комунист и марксистички теоретичар, Антонио Грамши, за ваквите партии на „хсризмстични“ личности или групи на луѓе, со неразработени основни програми, вели дека, основата на таквите партии е верата и угледот на еден поединец, и таквите партии никогаш не се докажале. Напротив, постои одредено интересирање во некои моменти кои се побудени од некои помалку или повеќе исклучителни личности, понекогаш за време на перманентна анархија до која се доаѓа поради статичната рамнотежа на силите кои се борат, така што еден човек представува ред, т.е. со исклучителни средства ја прекинува убиствената рамнотежа и околу него се собираат уплашените овци кои се плашат од вода, т.е. ситнобуржоаските елементи.
Ова само покажува дека појавата на Левица како политички субјект на македонската политичка сцена е само последица на повеќедеценискиот институционализиран етноцентризам, кој го етаблираа заедно македонскиот и албанскиот политички блок во почетните години на плурална Македонија. Политичка кратковидост која засекогаш ја ускрати можноста од градење на прогресивно граѓанско и демократско општество, во кое секој оваков обид ке наиде на попреченост. Но, да не заборавиме, оваа Левица не е онаа Левица која ја формиравме на почетокот на 2016 година како резултат на повеќегодишниот граѓански активизам граден на улиците ширум земјата, за што гледано од оваа временска дистанца сум на мислење дека беше избрзана одлука поради историскиот контекст во кој егзистира левицата на балканските простори и пошироко. Таквата апатичност во редовите на левицата доведе до тоа да денес многу националистички партии се изборат да влезат во законодавните домови на многу држави со парламентарна демократија.
Но она што е уште повеќе загрижувачки е тоа што, овaквите партии се повеќе и повеќе ги ставаат под своја закрила многуте целни групи, кои по природата на нештата секогаш биле интерес на левите прогресивни струи. Меѓутоа, во случајов на Левица не гледаме само присвојување на работничката класа, еден од најдинамичните елементи на општествената изградба, туку и државата, највисоката политичко-економска цел на фашизмот и национал-социјализмот. Затоа немој да ве залаже нивната слсткоречивост кога повикуваат на бунт за промени, па дури и револуција. Зашто фашистичката револуција е само замена на едно административно особље со друго. Или како што ке рече Антонио Грамши за време на неговиот единствен но историски говор во италијанскиот парламентот на 16 мај 1925 година, кога му се обраќа директно на Мусолини со зборовите:
„Само револуција втемелена на нова класа е револуција. Фашизмот не се темели ниту на една класа а да веќе не била на власт.”
Овие зборови на Грамши добиваат до толку повеќе на тежина гледајки ги историските околности во кои капитализмот секогаш кога ке се најде во криза, не се двоуми да ги употреби најназадните слоеви на општеството како реакционарен елемент против евентуалната револуционаризираност на масите во обидот да се загрозат интересите на капиталот. Затоа буржоазијата внимателно го следи секој чекор на политичките чинители, како би со време препознал одредена активност која може да ги загрози позициите на владејачката класа. Левица несомнено на почетокот представуваше потенцијална опасност по владејачките структури кои се одраз на капиталот, па затоа превентивно мораше да се делува, така што еден човек со помош на една мала група на луѓе, во интерес на капиталот, успеа да ја приграби партијата за себе претворајќи ја во лична сопственост.
Истиот тој човек кој деновиве на социјалната мрежа Facebook упатуваше пораки до заканувачка реторика до своите неистомисленици, за што требаше да биде повикан на распит од органите на редот и обвинителството. Уште еден обид да се добие на публицитет во јавноста, а притоа да го представат како жртва на реваншизам од страна на политичките конкуренти. Симптоматично е и тоа што веднаш по добивањето на пратеничкиот мандат, утредента на 16 јули, двајцата поранешни членови на Левица, Перо Оџаклиевски и Владимир Куновски, го добија Решението од Основното јавно обвинителство, со кое ова обвинителство ја одбива нивната кривична пријава против Апасиев за сторени кривични дела по неколку основи, како неоснована. Харизматичниот „јакобинец“ кој себеси се представува како Робеспјер непоткуливиот, никако да сфати како завршиле монтањарите, господата од високите клупи.
Автор на текстот Гордан Стошевиќ