Објавено на 20 мај 2021 од Il Grido del Popolo©
Во изминативе неколку месеци како голем подржувач на евро-атлантските процеси во Македонија се јавува извесен Меѓународен институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС) од Љубљана. И се ќе беше добро ако овој Институт кој троши народни пари, односно пари од џебот на даночните обврзници во Република Словенија, не се служи со фабрикувани полувистинити текстови и нарачани анализи и анкети. Ако внимателно се погледне творечкиот опус на овој Институт може да се види дека при публикациите на текстовите неретко се забележува отсуство на авторство на истите. Факт кој само го потврдува бегањето од лична одговорност за изнесените поедини ставови како многу пати до сега. Нешто за што сведочат и написите во неколку балкански медиуми, каде меѓу другото се бара деманти од овој Институт, или пак упатуваат реакции по повод на изнесени тврдења без покритие, а во неколку случаи се покренати и тужби против истиот.
Имено, овој Институт, поточно луѓето кои го водат, си замислуваат и ласкаат дека се некаков труст на мозоци (think-tank) остварувајќи соработка со неколку меѓувладини организации, високообразовни државни институции и мрежи за комуникација, помеѓу кои и Центарот за стратегиски истражувања при Министерството за надворешни работи на Република Турција, Институтот за напредни студии по геополитика и применети науки во Рим, Меѓународната организација (ЕДУ) со седиште во Брисел, Истражувачкиот центар за европски и американски студии во Атина, Балканската комуникациска мрежа, Центарот за меѓународни односи со седиште во Вашингтон, Светската безбедносна мрежа со седиште во Њујорк, Глобалната мрежа на вести со седиште во Њујорк, Компанијата за консалтинг Gulf State Analitics со седиште во Вашингтон, Приватниот универзитет Methodologica Governance во Париз, и Универзитетот во Сараево.
Фото: Будимир Лончар и Маргарет Тачер / извор: Архива
Структурата на Институтот едно време ја сочинуваат др. Крег Смит, поранешен политички директор на Белата куќа, во својство на Претседател на ИФИМЕС-овиот Совет, Камила Хабсбург – Лотринген, натвојвоткиња на Австрија и принцеза од Тоскана, во својство на директор и личност со правна одговорност во ИФИМЕС, Зијад Беќировиќ, генерален директор на Институтот и човек задолжен за односи со ЕУ, Бахтијар Аљаф, директор и експерт за блискоисточни прашања, Будимир Лончар, поранешен министер за надворешни работи на СФРЈ (1987-1991), како Претседател на Советодавниот одбор, во кој помеѓу останатите членови стојат и имињата на поранешниот Премиер на Србија Зоран Живковиќ, кој е воедно и Потпретседател на Одборот, потоа др. Ефраим Лапид, бригаден генерал во резерва и припадник на разузнавачкиот оддел на IDF, исто така во својство на Потпретседател на Одборот, генерал Благоје Граховац, поранешен воен пилот и помошник на началникот на Генералштабот задолжен за авијација, др. Ханес Свобода, австриски политичар и поранешен водач на европските социјалдемократски партии во Европскиот парламент, генерал Корнелиу Пивариу, поранешен главен шеф на воено-разузнавачката служба на Романија, Марк Р. Пачеко, американски сенатор од Масачусетс, и уште неколку други помалку или повеќе истакнати личности во своето работење, а сега во својство на членови на Советодавниот одбор на ИФИМЕС, за чиј пак почесен Претседател е избран поранешниот член на Колективното претседателство на СФРЈ, а подоцна и претседател на Република Хрватска, Стјепан Месиќ.
Меѓутоа, и покрај ваквите звучни имиња кои членуваат во Институтот, анализите кои доаѓаат од таму треба да се земаат со голема резерва, бидејќи како што вели хрватскиот Јутарњи лист, „се објавуваат периодични анализи за состојбата во земјите од регионот кои се тенденциозни, повеќе со шпионски отколку со аналитички карактер“. Додека пак Слободна Далмација пишува „како еден од директорите, Бахтијар Аљаф, воопшто не спроведува истражување на јавното мислење, туку само објавува резултати спрема потребите на нарачателот“.
