Од емират до пат во вселената и назад

Објавено на 1 септември 2021 од Il Grido del Popolo©

 

Немав намера да пишувам за Афганистан, или за земјата на Афганите, или пак како што ја нарекуваат гробницата на империи, но, се почувствував должен од една друга перспектива да напишам збор-два за оваа земја на непокорни народи кои живеат во неа, за разлика од либералните апологети кои леат крокодилски солзи за состојбата на тамошните жени, или оние од крајната десница кои хистерично најавуваат инвазија на бегалци во земјата. Земја во која живеат толку многу народи, и каде се говорат толку многу јазици (само на подрачјето на Кабул се говорат 11 или 12) поради многуте етнички групи и подгрупи кои Афганистан го прават отворен музеј на различни култури. Од сите нив најмногубројни се етничките Паштуни, потоа доаѓаат Таџиките, Хазарите, Узбеките и уште неколку други помали етнички заедници и групации на луѓе.

Кон крајот на ’70-те, пред влегувањето на советските воени трупи во земјата, се бележат дури 46 различни јазици, поделени во седум јазични групи, односно во четири фамилии на јазици. Притоа доминираат иранските јазици пашту и дари (персиски) како службени јазици во земјата. Според проценките од 2001 година како најбројни се јавуваат Паштуните од околу 40%, потоа Таџиките помеѓу 25-30%, па Хазарите со 10-15%, потоа Узбеките со нешто под 10%, за да потоа следат помалите етнички и јазични групи како Турмените, Белуџите, Дураните, Пашаите, Нуристанците и уште многу други. Исламот е главна религија во земјата која по податоците на американската агенција ЦИА ја исповедаат дури 99,7% од населението, од кои мнозинството се сунити (помеѓу 85-90%) додека останатите се шиити и исмаилити. 

 

 

За жал неписменоста меѓу населението е многу голема, особено после влегувањето на Талибанците во Кабул 1996 година, кога се проценува дека 55% од мажите, и дури 85% од жените се неписмени, што ја прави афганистанската нација една од најнеписмените во глобални рамки. Главна економска гранка е земјоделието со учество помеѓу 80-90% од афганистанскиот БДП, и покрај фактот што едвај 12% од почвата е обработлива. Племенски организираните Паштуни (Патани и Афгани) се државотворен народ, кој доминантно ги населува југот, истокот и западот на земјата, претежно стационирани околу градот Кандахар, но и Кабул и уште неколку помали градови, а многу помалку застапени се на северот од земјата. Нивен јазик е пашту-афгански кој исто како и персискиот користи арапски алфабет и од 1936 година е службен државен јазик.

Афганите се претежно сточари и земјоделци (номади) племенски организирани, додека најбогатите од нив кои се потомци на богатите трговски каравани и денес ги имаат трговијата, превозот на стоки и сообраќајот во свои раце. Таџиките пак се поурбани за разлика од Паштуните и претежно се стационирани во градските средини како Кабул и Херат, како и на североистокот од земјата кој граничи со високите планински масиви. Претежно се занимаваат со занаетчиство и трговија на мало, но неретко можат да се забележат и како службеници. Говорат на јазикот дари кој е кодифициран под тоа име дури во 1964 година како би се разграничил од официјалниот персиски јазик кој се говори во соседен Иран. Дари јазикот важи за lingua franca во Афганистан и покрај фактот што го зборуваат само 30% од населението, но бидејќи го разбираат дури 80% од вкупната популација во земјата, што е околу 25 милиони жители.

 

 

Таџиките за разлика од Паштуните не се племенски организирани, а етнонимот Таџик се однесува на нив, но и на сите оние кои говорат персиски јазик. Хазарите пак кои физички личат на Монголите, се сметаат за потомци на Џингис-кановите војници кои биле организирани во формации од по илјада (хазар на персиски значи илјада) луѓе. Хазарите за разлика од доминантните Паштуни кои се сунити, се шиити, и тоа дванаестоимамски и исмаилити, кои не склопуваат брак меѓусебно. Покрај во големите градови како Кабул, Кандахар и Херат, живеат и на северот од земјата. Говорат на хазараџи – западно персиски со турско-монголски позајмици.

