Подемот на национал-популизмот како резултат на кризата на либералната демократија

Објавено на 21 февруари 2024 од Il Grido del Popolo©️

Во минатото кризата на либералната демократија беше платена по многу висока цена, кога како реакција на истата се изродија фашизмот и нацизмот. Меѓутоа, и покрај тоа денес сведочиме на релативизирање па дури и игнорирање, кога е во прашање подемот на екстремниот национал-популизам, кој претежно доаѓа од десниот политички спектар, но не смее да се исклучи ниту оној од левиот. После распадот на социјалистичка Југославија и осамостојувањето на Македонија, чија составна федеративна единица беше, самата појава на плурализмот овозможи формирање на политички партии кои во својата основа не беа граѓански, туку исклучиво етнички, национални. Како во редовите на македонскиот, така и во политичките кампуси на останатите етнички заедници. Погубна политика која овозможи поларизација на политичкиот спектар, но и воспоставување етноцентризам во македонското општество. Нешто што подоцна ќе доведе до меѓуетнички воен судир кој се закануваше да прерасне во граѓанска војна и распад на државата. 

Охридскиот рамковен договор колку што беше камен темелник за правата на втората по бројност етничка заедница, толку пак претставуваше пораз за најбројната, македонската, која после ова отворено манифестира криза на идентитетот. Заедница која беше носител на веќе стекнатата државотворност на нацијата чиј повеќевековен сон беше исполнет во услови на народноослободителна војна, но во исто време и социјалистичка револуција со отфрлање на повеќедеценискиот српски колонијализам наметнат од монархистичкиот режим во Белград после балканските војни. Нација која во даден историски момент (пад на социјализмот и реставрација на капитализмот) не ги сфати сериозно задачите кои произлегоа од самиот чин на промена на системот и наследената улога на државотворец. Навистина незрел пристап кон општествените промени од страна на една нација која во својата кратка историја за прв пат се соочи со незнаење на носителите на идејата за создавањето на државата. 

Во преден план се секако оние кои негуваа традиционални, конзервативни, демохристијански вредности, политичката елита на ДПМНЕ и нејзините подржувачи. Иста онаа елита која себеси како партија со години си ја препишува заслугата за осамостојувањето на ова државиче, придавајќи си епитет на најдржавотворна партија. Коментирајќи ги позициите на некои десни партии во Хрватска, професорот Жарко Пуховски во една прилика има речено, „дека оние кои инсистираат на државотворност, на тоа дека се државотворни партии, би требало да се уапсат поради противуставно делување, бидејќи во Хрватска веќе постои држава. И во таа смисла, да бидеш државотворен значи да бидеш против државата во која се делува“. Тие се однесуваат како вели Пуховски, „како да нема држава и се уште не разбрале каде се наоѓаат“. Во случајов со ДПМНЕ, но и СДС, како и тие да не разбраа после ’91 дека нивната задача во во оваа земја не беше да бидат државотворни, туку општественотворни. 

И наместо да се обидуваат да создадат држава (која е веќе создадена на АВНОЈ 29.09.1943 а потоа и верификувана на АСНОМ 2.08.1944) и со тоа го нарушат постоечкиот уставен поредок, требаше да се зафатат со изградба на новото општество. Пред се беа задолжени да создадат социјално, солидарно, праведно и егалитарно општество, работејќи на неговата изградба базирана на темелите на плуралистичката платформа преку институциите на системот, со што ќе овозможат систем на вредности преку кој ќе коегзистираат различностите внатре. Систем на вредности кој ќе го поставеше на цврсти темели граѓанското општество, наспроти граѓанската држава на која со полна уста се повикуваат цело време. Наместо граѓанскиот концепт за општество, владејачките елити го прифатија концептот за граѓанска држава, во која никогаш немало граѓански партии, туку строго етнички и национални чии политички агенди изградија длабоко поларизирано општество во кое граѓаните се чувствуваат несигурно.

Полека но сигурно толку посакуваната и долгоочекувана либерална демократија се повеќе запаѓаше во криза, што дури и се одрази на самиот европски пат на земјата кој веќе скоро две децении се наоѓа во ќорсокак. И не само што е во ќорсокак, туку е во опасност потполно да излезе од колосек имајќи ја во предвид тенденцијата внатре во самата ЕУ. Евроскептичната реторика е се повеќе присутна во редовите на европската политичка десница, која е на пат во потполност да го заслужи префиксот екстремна. И не случајно ако се земе во предвид историскиот материјализам, каде скоро секогаш кога е капитализмот во криза, се јавува и криза на либералната демократија, додека пак во исто време се јавуваат разни облици на манифестација на политички екстремизам како што се национализмот, национал-популизмот, или национал-шовинизмот, па дури и национал-социјализмот, нацизмот и фашизмот. И колку и да е развиен анимозитетот помеѓу либералната демократија и сите овие форми на екстремна десница, сепак се тоа двете страни на една иста кованица, онаа капиталистичката.