Фото: Хенри Кисинџер и Будимир Лончар / извор: Архива
Во морето на нарачани текстови полни со лаги и невистини секако предничи двоецот директори, Зијад Беќировиќ, Босанец со сомнително минато и словенечка адреса на живеење, и Бахтијар Аљаф, етнички Курд од Северен Ирак кој исто така живее и работи во Словенија. Инаку подолго време бизнис партнер на првоспоменатиот. Она што е уште интересно а поврзано со овој Институт, е ангажманот на поранешниот шеф на дипломатијата на СФРЈ, Будимир Лончар, кој како што вели во едно интервју за Слободна Далмација „луѓето во ИФИМЕС воопшто не ги познава и не е одговорен за нивната работа, а за функцијата која му ја предложил неговиот добар пријател Стјепан Месиќ, не добива никаква парична надокнада“. Овој дипломат од кариера уште додава „дека пред да ја прифати понудата од Месиќ за функцијата во ИФИМЕС оди во Љубљана да го праша Милан Кучан дали да ја прифати истата, но и за каков Институт се работи, на што Кучан му одговара дека Институтот нема богзнае каква репутација, но дека може да ја прифати фунцијата“.
Како што и споменав на почетокот од текстот, овој Институт троши народни пари и на големо е финансиран од компании со доминантен државен капитал како и јавни претпријатија и државни институции. Еве само дел од нив: Pošta Slovenije, Electro Ljubljana, Gospodarsko razstavišče, Slovenijales, Termoelektrarna Toplarna Ljubljana, GEN Energija d.o.o., Geoplin, Holding Slovenske Elektrarne d.o.o., Krka, Istrabenz, Droga Kolinska, ELES d.o.o., Regionalna razvojna agencija – Ljubljanske urbane regije, Družba za avtoceste v Republiki Sloveniji, Javno podjetje Energetika Ljubljana d.o.o., институции како Општина Копер, Општина Љубљана, Канцеларијата на Председателот на Република Словенија, Министерството за надворешни работи на Република Словенија, Министерството за одбрана на Република Словенија, Јавната агенција за цивилно летање на Република Словенија, Агенцијата на Република Словенија за јавноправна евиденција и услуги, и Радиотелевизија Словенија – јавен завод, Љубљана.
Фото: список на финансиери на ИФИМЕС / извор: пишува на фотографијата
И не само што за своето работење овој Институт троши народни пари, туку ваквото негово работење во најголем дел се користи за оцрнување на сите оние кои не се согласуваат со експанзионистичката политика на НАТО во Европа, обвинувајќи ги притоа за сојузништво со Русија. Ваквите изнесени паушални тврдења на овој минорен Институт и не би биле толку лицемерни доколку не се водени од двојниот аршин на толкување на политиката како по примерот на секојдневните написи кои се однесуваат на Виктор Орбан, Јанез Јанша, Никола Груевски, Милорад Додик и Мило Ѓукановиќ, за разлика од нивниот бизнис компањон Александар Вучиќ, кого го воспеваат како најголем фактор на мирот и стабилноста во регионот.
Перо Симиќ, советник на Милорад Додик, во едно свое излагање во српскиот дневен весник Данас како одговорр на реакцијата на Зијад Беќировиќ по повод неговиот претходен текст во истиот весник, пишува дека нема намера воопшто да полемизира со Беќировиќ. Велејќи „како Институтот го користи за негово лично богатење, но и дека премолчал многу работи за него, помеѓу кои и тоа дека Беќировиќ добил одредена сума на пари во Белград за да објави истражување во кое ќе ги валка Додик и Орбан, како и за наводни наплати на долгови за словенечки фирми во Македонија, каде Беќировиќ е богато награден, по што ќе започне со хвалоспеви за Зоран Заев како за отворен и прагматичен политичар кој ја менува политичката парадигма на Балканот“. Во тој контекст би го споменал и објавувањето на анализата од страна на Институтот на 13 септември 2018 година, по повод референдумот во Македонија кој следува на 30 септември истата година. Во оваа фингирана анализа која се занимава со истражување на јавното мислење во Македонија пред самото одржување на референдумот за прифаќање на Договорот за името помеѓу Македонија и Грција потпишан на 17 јуни 2018 година, меѓу другото е направена и анкета на репрезентативен примерок од 1218 испитаници.