Важат за многу вредни и скромни луѓе кои во градовите не се соодветно ценети и почитувани од страна на Паштуните и Таџиките, па воглавно ги работат најтешките работи, како слуги, надничари, носачи на товар и вода. Туркмените и Узбеките пак кои припаѓаат на турско-монголските племиња, ги населуваат во најголем дел северните предели на земјата, на границата со Туркменистан и Узбекистан. Племиња доселени од централна Азија уште во средниот век кога ги населиле плодните рамнини на крајниот север на Афганистан. Некогаш озлогласени разбојници и трговци со робови, од почетокот на минатиот век пацифизирани, Узбеките денес воглавно живеат како селани и сточари, одгледувачи на овци, надалеку познати по производството на ценетите каракул крзна. 

 

 

Туркмените пак надалеку познати по рачната изработка на многу бараните афганистански теписи, за што уште поголема слава од нив уживаат Балуџите, кои живеат на југот и југозападот од земјата, во рамнините кои гледаат на Индискиот океан, каде живеат како номади (Кучи), доселени од крајбрежјето на Каспиското море некаде околу 10 век. Како посебна групација егзистираат горските Таџики или исмаилити, исламска шиитска група, следбеници на Ага-кан, кои имаат сопствени обичаи и календар, познати по својот начин на наводнување на своите полиња на високите падини на Памир, на висина од преку 3000 метри. Нуристанците пак завземаат посебно место во афганистанската мешавина од народи и култури, кои живеат во планинските предели северно од патот Кабул – Пешавар.

Познато е дека од пред крајот на 19 век се нарекувани кафири (неверници) поради држењето до своите пагански богови, пред насилно да бидат спроведени во ислам. Многу истражувачи упатуваат на нивното потекло од војските на Александар Велики, пред се поради фактот дека голем дел од нив и денес после два милениуми се со сини очи и руса коса. Она што е најсимптоматично во нивната култура, е тоа што порано користеле столици за седење, се до пред влегувањето во ислам кога почнале да седат исклучиво на земја. Остатоци од нивните стари обичаи денес можат да се забележат кај соседниот народ Калаши. Говорат дури четири јазици кои припаѓаат на групата индоевропски јазици – ашкуни, вајгали, кајти и парyни. Помал број на Сики и Индуси пак во градовите се служат со новоиндиските јазици – панџаби, синд и урду.

 

 

И покрај мноштвото на јазици, се до 1978 година пашту и дари биле единствените службени официјални јазици, но потоа социјалистичката власт на Бабрак Кармал по примерот на советската власт им го доделува правото и на останатите лингвистички малцинства со право на сопствен јазик, овозможувајќи им печат, литература и учебници на мајчин јазик. Куриозитет е тоа што и понатаму како анти-советски отпор остануваат пашту и персискиот јазик. Со оглед на тоа дека зборот Афган се однесувал како етноним за Паштуните, а афгани синоним за пашту, подоцна ќе биде предложено сите различни етноси на Афганистан да бидат опфатени со името Афганистани по примерот на Пакистани, како би се „минимизирала“ превласта на Паштуните, што во принцип станува контрапродуктивно и на сметка на сите оние кои не се пашту.

Затоа ова наидува на голема критика кај научната заедница која не доаѓа од редовите на мнозинските Паштуни, алудирајќи на тоа дека баш јазикот покрај етничката припадност и религијата е најважното обележје за самоидентитетот во Афганистан. Ова ќе биде особено изразено со доаѓањето на Талибанците на власт, кога плуралното афганистанско општество е масовно изложено на паштунизација и исламизација преку силно изразено изедначување по тој основ. Пред појавата на националното будење (ако така може да се нарече) на Афганистанците, за одбележување е цел еден век, почнувајќи од 1823 година кога Дост Мохамед хан Баракзаи себеси се прогласува за Емир, чие владение нема да биде долго поради колонијалните аспирации на Британците, кои веќе во 1837/38 година ќе упатат војска започнувајќи ја Првата Англо – афганистанска војна, како еден од првите поголеми воени судири во текот на Големата игра

 

 

Синоним за стратешкото ривалство измеѓу Британската и Руската империја во обидот за доминација во Централна Азија. Период на стратешко натпреварување за превласт на Азискиот континент помеѓу двете најмоќни империи во тоа време, почнувајќи со Руско – персискиот договор од 1813 година, па се до Англо – руската конвенција од 31 август 1907 година во Санкт Петербург, со која англо – руските односи се поставуваат на цврсти основи после согласноста на двете империи околу поделбата на сферите на интереси и влијание во Афганистан, Иран и Тибет. Така, после поразот на Британско – индиските во 1842 година, Британците се принудени да воспостават дипломатски односи со Афганистанците кои излегуваат како победници од оваа војна, повлекувајќи се од земјата.

