Тимоти Лес: Опстанокот на Северна Македонија е неизвесен, иако мислам дека ова се должи на длабоки структурни проблеми, а не на резултатите од изборите во Бугарија

Фото: Timothy Less @i038d.org

 

Објавено на 7 јули 2021 од Il Grido del Popolo©

 

Тимоти Лес е водечки истражувач при Центарот за геополитика во рамки на проеткот за Дезинтеграциски студии (Centre for Geopolitics’ project on Disintegration Studies). Неговото истражување се фокусира на дезинтеграција на постојниот политички поредок во Европа, силите што го движат овој процес и новиот политички поредок. Во моментов изготвува програма за истражување на Балканот бидејќи актуелните спогодби и односи во регионот се соочуваат со растечка тензија. Ова се надоврзува на неговото докторско истражување за прашањето околу опстанокот на Босна како држава.

Надвор од Центарот (CfG), Тим работи како консултант специјализиран за политика во Источна Европа и често зборува и пишува за европската политика во медиумите. Претходно, тој помина една деценија работејќи како аналитичар, дипломат и креатор на политики при британската канцеларија за надвоершни работи, каде што, меѓу другото, ја водеше канцеларијата на британската амбасада во Бања Лука (Босна) и одделот за институции на ЕУ во Лондон. Тој е исто така поранешен предавач по источна европска политика на Универзитетот во Кент и поранешен аналитичар на ризици за финансискиот сектор.

 

Деновиве политиката на Балканот е вознемирена од таканаречениот нон-пејпер, кој наводно доаѓа од кабинетот на премиерот на земјата што го презема шестмесечното претседателство со ЕУ од 1 јули, нешто што беше целосно негирано од премиерот на Словенија Јанез Јанша и неговиот кабинет. Што мислите, дали постојат некои европски центри на моќ зад овој нон-пејпер што не ја сакаат политиката на Јанша, која е на свој начин блиска до онаа на Виктор Орбан и Владимир Путин?

 

ТЛ: Оваа вест е мистериозна. Не е сосема јасно кој и зошто го напишал нон-пејперот. Единствено околу тоа што можеме да бидеме сигурни е реакцијата до истиот. Некои, како што се босанските Срби, активно ја поддржаа идејата на весникот за реорганизација на Западен Балкан. Повеќето влади не коментираа непосредно, што значи дека или не се противат на предлозите или воопшто не им е грижа. Либералите и анти-националистите, особено во Германија, ја презираат идејата за прекројување на границите долж национална линија; Вашингтон, кој е одговорен за тековната регионална спогодба, не сака да се доведува во прашање неговиот авторитет; и регионалните групи како што се Бошњаците и Македонците одбиваат каква било мерка на сметка на сопстеваната територија.

Мојата најдобра претпоставка е дека членовите на високото раководство во Словенија, вклучително и премиерот и претседателот, се убедени дека е потребно преуредување на Балканот така што со завршување на претседателството на Трамп, заклучија дека Европа мора да преземе иницијатива ако ова е можно да се случи. Бидејќи Словенија треба да го преземе претседателството со ЕУ, тие ја искористија можноста да ја промовираат идејата, разговараа со други засегнати страни на Балканот како што се Србија, Хрватска, Унгарија и Австрија, и најдоа поддршка за идејата за основање на (преуредени) нациоанлни држави.

Сепак, се сомневам дека Љубљана отсекогаш била свесна за противењето на друго место во Европа и прифатила претпазлив пристап кој вклучувал ставање на идејата во политичкиот домен во форма на анонимен нон-пејпер со цел да се тестира меѓународната реакција. Кога Љубљана се соочи со ова спротиставување, го негираше „авторството“ на овој документ, што на крајот и се случи.

 

Во еден момент, во некои од вашите геополитички анализи, презентиравте донекаде контроверзни, но многу смели ставови за ревизијата на границите на земјите од Западен Балкан во нивните национални територии. Дали овие ваши ставови се релевантни денес?

 

ТЛ: Да, секако. Ниту основниот проблем ниту решението се променети. Западен Балкан е оптоварен со неисполнетата желба на Србите, Албанците и другите да основаат национални држави и не може да има траен мир или значаен развој сѐ додека не се исполни тој стремеж.

Западните сили, кои во последна инстанца ги одредуваат резултатите на Балканот, танцуваа и „мижеа“ околу ова прашање со години, обидуваќи се со различни решенија, како што се обид за интеграција на регионот во ЕУ, избегнувајќи ги реалните регионални проблеми. Очигледна е поентата дека проблемот со нерешаната државност на нацијата може да се реши само со формирање на национални држави, иако дипломатите и „балканските експерти“ се чини дека не ја гледаат.

