Објавено на 18 април, 2024, од Il Grido del Popolo©️
Во изминатите неколку недели сведоци сме на пласирање на големи идеи на политичкиот пазар пред претстојните претседателски избори, од кои повеќето се вртат околу репозиционирањето на нашата мала земја во глобалното геополитичко прегрупирање меѓу доминантните центри на финансиска и воена моќ.
Ова нема да биде кратка реклама за тие големи идеи, но некои се премногу извонредни за да бидат изоставени. Од залагањето на Максим Димитриевски (ЗНАМ) за самодоволен развој на државата, уставниот патриотизам на професорката Давкова, (ДМНЕ) потоа национал-суверенистичката позиција на професорката Ванковска (Левица), па се до бизарниот Титов комплекс на сегашниот претседател Пендаровски (СДСМ) во стилот „Јас сум ваш, вие сте мои“.
По делумна и едвај внимателна анализа за тоа кој ветува порозова нијанса на политичка иднина за нашата полураспадната република, не е толку тешко да се согласиме со сите кандидати, вклучително и оние кои доаѓаат од албанската страна, дека Македонија е во критична ситуација и дека мораме повторно да ја кренеме на нозе (ако воопшто некогаш и била?).
Во глобалните констелации во кои „морбидните симптоми“ се јавуваат во форма на фашизам, како што би рекол неповторливиот Антонио Грамши, нашите ситни, но ништо помалку национал-романтичарски елити се подготвуваат за уште еден спектакуларен циркус за гласачките маси.
Гласачите, пак, вооружени и опремени со најновите политички анализи од безбројните подкаст студија се и повеќе од подготвени конечно да покажат дека е можна „вистинска демократија“ по 33 години национално и меѓународно понижување. Вистинска демократија е онаа во која дадениот глас ќе се компензира за подеднакво вредна услуга во некој аспект од борбата за опстанок или процут (подобри оценки за децата, полесен пристап до институциите, затајување одговорности или само неколку нови телефонски броеви именикот кои ќе ја имат истата улога како и „повикај пријател“ во квизот „Кој сака да биде милионер“).
Исто така, во отсуство на јавно соочување меѓу кандидатите, од гласачите се бара да изберат меѓу неколку идентични програми, различно формулирани. Или кој сѐ уште следи (и верува на) политички програми?
Имајќи го предвид демографскиот егзодус, кој се одвива со брзина на светлината, кандидатите сепак имаат дрскост да зборуваат за патриотизам или некој си национал-суверенизам. Таквите феномени, драги читатели, историски им имаат донесено просперитет (секако, шовинистички, расистички, и еко-геноциден) само на империјалните земји, и тоа исклучиво во случај да имале територијална површина нешто поголема од 25 713 м2 и повеќе од еден и пол милион жители.
Секој еден кандидат зборува за враќање на довербата, за обновување на институционалниот и уставен поредок, за развој во секој можен план, кратко кажано, за една досега непрепознатлива Македонија. А како тоа, драги кандидати, без директно адресирање на проблемот со постоечкиот капитал (национален и странски) којшто во првите години од номиналното осамостојување го презеде кормилото на државата без никаков труд? Честопати кога се наоѓаме во некоја деликатно-поразиталена ситауција (обично некои светски статистики поврзани со образованието, писменоста, сексуалното насилство, владеење на правото, корупцијата итн.), најсовесните граѓани преку своите фејсбук профили не ја оставаат ситуацијата на случајност без да прокоментираат како сѐ повеќе наликуваме на некоја неразвиена африканска земја. Камо среќа да сме африканска земја, особено кога ќе ја земеме предвид историјата на движењата за национално ослободување во многумина африкански земји (Мозамбик, Алжир, Конго, Буркина Фасо) па да се осврнеме на револуционерни фигури како Патрис Лумумба, Самора Maшел, Франц Фанон или пак Томас Санкара.
Стевчо, Максим, Стево, Бујар, Арбен, Гордана и Билјана се далеку од тој дух, далеку од тој политички капацитет и подготвеност да водат една деколонијална политика, можеби не во вистинската смисла на зборот, но барем во некоја симболична смисла затоа што нашата економија може да се каже дека не е во друга позиција освен во колонијална.