Но, повторно се враќаат кон крајот на ’70-те години од 19 век за време на Втората Англо – афганистанска војна во двегодишните воени операции за помош на емирот Абдур Рахман-хан во борбата против поразениот Ајуб-хан. Конечно после долгите завојувања, примирја и договори помеѓу кои и оној од 1879 година, во 1893 година под покровителство на британскиот дипломат сер Хенри Мортимер Дјуранд, кој успева преку политиката подели па владеј на Британците, да го убеди емирот Абдур Рахман да потпише контроверзен договор, при кој територијата на етничките Паштуни и Балуџи е поделена со линијата Дјуранд долга 2640 километри, што всушност ќе претставува граница помеѓу Афганистан и Пакистан. Политика на британската империјална сила која подоцна ќе води до основање на новата држава Пакистан. 

 

 

Со тоа Британците му овозможуваат на емирот Абдур Рахман да создаде централизирана афганистанска влада со жесток апсолутистички режим, кој подоцна во 1901 година ќе го наследи неговиот син Хабибулах-хан, потпишувајќи со Британците во 1905 година договор за потврдување на обврските од татко му. И покрај неколкуте спроведени реформи на новиот владетел, сепак Афганистан останува да биде длабоко изолирана земја. Во годините кои следат ќе се појави се поголем отпор против апсолутизмот од страна на противниците на режимот кои создаваат движење наречено младоафганци.

Во Првата светска војна Афганистан ќе завземе неутрален курс и покрај обидите на Германија и Австро-Унгарија за влегување на Афганистан во војната на нивна страна. Во 1919 година е убиен емирот Хабибулах-хан и на негово место доаѓа неговиот син Аманул, воден од идеите на младоафганците. Одбивањето на Британците да ја признаат независноста на Афганистан ќе доведе до Трета Англо – афганистанска војна во 1919 година, по што ќе следи Прелиминарна согласност со која Британците го признаваат Афганистан подржани од Советска Русија која исто така во месец мај 1919 година ќе воспостави дипломатски односи со Афганистан, а во 1921 година и Договор за пријателство кој ќе кулминира со обезбедување на помош од советската власт. Година во која конечно ќе биде потврдено меѓународното признавање на независноста на Афганистан од страна на официјален Лондон преку посебен договор. 

 

 

На 31 март 1926 година Афганистан со Советскиот Сојуз ќе склучи Договор за неутралност и ненапаѓање, тн. Пахмански пакт. Сепак во годините кои следат Афганистан ќе се соочи со многу подеми и падови, како и многу промени во владејачките династии, што поради абдицирања, тоа и поради убиства и соборувања од власт. Така кралот Аманулах-хан кој ќе ја прогласи Афганистан за потполно слободна и суверена држава, ќе биде приморан да абдицира во јануари 1929 година, после паѓањето на на Кабул во рацете на бунтовничките сили предводени од Хабибулах Калакани. До абдикацијата од тронот на Аманулах-хан вредно за споменување се некои од многуте во тоа време револуционерни промени во афганистанското општество, помеѓу кои и реформите на главниот заговарач за модернизирање на нацијата преку нејзино образување, Махмуд Тарзи.

Жесток поборник за образување на жените во земјата преку воведување на Членот 68. од Уставот на Афганистан од 1928 година, со кој основното образование во земјата станува задолжително. Полни три децении пред воведувањето на задолжително основно образование во СФР Југославија како дел од Општиот закон за школство донесен 1958 година како дел од спроведување на новата политика за образование и воспитување во повоена Југославија, а како резултат на одлуките од Третиот пленум на ЦК на КПЈ одржан во месец декември 1949 година, со кои на територијата на цела Југославија се воведува задолжително основно образование и воспитување, како и единствено осмооделенско основно училиште на територијата на цела Југославија. 