Фото: графикон кој го објаснува начинот на известување на ИФИМЕС / извор: Интернет
Имено, во оваа анкета која е направена во периодот од 1 до 10 септември, помеѓу 10-те прашања особено контрадикторни се резултатите при третото и четвртото, каде се забележува нелогичност или во најмала рака манипулација со јавноста, со оглед на тоа што подоцна на референдумот ќе излезат едвај 38% од регистрираните гласачи. Процент далеку помал од оној кој е наведен во резултатите на анкетата, што само укажува на фактот дека е тенденциозно целото ова истражување. Несоборлив доказ дека позади оваа манипулативна анализа стојат нарачатели и одредени интереси, кои упатуваат сите знаеме каде. Околу „објективноста“ на предметните анализи на овој минорен Институт досега се имаат произнесено и неколку медиумски организации и платформи кои се занимаваат со проверка на факти и откривање на дезинформации, лажни вести и мисинформации.
Една од нив секако е и Дигиталниот форензички центар (ДФЦ) во Подгорица, кој е проект ни помалку ни повеќе, туку на Атлантскиот сојуз на Црна Гора, кој се занимава со сузбивање на проблемите како резултат на дигиталната и медиска неписменост и подигање на свеста во медиумскиот простор. Во обемна анализа на овој Центар, а во врска со работењето на Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС) се забележуваат многу недоследности и тврдења на Институтот, како и пристрасно покривање на одредени теми и променлив однос спрема одредени случувања и учесници во краток период. Меѓу другото Центарот констатира, „дека при анализите на ИФИМЕС (позади кои многу често не стојат авторски имиња м.з.) се користи речник кој не е примерен за академско истражување на Институт, на кое често се повикуваат, и чие што име сугерира на влијание, покрај стручност и професионалност“. Помеѓу многуте забелешки на ДФЦ околу известувањето на ИФИМЕС се потенцира и на „очигледното и нескриено фаворизирање на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој е прикажан како жртва на активности на разузнавачки служби од регионот“.
Фото: дел од наративот на ИФИМЕС / извор: Интернет
ДФЦ не пропушта да ја истакне „недоследноста и разликата во изготвувањето на анализите од страна на ИФИМЕС, како и разликите и промените во тонот на пишување за поединечни држави и политичари“. За ова сведочи токму односот спрема Александар Вучиќ, кој од фактор на нестабилност на Балканот, после средбата со Зијад Беќировиќ одржана во Белград на 12 февруари 2019 година, станува единствен фактор на мирот и стабилноста во регионот. Ова и не би било толку контрадикторно и лицемерно ако се знае дека само до пред таа средба ИФИМЕС на Беќировиќ пишува дека Вучиќ води деструктивна и шизофрена надворешна политика, создавајќи кризи и проблеми во земјите од регионот, како би се подоцна заедно со министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ понудиле да ги решаваат. Од друга страна пак Мило Ѓукановиќ од лидер кој воспоставува хармонични односи со сите етнички заедници, но и креира одлична макроекономска политика на земјата, после состанокот Вучиќ – Беќировиќ се претвора во човек на раздорот и водач на криминални структури кои се закана за безбедноста на регионот, додека пак неговата клеронационалистичка реторика штетна по угледот на НАТО.
Промената на ставовите на ИФИМЕС и неговиот директор Зијад Беќировиќ не се огледува само во оценките на Александар Вучиќ и Мило Ѓукановиќ, туку и во оние за Зоран Заев, кого Институтот го претставува како „светла точка на регионот“. Афирмацијата на погубната политика на Заев од страна на овој Институт започнува после неговото доаѓање на власт во месец април 2017 година, или поточно од месец јули истата година, која во наредните години уште повеќе ќе се интензивира откако Зијад Беќировиќ, Бахтијар Аљаф и Владо Димовски ќе станат советници во владата на Заев. Подршка која трае и до ден денес и покрај тоа што веќе не се дел од советничкиот тим, особено по актуелизирањето на билатералниот спор со Бугарија, во кој ИФИМЕС ја гледа Македонија како жртва на уценувачката политика на источниот сосед, кој од позиција на членство во ЕУ демонстрира сила.