Во тој случај, да не ве залажува предодредениот европски пат по кој веќе скоро 20 години полека (но сигурно!) лазиме, иако е сѐ поизвесно дека статусот на нашето туторство од Запад ќе заврши како пробен период на премиум мобилна апликација. Онака, неприметно. И по безбројните милиони долари и евра канализирани во невладиниот сектор, тенденцијата на таканареченато медиумско описменување на граѓанското општество не навестува ништо друго освен неповратна културно-антрополошка деволуција.
Од друга страна пак, „анти-империјалистички“ па дури и „анти-капиталистички“ БРИКС ентузијазам, кој небаре ветува благосостојба а ла неврзана и воено неутрална Југославија од седумдесеттите на минатиот век. Каква ли е таа анти-империјалистичка и анти-капиталистичка соработка со Хи (Кина), бесрамниот промотер на државен капитализам под симболите на чеканот и српот, хинду-фашистот Моди (Индија) и поблискиот евроазиски султан Ердоган (Турција)? Фино друштвенце! Уште оној со препознатливата фризура од Пјонјанг и ајатохалот Хаменеи па да се заокружи анти-системскиот блок.
Навистина, Македонија е на политички и економски, дури и идентитетски крстопат. Дали неспособноста кај самите политичари да сфатат што значи да се биде де јуре суверена земја во светски систем заснован на принудни односи на зависност (конечно) ќе профункционира и ќе го поштеди (колку-толку) овој народ од суперексплоатација и понижување (кој со своето политичко однесување на моменти покажува мазохистички знаци на уживање во камшикувањето) е прашање на кое веќе го знаеме одговорот.
Коренот на проблемот не е во националноста на угнетувачот, така да заборавете на протерувањето на странските бизниси (што и онака би било смртоносно за стопанството). Проблемот е во односите што го генерираат угнетувањето на работниот народ и предаторската експлоатација на природните ресурси. Но, македонскиот електорат со неверојатно кратка политичка меморија никако да ја научи лекцијата од национал-популистичките бајки дека домашниот капитал не останува да циркулира во економијата и дека таквиот не е ништо помилостив и подарежлив од оној другиот, странскиот. Најмногу што може да роди остварувањето на таквата политика е социјален шовинизам, но да не навлегуваме во некои демагошки теоретизации, непоимливи за македонскиот паланечки идеализам со премиса на шопска салата.
Сепак, останувајќи во национал-суверенистичката рамка, пред Бајден, фон дер Лајен, или не знам кој друг лидер таргетиран како национален непријател број еден, пред сѐ треба да се справиме со оние дома, оние кои нѐ убедуваат да ја прифатиме нивната борба за некаква митска (или далеку од историска) македонска кауза – самодоволна, патриотска, натовска, или бриксовска.
Ниедна врата, ниедна перспектива, азиска, западна, ма ниту некоја метафизичка од друг универзум, не нуди рај за работникот, односно работничката класа, особено онаа нашата, која секојдневно се декласира давајќи можност на нивните лоши и добри (има и такви) газди без напор (а камоли борба) да ја диктираат судбината на нивните и животите на нивните семејства. И да, да не се лажат многу корпоративните браќа и сестри дека они се изземени од историската и нужна припадност на оваа класа (и покрај нивната наивност и игнорантност) со тоа што англискиот им е лингва франка на работното место и со тоа што износот на платите го надминуваат оној беден национален просек (да не речам минимум). Да не заборавиме, негласењето е далеку од чин на отпор. Напротив, тоа е безропотно легитимирање на статус-квото. Така да, повелете и другпат.
Сепак, на голема жалост, ниту на претсојните претседателски, а богами и на парламентарните кои следат (на кои ќе се осврнам во следен прилог) не постои кандидат кои може воедно да ги застапи и желбите за метрополитскот начин на живот и за очувуање на некој си квази-суверенитет на оваа република во распаѓање. Нејсе, на уште поголема жалост, која не ја наговестувам јас лично туку самиот историски и дијалектички материјализам, сѐ поизвесно е дека сеопштата неспособност (и кај гласачите и кај политичарите) да се сфати колонијалната позиција на оваа држава на потег од Богородица до Табановце само дополнително ќе го засили интензитетот на синдромот Титаник од кој пати истата, а гласи вака: бродот тоне, а музиката сѐ погласна.
Автор на текстот: Дени Дагалев