 

 

Со ваквата образовна реформа Афганистан во тоа време е во самиот светски врв. Претходно пак во 1923 година е укинато ропството во земјата, со што им се задава голем удар на феудалните земјопоседници. Од реформите со големо значење е и онаа со која со закон се укинува носењето на традиционалната бурка кај жените и масовно отворање на вратите на образовните институции за нив, што во голем дел ќе ги отуѓи племенските и верски водачи и принуди на вооружена опозиција. Во најголем дел од годините кои следат Афганистан може да се пофали со некои позитивни промени, но и промени кои одат во надолна линија.

Од она што е позитивно за издвојување е уште и неутралноста во Втората светска војна, како и инфраструктурните зафати кои ќе започнат по завршувањето на истата преку помошта која ќе стига од Советскиот Сојуз. Она што како негативна страна може да се забележи кај Афганистанците во тоа време се и понатаму честите промени во власта, проследени со чести промени во државното и уставното уредување на земјата. Конечно после долги години во 1965 година ќе биде создадена Народно – демократската партија на Афганистан (НДПА) на чело со Нур Мохамад Тараки, која се залага за воспоставување на социјализам во земјата, но само две години подоцна се случува раскол во партијата. Се формираат две политички фракции Парчам (знаме) и Халк (народ). Првата умерено либерална, втората крајно радикална. Несогласувањата по иднината на земјата помеѓу овие две фракции внатре во НДПА се повеќе ќе се продлабочуваат како ќе одминува времето. 

 

 

На 17 јули 1973 година Мохамед Дауд-хан, припадник на кралското семејство и премиер на Афганистан од 1953 до 1963 година, со помош на една од фракциите на НДПА организира рушење на монархијата и основање на Афганистанска репиблика. Сепак после превземањето на власта и стапувањето на функцијата претседател на Републиката, Мохамед Дауд ќе започне со отстранување од власта на сите припадници на НДПА што ќе предизвика голем револт кај истите. Чашата со незадоволство ќе биде прелеана во оној момент кога ќе биде убиен истакнатиот новинар и главен и одговорен уредник на партиското гласило на НДПА, но и еден од политичките идеолози на фракцијата Парчам, Мир Акбар Хибер.

Чин кој ќе предизвика масовни протести кои ќе претходат на Револуцијата Саур (Априлска револуција) од 27 април 1978 година. Во меѓувреме кон крајот на 1977 година ќе се случи и формално обединување на фракциите Парчам и Халк. Мохамед Дауд уплашен од социјалистичкото единство наредува апсење на социјалистичките водачи на масовните протести, но востаничките единици потпомогнати од просоцијалистички настроени воени трупи започнуваат одлучна борба против силите на Мохамед Дауд поразувајќи ги уште во првите денови. Како круна на победата на социјалистите ќе биде ликвидацијата на припадниците на кралското семејство, помеѓу кои и самиот Мохамед Дауд. 

 

 

По успешно изведената Саур револуција која во суштина е антиклерикална и антифеудална во земјата и службено ќе биде воспоставен социјализмот како политичко-економски систем на владеење, игнорирајќи ги специфичностите на афганистанското општество, каде како одговор на новиот социјалистички поредок ќе биде оформена опозиција составена претежно од клерикални политички субјекти против кои подоцна на помош ќе бидат ангажирани и советските трупи на барање на социјалистичката власт во Кабул. Два дена после избивањето на револуцијата, на 28 април 1978 година ќе биде прогласена Демократска Република Афганистан, новото официално име на земјата.

Службено за нов премиер ќе биде прогласен лидерот на НДПА Нур Мохамед Тараки, а Бабрак Кармал за негов заменик, додека пак за министер за надворешни работи Хафизулах Амин. Многумина воени историчари и воено-политички коментатори оваа револуција ја имаат окарактеризирано како класичен државен удар со помош на неколку офицери на војската, по примерот на воениот советник на афганистанските вооружени сили од 1975 до 1979 година, Лав Горелов, но има и такви кои се далеку поригидни во тврдењата, кои оценуваат дека не само што е извршен воен пуч туку и со самиот тој акт и она што подоцна следи ќе биде вратен развојот на земјата наназад за неколку децении. Најгласни се оние што тврдат дека позади овој пуч стои Москва со чија помош е инсталирана уште една сателитска социјалистичка власт по примерот на оние во Источна Европа. 