Фото: Зијад Беќировиќ и Александар Вучиќ / извор: Архива
Ваквото нагло свртување во анализите на Институтот ги потврдува и некогашниот негов соработник, а денес ангажиран математичар во една реномирана бостонска осигурителна куќа, аналитичарот и публицист Мухамед Бороговац во едно интервју за весникот Дневне новине, каде меѓу другото вели „дека ваквиот начин на работа на Институтот упатува на сомнежи за инфилтрирање на српски агенти во него“. Бороговац уште потсетува и на пишувањата на ИФИМЕС во очи на предвремените парламентарни избори на Косово од 6 октомври 2019 година, каде помеѓу останатото во текстот кој не е авторски потпишан, на чист српски јазик (екавица) може да се препознае „усвојување на српската терминологија од страна на ИФИМЕС по прашањето за Косово, т.е. српската вистина, каде стои дека косовските политичари се криминалци и воени злосторници, а претседателот Александар Вучиќ е опишан како српски светец. Она што е исто така симптоматично, е повлекувањето на паралелата помеѓу Додик и Ѓукановиќ од страна на ИФИМЕС, каде што се тврди дека тие двајца за разлика од Вучиќ, се дестабилизирачки фактор на Балканот.
И се ќе беше поинаку ако ваквата паралела се однесуваше на Вучиќ и Додик, како на главни синхронизирани експоненти на рускиот фактор на Балканот, кои преку дестабилизација на Црна Гора после донесувањето на Законот за за слобода на вероисповеста, и вадењето на литијашите на улиците ширум Црна Гора, имаа за цел да створат слика на етнички поделена Црна Гора, земја која по зачленувањето во НАТО ги расипа односите со Русија, благодарение на политиката на Ѓукановиќ. Истиот оној злосторнички воен пакт кој во 1999 година ја бомбардираше суверена СР Југославија без одлука на Советот за безбедност на Обединетите нации, а чии атлантски вредности денес застапува ИФИМЕС, кој притоа редовно сугерира на руската опасност по Балканот. За руското влијание на Балканот, особено во Босна, во која патем деновиве НАТО трупите несметано маршираат, дури и низ ентитетот Република Српска, повторно се изјасни самопрокламираниот геополитички аналитичар Зијад Беќировиќ, кој не пропушти да го критикува однесувањето на рускиот амбасадор во Бих, велејќи дека се однесувал како да е амбасадор во Сирија а не во Босна.
Фото: Зијад Беќировиќ и Реџеп Таип Ердоган / извор: Архива
Она што е уште за одбележување е заминувањето на Будимир Лончар и Стјепан Месиќ од ИФИМЕС. Овие некогашни високо рангирани политичари и дипломати од кариера, луѓе со политички интегритет, не можеле да се помират со фактот што во нивно име на таков пристрасен и необјективен начин во анализите на Институтот се нотираат просрпски интереси, поради што се одлучуваат да заминат од него. Очигледно е дека двајцата угледни членови на овој фантомски Институт, кому патем му е доделен Специјален консултативен статус на ОН во седиштето на организацијата во Њујорк на 19 септември 2018 година, не ги одобруваат фабрикуваните аналитички текстови на директорите Зијад Беќировиќ и Бахтијар Аљаф. Директори кои нивните ноторни лаги успеале дебело да ги наплатат, за што сведочат и написите за финансиски дубиози поврзани со ИФИМЕС, кој во периодот 2011-2016 година на Општина Копер и продава шест студии во вредност од 69 132 евра, студии кои не се ставени на увид на јавноста. Финансиска афера со која подетално се занимава во тоа време словенечкиот интернет портал Pod Črto, медиум кој се занимава со податковни информации од јавно значење.
Во друга пак анализа од 2016 година спроведена од страна на државниот сервис RTV Slo, се укажува на истата финансиска малверзација од страна на ИФИМЕС и Зијад Беќировиќ, каде под превезот на деловна тајна со овој договор е оштетена градската каса. Имено, во истиот тој мега финансиски скандал се вплеткани и тогашниот градоначалник на Копер Борис Попович, и директорот на комуналното јавно претпријатие Гашпар Мишич, двајцата блиски пријатели со Зијад Беќировиќ. Целиот случај добива предзнак бизарен, од проста причина што во договорот за изготвување на анализата стои барање за истражување на погребните обичаи на муслиманите, Евреите и православните во тој град, каде според официјалната статистика се бележат едвај по пет случаи на муслимански погребни обреди на годишно ниво. На ваквата банална потреба на градските власти за правење на анализа од страна на ИФИМЕС, која притоа ја има наплатено цели 11 000 евра, пари на граѓаните на Копер, се има зачудено и самиот претседател на Исламското здружение во градот, додека пак опозицијата обвинува за директно финансирање со народни пари на ИФИМЕС и неговиот директор Зијад Беќировиќ.