Некое време ја водевте канцеларијата во Босна, така што добро ги познавате тамошните можности на политичката сцена, како што добро ги познавате и во Македонија, каде што некое време работевте како дипломат. Овие две земји, покрај меѓународниот протекторат на Косово, се всушност фокусни точки на Балканот и Европа во однос на безбедноста. Дали Босна и Македонија сѐ уште се дисфункционални држави со дисфункционални институции кои можат во секој момент да предизвикат и дезинтеграција на регионот?

ТЛ: Да, тие се очигледно дисфункционални и од очигледна причина: интересите и целите на Србите и Хрватите се во спротивност со оние на Бошњаците, додека интересите на Албанците се во спротивност со оние на Македонците. Тешко е во такви околности да се донесат одлуки за какви било прашања од вистинска важност.

Сепак, не ја прифаќам претпоставката дека оваа институционална дисфункционалност ќе предизвика крај на оваа политичка разврска на Балканот, за што докажува повеќедецениското оддржување на регионалните граници и покрај институционалната дисфункционалност во Босна и Северна Македонија. Односно, главниот ефект беше и сѐ уште е застој на политичкиот и економскиот развој на регионот на сметка на сите.

 

Во меѓувреме се случија неколку политички промени на овие простори. Политичарите како Тачи и Харадинај се веќе јавно осудени на Косово, додека пак Албин Курти, новата водечка фигура на Косово, лидер на партијата Ветевендосје (Vetëvendosje), за време на својата кампања зборуваше за можен референдум за обединето Косово со Албанија, во случај меѓународната заедница да не ја дозволи целосната интеграција на Косово. Колку сериозно може да се сфатат овие негови изјави?

 

ТЛ: Изјавите на Курти се јасен показател за тоа како размислуваат тој и другите во Приштина. Неизвесната состојба на Косово е очигледно неподнослива, но нивната претпочитана опција за независност е невозможно да се постигне без признавање од Србија. Нормално, освен ако Србија не ја смени својата позиција, што нема да го стори без Република Српска како компензација, Косово нема вистинска алтернатива во однос на обединувањето со Албанија.

Сепак, ова е комплицирано. Главната потешкотија е недостаток на меѓународна поддршка за обединување на Албанија и Косово. Албанија е претпазлива за противењето од Белград и сигурно не сака војна со Србија околу иднината на Косово. Исто така, проблем е и дека Албанија е длабоко криминализирана и корумпирана, такашто Курти би сакал да биде добро управувана држава пред да ѝ даде на Тирана каков било суверенитет над животот на косовските Албанци.
Севкупно, не очекувам некакво непосредно обединување на Албанија и Косово. Наместо тоа, поверојатно е дека двете ќе направат мали чекори во оваа насока и дека идејата за национално обединување ќе добие сѐ поголема важност кај Албанците, во очекување на позитивно достигнување на подолг рок.

 

На неодамнешните избори во Албанија, владејачката Социјалистичка партија на премиерот Еди Рама победи убедливо и обезбеди трет мандат по ред. Со оглед на тоа што Рама и српскиот претседател Вучиќ се најголемите застапници на проектот „Мал Шенген“ на Балканот, дали оваа изборна победа е потврда за формирањето на тој проект по француската блокада на Албанија и Македонија на патот кон ЕУ?

 

ТЛ: Повторното изгласување на Рама е значајно бидејќи тој е заинтересиран за „Мал Шенген“ проектот и веќе работи со Вучиќ за да се обиде и реализира ова. Сепак, проектот не зависи само од Рама, туку е основен национален интерес, и независно од тоа кој е премиер во Албанија – ќе биде обврзан да го оствари. Земјата е во неволја, бидејќи нејзината кандидатура за членство во ЕУ не успеа, оставајќи повеќе проблеми нерешени. За економски развој, Албанија треба да биде дел од поголем пазар и Малиот Шенген ја нуди таа можност. Албанија исто така треба да ги интегрира косовските Албанци, кои се очигледно во неволја, а воспоставувањето регионална организација што ги отстранува меѓународните граници може да помогне околу ова.

 

Покрај Босна и Косово, растечки проблем за меѓународната заедница е билатералниот спор меѓу Македонија и Бугарија околу идентитетот, јазикот и историјата на македонската нација и држава, кои се оспорувани од Софија. На последните оддржани парламентарни избори немаше јасен победник, а новите избори се сè поизвесни. Дали овој развој се заканува да ја загрози стабилноста на Македонија како најсиромашна земја во Европа, но и на целиот регион загрозувајќи го нејзиниот опстанок како независна држава?

 

ТЛ: Се согласувам дека опстанокот на Северна Македонија е неизвесен, иако мислам дека ова се должи на длабоки структурни проблеми, а не на резултатите од изборите во Бугарија минатиот месец. Земјата е слаба: мала, сиромашна, без вистински меѓународни сојузници, надворешно оспорувана од Грција и Бугарија и внатрешно оспорувана од големото албанско малцинство.