 

 

Што во суштина и не е вистина, имајќи го во предвид фактот дека Советите воопшто не се консултирани за оваа молневита акција на социјалистичките водачи потпомогнати од армијата. За ова сведочат неколку пишани документи помеѓу кои и оној на генералот Љаховски во книгата Трагедијата и храброста во Афганистан во која тој меѓу другото вели: 

„ За советските претставници во Кабул, како и за нашите специјални служби, воениот удар на 27 април 1978 година беше како гром од ведро небо, бидејќи тие едноставно го ‘преспале’. Лидерите на НДПА ги прикриле од советската страна своите планови за рушење на Дауд, а уште помалку се консултирале за ова прашање бидејќи биле убедени дека Москва гледа негативно на нивните намери.“

За ова сведочи и Петар Василевич Гончаров, воен експерт од Воениот институт за странски јазици и лингвистика, кој во ’70-те и ’80-те години има поминато деценија и пол на разни задачи во Афганистан, пред се во делот на војно-техничката соработка помеѓу СССР и ДР Афганистан, а од 1986 до 1989 година предводи група преведувачи при Генералштабот на на Министерството за одбрана на ДР Афганистан, за евентуалната вмешаност на Москва во Саур револуцијата во едно интервју ќе изјави: 

„Советскиот Сојуз немаше за задача воведување социјализам во Афганистан. Тоа беше иницијатива на самите Афганистанци.“

 

 

Во еден друг пак напис во јануарското издание на едно социјалистичко гласило во статијата под наслов Проблемите на мирот и социјализмот од 1979 година, еден од истакнатите членови на НДПА ќе ја опише предреволуционерната состојба во земјата вака: 

„Масите беа подготвени на побуна. Животниот стандард беше драстично паднат. Повеќе од еден милион луѓе емигрираа од Афганистан во Иран. Легитимитетот на владата беше сериозно разнишан, во очите на оние кои ги спроведуваа законите; наредбите не се почитуваа. Многу важен беше фактот што работевме со некои луѓе 13-14 години и бевме сериозно народно движење. Пред револуцијата нашата револуционерна партија беше голема сила со 50 илјади членови и симпатизери, нешто што навистина го плашеше режимот.“

После Саур револуцијата во редовите на владејачката револуционерна НДПА повторно ќе дојде до фракционерски превирања кои ќе доведат до нова поделба која овој пат ќе резултира со убиство на премиерот Нур Мохамед Тараки, распуштање на неговиот кабинет и апсење на близу 18 илјади и нивно процесуирање под изговор дека претставуваат потенцијална опасност за новата влада, овој пат предводена од радикалното крило на НДПА – Халк фракцијата, на чело со генералниот секретар Хафизулах Амин кој ќе остане на власт се до влегувањето на советските трупи на 25 декември 1979 година, кога тој ќе биде убиен а на негово место наименуван предводникот на умерената Парчам фракција и поранешен амбасадор на Афганистан во Чехословачка, Бабрак Кармал. 

 

 

Советското влегување во Афганистан кое и после 40 години либералните капиталистички апологети милуваат да го нарекуваат инвазија, а кое всушност претставува воена интервенција, во реалноста е ниту помалку ниту повеќе, туку одговор на побараната помош од страна владата на ДР Афганистан околу справувањето со напливот на екстремен исламистички верски фундаментализам и антивладини активности после соборувањето на монархијата во 1973 година, а особено после револуцијата во 1978 година. Период кој беше трн во очите на клерикалниот и феудалниот естаблишмент, окарактеризиран како период на владеење на безбожниците, како што беа нарекувани припадниците на НДПА.

Промените кои пред се ќе доведат до уште поголем развој на земјата, а кои пред се се резултат на заложбите на социјалистичкото управување под водство на НДПА, во целост ќе наидат на негирање од страна на клерикалните верски авторитети во земјата, но и надвор од неа, особено во соседен Пакистан (присутни три милиони афганистански бегалци) и Иран (присутни еден милион афганистански бегалци) , но и во повеќето земји од исламскиот свет од Магреб до Индонезија. Ваквите реформи кои директно се косат со исламот и традиционалните вредности на Афганистанците ќе бидат препознаени како идеолошко оружје, реакционерен елемент опасен по исламскиот поредок, традиција и култура. Затоа во име на исламот овие клерикални авторитети ќе повикаат на формирање на идеолошка опозиција против ова комунистичко зло како го нарекуваат, потпомогнати секако од западните империјалисти и нивните авторитарни монархиски сојузници од Блискиот Исток каде се обучаваа илјадници војници муџахедини во камповите за обука. 