Ако внимателно се погледне реториката на двете страни може да се забележи отворена конфронтација помеѓу нив, што е навистина парадоксално, поготово за оние кои одлично го познаваат историскиот материјализам. Од една страна експонентите на либералната демократија говорат за опасноста од тенденцијата и наративот во редовите на екстремната десница. Од друга страна пак ги имаме експонентите на екстремната десница, кои не пропуштаат да кажат дека фашистичката идеологија е составен дел на западниот либерализам. По примерот на само декларираниот анти-комунистички политички филозоф Александар Дугин. Тргнувајќи пак од фактот дека Дугин заедно со поетот, политички дисидент и политичар Едуард Лимонов, експерименталниот уметник, композитор и пијанист Сергеј Курјохин, и поетот, музичар и концептуален уметник Игор Летов, по распадот на Советскиот Сојуз ја создаваат Национал-болшевичката партија со фокус на национал-патриотската демагогија, лесно може да се дојде до заклучок за каква идеологија се работи и какви политички ставови застапува. 

Вредно за споменување е уште едно име, она на рускиот опозиционер и голем критичар на режимот во Кремљ, Алексеј Навални, кого западните либерални медиуми со години го прикажуваат како либерал. Сепак ако подобро го погледнете неговото минато ќе видите дека овој контроверзен политички активист беше редовен учесник на рускиот марш предводен од крајно екстремна десничарска националистичка групација која стои позади слоганот „Русија на етничките Руси“. Навални во минатото преку видео пораки на платформата YouTube често пати отворено застапуваше ултра националистички, шовинистички, ксенофобни и расистички ставови, особено против мигрантите и работниците од Кавказот и Средна Азија, споредувајќи ги со бубашваби. Она што треба да се апострофира посебно е неговиот двоен аршин кога е во прашање рускиот империјализам во Грузија и Украина, знаејќи дека во 2008 година Навални ја подржа руската инвазија на Грузија, за разлика од оваа на Украина која жестоко ја осуди, спротивставувајќи се на политиката на Кремљ. 

Амнести Интернационал едно време дури му ја ускрати подршката која му ја даваше како на опозициски водач кој имаше статус „затвореник со совест“, за подоцна во 2021 лицемерно му ја врати, со образложение „дека мислењето и однесувањето на поединци можат да се менуваат со текот на времето“. Малку е да се каже колку е лицемерно денес кога во јавниот дискурс гледаме отворена критика на либералните релативизатори кон десниот популизам, апострофирајќи ги притоа крајно екстремните политики на конзервативната и националистичка десница, а за возврат релативизирајќи ги сите аномалии кои произлегуваат од либералната демократија. Почнувајќи од погубната економска политика, преку воениот интервенционизам, па се до зелениот еко протекционизам. Од друга страна пак најголемите поборници на политиките на екстремната десница како гореспоменатиот Александар Дугин, говорат дека фашистичката идеологија е составен дел на западниот либерализам и либерално-тоталитарната хегемонија која ја спроведува западната цивилизација предводена од САД и Велика Британија. 

Кога е во прашање пак популизмот, особено оној кој доаѓа од редовите на екстремната десница не може а да не се спомене повторно името на Александар Дугин, кој во екот на протестите на жолтите елеци јавно говореше: 

„Популистичките движења ја отфрлаат класичната политичка лево-десна шема и не следат никакви идеолошки ставови, било тоа да се леви или десни. Тоа е силата и успехот на популизмот, кој не игра по однапред одредени правила. Сепак популизмот има своја логика, па дури и почетоци на популистичка идеологија, која се обликува пред наши очи. Пред се впечатлив е фактот дека популистичките движења се насочени против политичките елити, без разлика дали се тие леви или десни. Ова е востание на на периферијата на општеството против неговиот центар.“

Но самопрокламираниот фашист Дугин застанувајќи во одбрана на жолтите елеци не се задржува само на ова велејќи:

„Десните популисти се уплашени од лудите нови политики на владејачката елита, поврзани со имиграцијата и уништувањето на францускиот идентитет. Левите пак популисти се огорчени поради катастрофалната политика на либералите кои ги бранат само интересите на големите бизниси, и дека побуната на жолтите елеци е насочена всушност против комбинацијата „либерална левица-либерална десница“. Затоа што жолтите елеци не се само против економските политики и имиграцијата, туку се против Макрон како симбол на комплетниот систем, против културолошкиот марксизам, против постоечката состојба на работите. Движењето жолти елеци е популистичка и популарна револуција, и зборот луѓе (populus, le people) во концептот на популизмот мора да се сфати сериозно.“

Давањето на легитимитет на популизмот, без разлика дали тој доаѓа од лево или од десно, за Дугин е од големо значење, особено кога е во прашање борбата против либералната демократија. Популизмот е до толку оправдан, што во реториката со која тој се служи, главно место секако завзема отворената борба против глобализмот и системот на вредности кој тој ги креира. Затоа Дугин во одбрана на традиционалните вредности за време на граѓанските немири во Франција самоуверено изјавува: 

„Популизмот, вклучувајќи го и оној на жолтите елеци може да се посматра како повод за востание на луѓето против елитите, кои потполно ја изгубиле врската со општеството. Елитите изградиле сопствен свет во кој владеат двоструки стандарди и норми на политичка коректност и либерална демагогија. Ова не се апстрактни маси или безличен пролетаријат – ова се последните живи луѓе кои се дигнаа против светската моќ на глобалистичкото потомство, бунтовниците против културата и цивилизацијата, но и човекот како таков, како и против Бога. Денес нема ниту лев, ниту десен популизам, само луѓе против елитите. Жолтите елеци создаваат нова политичка историја, нова идеологија. Макрон не е лично име, тоа е етикета на Матриксот. Да би се остварила слободата, Макрон мора да биде уништен. Така зборуваат жолтите елеци и тие ја зборуваат вистината.“

Меѓутоа, она што е денес најпарадоксално е тоа што и левите и екстремно десните популисти се повикуваат на својот populus и demos, што и не е случајно имајќи го во предвид нивниот заеднички непријател, либералната демократија. Во тој контекст Миљенко Јерговиќ неодамна напиша „дека на Путин денес му се восхитуваат подеднакво и левите и десните популисти“. Погледнете ја само состојбата во Северна вукојебина Македонија која во многу што ги отсликува состојбите во медиумскиот простор, каде освен екстремните популисти кои гласно заговараат антиглобалистички ставови, ги имате НВО апологегетите на либералната демократија кои заговараат исклучиво западни „демократски“ вредности. Од една страна ја имате Ванковска која во стилот на Дугин експлицитно во својот наратив укажува на тоа дека главниот виновник за ситуацијата во светот е НАТО пактот како манифестација на западниот империјализам, предводен од САД како дежурен полицаец. 

Од друга страна пак ја имате Колозова како непоправлив апологет на западната либерална демократија и нејзините вредности, обединети во тријадата демократија-слобода-секуларизам. Ако првата асоцира на Дугин, оваа вторава секако асоцира на Бернард-Анри Леви, познатиот француски ангажиран филозоф во чии јавни настапи централно место завзема една идеја, идејата за либералната демократија, изразена како борба против тоталитаризмот и отфрлање на фашизмот и комунизмот. И додека првата везден говори како либералната демократија е во криза, оваа вторава лукративен апологет на истата се обидува да не убеди во спротивното. Се разбира релативизирајќи притоа во нејзин стил, таа во духот на демократијата кажува дека е можна по смела форма на обединување, и тоа од долу нагоре и по пат на партиципативна или директна демократија. Пази богати, самонаречената јавна интелектуалка и влијателен мислител Колозова, да ти седнала таму некаде со некои практичари слични на неа, и по принципот на четам хаус се договориле за носење на заедничка платформа за акција со која ќе се оформи Граѓанско собрание на Европа, „бидејќи истата не била цела ниту во безбедносна ниту во цивилизациска смисла, но во исто време нема намера да го подрива процесот за проширување на ЕУ“. 

