Објавено на 2 август 2020 од Il Grido del Popolo©
„Манифестот му оддава полна почит на капитализмот и неговата улога во минатото. Италијанската беше првата капиталистичка нација. Крајот на феудалниот среден век, мугрите на модерната капиталистичка ера, се обележани со еден голем лик, Италијанецот Данте, кој истовремено беше последниот поет на средниот век и првиот поет на новиот век. Денес, како во 1300-та година, започнува едно ново историско време. Дали Италија ќе ни го подари новиот Данте, кој ќе го објави часот на раѓањето на пролетерското време?“ – ќе напише во предговорот кон италијанското издание на Манифестот, Фридрих Енгелс на 1 февруари 1893 година.
Ми се чини Дантеовиот концепт за пеколот од неговата вонвременска Божествена комедија пред повеќе од 700 години, како да бил наменет за работничката класа која ќе се роди неколку векови подоцна, но не во задгробниот живот, туку во овоземниот. Место кое по сите карактеристики треба да биде резервирано за буржоазијата, особено третиот, четвртиот и деветтиот круг. Во реалниот свет беа потребни стотици години макотрпна борба со многу жртви, како би ги обрал плодовите на животот меѓународниот пролетаријат. Насекаде ширум светот земјата беше наквасена со многу крв и пот која се пролеа од работниците, кои платија голем данок, како пред индустриската револуција, така и после неа.
Нивниот успех во извојувањето на своите права беше плод на интернационалната борба ширум сите светски меридијани, и покрај отпорот кој го пружи буржоазијата. Историјата покажа и докажа дека борбата на двете спротивставени страни е неминовен историски процес. Или историјата на сите досегашни општества е историја на класни борби, како што ќе напише Маркс. И наместо историјата да биде судија, а пролетаријатот извршител на пресудата, ние сме денес сведоци на дијалектичка негација на историската неизбежност во борбата помеѓу двете класи, буржоаската и работничката.
И наместо да очекуваме континуитет во перманентната борба на работничката класа за остварување на своите цели, ние треба да очекуваме нејзина потполна егзекуција поради нејзиниот конформизам. Тоа е така бидејќи своето историско право дали ќе го искористи или не работничката класа, не зависи само од неа, туку највеќе од подготвеноста на буржоазијата да отстапи пред нејзините легитимни барања. Затоа индиферентноста на пролетаријатот секогаш го води во подредена положба во поглед на позициите наспроти својот класен непријател, буржоазијата. Капиталот не само што нема да отстапи пред барањата на работниците, туку ќе им се спротивстави со сите расположливи средства како би ги одвратила во намерата. Тој нема да се поколеба да побара помош во редовите на најреакционерните слоеви на општеството, затоа што секогаш целта ги оправдува средствата.
Имено, деновиве во македонската јавност проструи информацијата која доаѓа од редовите на коалицискиот партнер на СДСМ во новата влада, каде се бара поправедна застапеност на работниците во приватниот сектор по национална припадност, конкретно на оние од албанската заедница. Ваквиот непристоен предлог воопшто не ме изненадува со оглед на спрегите помеѓу политиката и капиталот. Од тука и ваквата поделба на работничката класа по етничка линија, алудирајќи се на застапеноста по Рамковен. Како да им беше малку систематското уништување на работничката класа во изминативе 30 години, девастирајќи по сите основи, па уште бараат укинување на нејзината самоидентификација.
И сето ова не ќе беше толку трагично доколку не постоеше отсуство на длабока дијалектичко-материјалистичка анализа во основите на класната борба и историскиот контекст на спротивставеноста помеѓу двете класи, експлоататорската (буржоаската) и експлоатираната (работничката). Тоа е резултат на политичко-идеолошкото застранување на левицата, во чија популистичка реторика примарно место имаат други целни групи, или пак таа воопшто не припаѓа на левиот политичко-идеолошки спектар. И секогаш кога левицата не била заинтересирана за проблемите на работничката класа, тука се либералите и десницата да го пополнат нејзиното место со задача да ја доведат до заблуда работничката класа во борбата за своите права.
Она што секогаш го превидуваат апологетите на капиталот е тоа што пролетаријатот нема свои национални обележја, бидејќи тој не се врзува со нација, туку со одредена територија на која што тој живее од неговиот физички и интелектуален труд. Суштината на проблемот лежи во експлоатацијата.
Сѐ додека постои експлоатација на еден човек од друг човек ќе постојат и класи. Затоа, надминувањето на експлоатацијата внатре во една нација ќе доведе до укинување на самата експлоатација на една нација од друга нација, бидејќи експлоатацијата на еден народ од друг народ е само дел од сеопштата човекова експлоатација во историјата. Ова е круцијалното прашање кое мора да го разберат „заштитниците“ на работничката класа кои мислат дека со поделба по етничка линија на истата, засекогаш ќе биде решена нејзината егзистенција. Тоа што на сметка на една национална заедница ќе се протежира друга национална заедница, внатре во самата експлоатирана класа, е само продолжување на агонијата на „привилегираната“ работничка класа која во националната борба ја гледа својата победа, наместо во класната.
Ваквата кусогледост, не само што е status quo за работничката класа, туку е своевидна реакција внатре во работничкото движење кое оди само во корист на капиталот. Истиот оној капитал, кој секогаш кога ќе се најде во криза покренува војни во кои прва ќе биде втурната работничката класа. Затоа, пролетаријатот како класа сама за себе нужно не се идентификува со било која нација, бидејќи ја надминува нацијата онолку колку што класната борба, која е морална, затоа што е универзална, ја надминува секоја војна, која е неморална, затоа што е партикуларистички насочена и се води без согласност на борците, заснована на нешто што тие не можат да прифатат.
Од тука, борбата на пролетаријатот мора да биде насочена исклучиво против капиталистичката владејачка класа, без внатрешни поделби по било која основа. Бидејќи во случајов и работникот Македонец и работникот Албанец се во подредена положба во однос на буржоазијата, која покрај наднационалниот интерес може да поседува и национален сентимент.
Затоа во стилот на лионските ткајачи, како никогаш досега на работничката класа и е потребно обединување и збивање на нејзините редови во борбата против нејзиниот експлоататор, буржоазијата:
„За владеење треба да имаш
наметка или шал околу вратот
кои за вас ги ткаеме, о моќници
а немаме ниту покривка за погреб
ние, работниците, сме сосема голи.
Кога ќе пристигне нашето царство
кога ќе пропадне вашето царство
ќе му ткаеме наметка на стариот свет
веќе се слуша татнежот на бунтот
ние, работниците, повеќе нема да одиме голи.“
Автор на текстот Гордан Стошевиќ