Фото: Зоран Заев и Зијад Беќировиќ / извор: Архива
За Зијад Беќировиќ, директорот на ИФИМЕС се врзуваат уште безброј афери, помеѓу кои и онаа со сомнителниот докторат за што пишуваат некои регионални медиуми, но и онаа со одликувањето на поранешниот градоначалник на дистриктот Брчко, Драган Пајиќ за најдобар градоначалник од страна на ИФИМЕС. Пајиќ кој подоцна ќе биде уапсен во акцијата насловена Бинго насочена кон сузбивање на корупцијата и злоупотребата на службената должност и овластување, а потоа и осуден на еден месец казна затвор поради злоупотреба на службената положба и примање мито (одлука на Судот која подоцна ќе биде заменета со парична казна) е всушност близок бизнис партнер на Зијад Беќировиќ. Како што пишуваат во тоа време регионалните медиуми, Беќировиќ преку својот најдобар бизнис партнер кого патем го одликува за најдобар градоначалник во Босна, се обидува да отпочне бизнис во градот во кој некогаш живеел, „наводно отварајќи словенски универзитет во просториите на поранешните индустриски капацитети на уништениот Интерплет, заедно со самопрокламираниот масон и голем мајстор на Големата масонска ложа на Бих, др. Едвин Дервишевиќ.
Сепак слободните ѕидари Едвин и Зијад не успеваат во намерата на вториот, секако со помош на неговиот бизнис компањон, а подоцна и осуденик Драган Пајиќ, да исперат неколку милиони евра. Во интерес на просторот и времето не би сакал повеќе да се занимавам со „авторитетот“ на ИФИМЕС и неговиот директор Зијад Беќировиќ, кој како што може да се забележи нема никаков кредибилитет и легитимитет да говори за наводни заговори од типот на оној насловен како операција „Коњски скок“ со која се планира дестабилизирање на Македонија и враќање на бегалецот Никола Груевски на власт. Разузнавачка операција чиј центар ни помалку ни повеќе се наоѓа во Будимпешта, а во која се вклучени неколку шефови на држави кои се сојузници на Никола Груевски, претежно од европската радикална десница, алудирајќи пред се на Виктор Орбан и неговиот близок пријател Јанез Јанша, но и на некои бугарски политичари. Беќировиќ исто така нема никаков кредибилитет и легитимитет да зборува за државната политика на Борисов, Вучиќ, Додик, Ѓукановиќ, Заев, Курти, Милановиќ, Рама, или било кој друг вазалски политичар од земја чиј суверенитет одамна е надвор од нејзина контрола, од позиција на неговиот исто така вазалски статус кој го има пред империјалистичкиот и злосторнички НАТО пакт.
Фото: Зоран Заев во друштво на Бахтијар Аљаф и Зијад Беќировиќ / извор: Архива
Најмалку пак од се имаат право Зијад Беќировиќ и неговиот гебеловски центар за пропаганда ИФИМЕС да зборуваат за наводното руско влијание преку т.н. руски свет синтагма на која се повикувала онаа на српски свет за која се повеќе говори првиот полицаец на Александар Вучиќ, неговиот имењак Александар Вулин. Како и за афирмацијата на руската доктрина на Владимир Путин за Балканот, упатувајќи ги подржувачите на истата на „фактот“ дека архитектурата на границите во регионот била завршена уште во 2008 година, алудирајќи на се по најавените гласини за промена на границите на Балканот после излегувањето на неколкуте неслужбени нон-пејпери кои циркулираат во изминативе неколку недели, а за кои „експертот“ Зијад Беќировиќ исто така има свое видување.
Од ова може само да се заклучи дека самопрокламираниот геополитички аналитичар Зијад Беќировиќ (бизнисмен по професија) не само што слугува на апаратот на воениот светски хегемон НАТО, туку очигледно не е свесен за поставеноста на односот на силите во новиот мултиполарен свет, каде свое место се повеќе завземаат воено економските супер сили како НР Кина и Русија, кои повеќе од сигурно пенетрираат во просторот на кој империјално и колонијално право до сега уживаа земјите на капиталистичкиот запад. И за крај, кратковидоста на ИФИМЕС и неговиот директор Зијад Беќировиќ досега до таму до каде што досега нивното непознавање на историскиот дијалектички материјализам кој најдобро сведочи за историските токови, каде формирањето и оддумирањето на државите и нациите е жив и динамичен процес, подложен на обликување сходно егзистенцијалниот и историскиот контекст во даден момент.
Автор на текстот Гордан Стошевиќ