И сето ова да ти „било засновано на интеграција на граѓанството на Европа кое е анти-националистичко и го препознава наивитетот на XIX-вековниот суверенизам во ера на т.н. планетарна (не е веќе глобална) геополитика“. Меѓу другото Колозова се обидува да не убеди и дека „Собранието на граѓаните на Европа не се залага само за социјална правда, туку цврсто се залага и за класна правда, социјална правда која ги вклучува сите малцински права, од LGBTQI и женски права, до луѓе со посебни потреби, од културни и мигрантски малцинства и други човекови права, до права на животните.“ Пристапот пак на Собранието „ќе се разликувал од мејнстрим дискурсот на оваа тема, бидејќи критиката на капитализмот бил хоризонтална вредност која ги понижува споменати права“. Како и тоа дека ова Собрание „не припаѓало на мејнстрим дискурсот во поглед на методологијата и конзумеристичкиот модел на одбрана на идентитетските политики која ја практикуваат мултинационалните компании“. И пази богати, за крај Колозова вели дека ова Собрание „ќе се залагало за надминување на напредната фаза на капитализмот. И бидејќи овој пресврт се планира како процес врзан за технолошкиот развој, промената ќе биде на принцип на ‘непрекината револуција’, или со други зборови – забрзаниот капиталистички развој сам ќе не доведе до ‘конечната контрадикција‘ на капитализмот“. 

Но замислете притоа, во замена за падот на капитализмот кој само што не се случил, дотичната не нуди никаква алтернатива. И не само што во оваа историска контрадикторност на Колозова не веруваат ниту малите деца, туку таа покрај ова се обидува заедно со нејзините истомисленици од НВО естаблишментот да наметне мејнстрим мислење во Северна вукојебина Македонија дека истата ќе стане полноправна членка на ЕУ најдоцна до 2030 година, пред се поради геполитички причини. Но она што е најиритантно во ова академско писание на Колозова е сепак е сепак самото споменување на класната правда, бидејќи и самата таа како повластен припадник на високата средна класа не знае воопшто што значи класна борба и како навистина изгледа работничката класа денес и кои се нејзините приоритети во услови на суров капитализам. Напротив, таа и нејзе сличните повластени академици, припадници на интелектуалната елита, со децении ја збунуваат и онака фрагментираната работничка класа, на начин ништо поразличен од оној што го правеа во едни дамнешни времиња, едни други привилегирани академици и интелектуалци. 

Оние кои беа зачетници на идејата ‘долг марш преку институциите‘ со отфрлање на насилниот преврат и болшевичките методи на примена на сила во текот на Втората интернационала, кога Каутскиевите отпаднички софистрии и неговото потполно отфрлање на марксизмот, т.е. неговото претворање во Струвизам и Брентаноизам (буржоаско-либерална теорија која препознава исклучиво нереволуционерна класна борба на пролетаријатот), многу опасна софистика, ја доведе во огромна заблуда тогашната работничка класа во Германија, но и пошироко во Европа. Тоа се уфрлените тројански коњи на капиталот во редовите на академската заедница која имаат за задача да го амортизираат секој обид за будење на масите, наместо да го радикализираат нивниот револт. И гледате, ништо круцијално се нема променето во тој поглед, уште од времето на Плеханов, Каутски, Паннекук, а подоцна и претставниците на Франкфуртска школа, па се до денешните поп стар марксисти како Жижек, Пикети и останатите, кои од филозофијата направија поп култура, спрдајќи се на сметка на дијалектиката на Маркс, Енгелс, Дицген и останатите апостоли на марксистичката дијалектика. 

Но, дали забележувате? Додека Колозова се повикува на civisot, во исто време Ванковска се повикува на populusot и demosot, но ниту една од нив две не се повикува на proletariusot. Нешто што во случајов е сосема нормално ако се знае дека приоритетите се сосема други, па попатното споменување на класниот аспект на борбата очекувајте да биде само декларативно, или во најмала рака популистички. И колку и да се повикуваат тие на народот и граѓаните, сепак на крајот историската противречност ќе си го стори своето. Ванковска при нејзиното повикување на народот заборава дека истиот тој народ не одлучува, ниту пак владее под премисата за демократија која извира во Аристотеловата филозофија, за која таа како легалист се држи како слеп за стап (впрочем легалист е и оној чија партија ја кандидира за престојните претседателски избори), туку владејачката класа. Или како што ќе рече италијанскиот социолог Вилфредо Парето: „Илузија е да се верува дека наспроти владејачката класа стои народот. Не, наспроти владејачката класа стои нова идна аристократија, која се ослонува на народот.“ 