Според мене, иднината на државата есенцијално зависи од прашањето за Косово или поточно, формирањето на албанска национална држава составена од Косово и Албанија. Ако, и кога ова ќе настане, Албанците во Северна Македонија ќе сакаат да ѝ се придружат, оставајќи го остатокот од земјата изложен на апсорпција од Бугарија или поделба меѓу нејзините соседи.

Во такви околности најдобрата опција за Северна Македонија е да побара заштита од Србија, која барем го прифаќа постоењето на земјата. Ова не е она што Македонците го сакаат на кој било начин: тие повеќе сакаат да обезбедат долгорочен опстанок на земјата со влез во ЕУ. Сепак, практично, раководството во Скопје се чини дека призна оти Србија е клучот за нејзиниот опстанок – па оттука и ентузијазамот за проектот Мал Шенген.

 

Политичката и безбедносната состојба во Украина станува се порелевантна и затоа фокусот на меѓународната заедница е на периферијата на Европа. Новата американска администрација е повеќе фокусирана на овој проблем отколку од онаа на Трамп, а помалку на балканскиот, кој се чини останува во рацете на Европејците. Дали овој пристап во приоритетите на политичките прашања ја покажува подготвеноста на Соединетите Држави во управувањето со кризи во споредба со неодлучноста на ЕУ?

 

ТЛ: Тука се случуваат неколку работи. Точно е дека САД се подобро способни да ги решат проблемите на Источна Европа отколку ЕУ, и не само проблемите на Источна Европа. САД се национална држава со силен центар и ефикасни процедури за донесување одлуки. Спротивно на тоа, ЕУ е квази-конфедерација составена од дваесет и седум независни држави, сите со различни интереси и цели, и сите мора да се договорат пред ЕУ да може да дејствува. Како последица на тоа, ЕУ се покажа како неефикасна дури и во сопствениот двор.

Што се однесува до САД и Балканот, моето разбирање е дека администрацијата на Бајден се оддалечвуа затоа што има ограничен интерес за регионот и не знае што да прави со тоа. Администрацијата на Трамп беше подготвена да го искористи развојот на регионот со поместување на границите, додека на тоа администрацијата на Бајден се спротиставува, барем во принцип. Накратко, САД не може да направи ништо значајно што може да му помогне на Балканот и сè додека народот не е во војна, Вашингтон е задоволен со статус кво ситуацијата. Наместо тоа, најлесното што може да се направи е да се препушти регионалната задача на Европејците.

За Украина вреди да се спомене дека САД таму веројатно нема да бидат толку активни по развојот на настаните минатиот месец. Времето ќе покаже, но нема бегање од реалноста дека администрацијата на Бајден ѝ се закани на Русија, дека Москва ја тестираше американската решителност заканувајќи ѝ се на Украина и дека Бајден потоа се повлече нудејќи разговори со Путин. Тоа сугерира дека нема согласност меѓу Американците за судир со Русија во време кога САД мора да се справат со подемот на Кина и бројните домашни проблеми. Во овој контекст, се сомневам дека Администрацијата на Бајден сега ќе го ублажи својот пристап кон Русија и ќе ги намали своите амбиции во Украина, бидејќи дојде до сознание дека цената за презирање и разлутување на Русија е ново разгорување на насилството во Донбас.

 

Заклучно за ова интервју, кои се вашите прогнози за регионот на Западен Балкан и неговата евентуална интеграција во ЕУ, или можеби евентуалното редефинирање на состојбата со статус кво што може да доведе до нов Дејтон?

 

ТЛ: Засега не го гледам Балканот во ЕУ затоа што Франција и другите западноевропски држави, поддржани од големо мнозинство европски гласачи, не сакаат Балканот да се приклучи. Покрај тоа, тие лесно можат да го блокираат ова инсистирајќи на строго почитување на критериумите на ЕУ за влез, кои самите земји aспиранти не можат да ги достигнат покрај домашните, државни проблеми. Позадински има и големи прашања во врска со опстанокот на самата ЕУ, барем во однос на нејзината актуелна форма.

Што се однесува до регионот, сегашната спогодба не е оддржлива затоа што не е прифатлива за Србите, Албанците и Хрватите, кои го сочинуваат огромното мнозинство во регионот, така што границите на крајот ќе треба да се променат, откако надворешните актери ќе го прифатат ова, или барем се согласат на истото.

Како што реков, клучот за иднината на регионот е Косово, кое политичкото раководство во Србија е подготвено да го признае. Нејзиниот предуслов да го стори тоа е да ја добие Република Српска како компензација, така што промената ќе се случи откако странците можат да прифатат распад на Босна. После тоа, Косово може да се обедини во некоја форма со Албанија, а Албанците од Северна Македонија ќе се приклучат на оваа нова држава, додека Бошњаците и Македонците ќе можат да формираат национални држави чија сувереност нема да биде преоптоварена со незадоволни малцинства, овозможувајќи му на регионот простор за напредок.

 

 

 

Интервјуто го подготви и направи Гордан Стошевиќ

Превод на текстот Дени Дагалев