Колозова пак која се повикува на граѓаните, имајќи го во предвид нејзиниот елитистички пристап кон општествените и политичките процеси, заборава дека тој елитистички, граѓански, космополитски пристап е лимитиран при носењето одлуки во процесот на одвивање на општествените промени. Ексклузивен клуб на привилегирани граѓани кои не припаѓаат на масите. Американскиот историчар и општествен критичар Кристофер Лаш тоа најдобро го илустрира кога вели: „Дека елитата која се одалечува од базата, од народот, од територијата која треба да се чува (суверенитетот) губи легитимитет. Тие елити, инфицирани со повластици, затворени во себе, ја губат граѓанската крепост, завземаат снобовски, космополитски став и говорат за работи од кои народот нема потреба, не ги чувствува.“ Сепак тенденцијата во Северна вукојебина Македонија е таква, да овој пат граѓанската, односно НВО естаблишмент либерална демократија на Колозова и нејзините истомисленици и промотори на истата, ќе доживее класичен дебакл. 

Не затоа што популистичката демагогија на Ванковска (НАТО само што не се распаднал) далеку по прифатливо и по реално звучи на уво кај просечниот телевизиски гледач или подкаст слушател. Туку затоа што контекстот на времето во кое егзистира плебсот на оваа територија (на која и недостигаат неколку обележја за да биде држава) има потреба од популисти во кои гледа спасители на нацијата, која за жал во овие триесет и кусур години не успеа да ги избере носителите на идејата за создавање на државата. Напротив, одбра луѓе водени исклучиво од лукративни побуди кои успеаја дури државотворот да го однесат на ѓубриштето на историјата. Затоа сега народецов наш напатен во кампања ќе си слуша она што најмногу си сака, од тоа дека Трамп кога ќе дојде повторно на власт ќе го распушти НАТО, или дека има процедура за напуштање на оваа воено-политичка организација, преку раскинување на договорите со Бугарија и Грција и враќање на името, па се до тоа дека национализмот не припаѓа на десниот спектар. Да не го споменувам и повикувањето на ‘авторитети’ како Џефри Сакс и Микеле Герачи кои се олицетворение на најогавниот корпоративен свет. Популистички наратив во чија основа лежи стариот добар суверенизам, многу повеќе пожелен отколку евроатлантската демагогија на бранителите на либералната демократија.

За крај, не може Ванковска за себе да тврди дека не е демагог ако во исто време говори како за земјата која таа ќе ја претставува, како Претседател, ќе се залага да го напушти НАТО. Убедувајќи ја притоа јавноста дека тоа е можно, бидејќи во историјата тоа веќе еднаш го сторила Франција. Навистина несериозен “аргумент” од нејзина страна ако се знае дека е долгогодишен предавач на високообразовна институција за мировни студии. А што е уште повеќе трагично, сето тоа изговорено во ера на лесно достапни и проверливи информации, во конкретниов случај дали Франција навистина некогаш го напуштила НАТО. Историската вистина е сепак далеку од тоа, која говори како во месец март 1966 година францускиот претседател Шарл де Гол објавува дека неговата земја се повлекува од заедничките заповедни структури на НАТО, со што главниот штаб на Северно атлантскиот сојуз мора да се пресели од Париз во Брисел. Пред се се работи за идеолошка одлука на генералот де Гол како резултат на националниот гордост на Франција во однос на останатите членки, пред се САД и Велика Британија. Со оваа одлука размената на информации, како и движењето на вооружените сили и воената техника се замрзнува и со тоа се става мораториум на учеството во воени мисии под патронат на НАТО.

Сепак Франција никогаш не го напушти сојузот, како што тоа со децении се обидуваат да не убедат суверенистите. Дури и поранешниот претседател Саркози има јавно кажано дека дистанцирањето од НАТО и покрај тоа што било изразено низ годините, тоа во пракса никогаш не било спроведено. Впрочем, француските воени сили беа ангажирани во НАТО контингентите и во време на Студената војна и после завршувањето на истата. Доказ за тоа дека Франција никогаш не го напушти НАТО е самиот факт што таа од вкупно 36 НАТО-ви поверенства, во 16 од нив непрекинато учествува. Покрај тоа во последните две децении таа е четврти најголем НАТО-ов финансиер и петти најброен партиципиент во жива воена сила, со единствена автономија на управување со сопствениот нуклеарен арсенал. Од тука тврдењата на Ванковска единствено можат да се протолкуваат како ефтин политички популизам или во најмала рака обична демагогија. Во иста мера како и тврдењата дека Северна вукојебина Македонија нема потреба од ЕУ чија алтернатива ја гледа во Движењето на неврзаните или БРИКС. Како и да е, уште една забава за политички неписмените. Eppur si muove! 

Автор на текстот Гордан Стошевиќ