 

 

Сепак нас познавачите на историскиот дијалектички материјализам воопшто нѐ не изненадува интерпретацијата на историските токови од позиција на буржоаско-либералниот спектар на толкување на историјата и политиката. Апологетите на капитализмот кои никогаш во своите либерални НВО ставови нема да ги слушнете со критика кон империјализмот, деновиве покрај своите срцепарателни написи и ТВ прилози за солзите (и очајните обиди да се качат во некој од НАТО авионите) на соработниците на окупаторите, како и за правата на жените и назадувањето на демократијата кое следи во Афганистан по враќањето на власт на Талибанците, не забораваат во морето на мејнстрим пропагандата да проговорат збор-два и за репресивниот комунистички режим подржан од Советскиот Сојуз и наездата на црвените од север.

Затоа во оваа политичко-историска анализа ќе се обидам што е можно најкратко да ги претставам поголемиот број цивилизациски достигнувања на работниот афганистански народ, почнувајќи од крајот на ’50-те години на минатиот век па таму се до пред повлекувањето на советските трупи од Афганистан на 14 февруари 1989 година. Во овие три децении Афганистан има доживеано таков квантен цивилизациски скок, како што нема ниту една друга држава и култура во модерната историја на светот. Се разбира дека ваквите достигнувања не ќе беа возможни без отворената и сесрдна помош од Советскиот Сојуз кој во Афганистан изгради точно 142 економски и инфраструктурни објекти, од кои најголем број од нив беа изградени уште пред влегувањето на советските воени трупи во земјата. 

 

 

Едни од првите архитектонски зданија се секако тунелот Саланг и потпорната галерија за заштита од лавини долж патот Саланг. Како главен изведувач на работите се јавува Московски метрострој, а свечено е отворен на 2 септември 1964 година, само пет години од стартот на работите. На свеченото отварање меѓу останатите присутни е и претседателот на Советот на на министри на СССР, Алексеј Косигин, како и афганистанскиот крал Захир-шах. За споменување е и хидроцентралата Наглу со капацитет од 100 МВ на 40 километри од Кабул, чии хидроагрегати свечено почнуваат со работа во почетокот на 1967 година, после седум години од започнувањето на изградбата. Построение изградено по проект на Институтот Хидропроект. Во годините на војната ја обезбедува советската војска, а по 1989 година одредот составен од муџахедини под команда на Гулбедин Хакматиар.

По доаѓањето на власт на Tалибанците објектот заедно со техничкиот персонал паѓа во нивни раце, по што веднаш започнува да работи со намален капацитет, бидејќи во функција остануваат само два од вкупно четирите хидроагрегати. Друг важен мега проект од тој период е еден од најстратешките објекти, повеќе на образовен план, отколку инфраструктурно и просторно. Тоа е Политехничкиот универзитет во Кабул, по замисла на советските специјалисти, чија сума во тоа време надминува неверојатни шест милиони рубљи. Установа во која ќе се образуваат генерации и генерации афганистански студенти, а на која до пред влегувањето на Талибанците во Кабул студираа повеќе од четири илјади студенти и работеа околу двесте предавачи. Универзитет на кој како главен странски јазик се изучуваше рускиот (дури 70% од студентите го изучуваа) користејќи се со него максимално во својата настава. 

 

 

Покрај овие капитални објекти, во наредните две-три децении ќе бидат изградени уште многу пристаништа, мостови, патишта (од 2800 километри патна мрежа повеќе од половина или околу 1500 километри се изградени од страна на Советите), земјоделски и прехранбени комбинати, фабрики, училишта, болници, стамбени објекти, од кои многу колективни живеалишта, домови од цели квартови како оние во главниот град Кабул, кои Афганистанците со гордост ги нарекуваат микрореони, алудирајќи на огромните стамбени квартови во еден од најубавите делови од градот. Многу генерации млади Афганистанци ќе се стекнат со квалитетно образование, профилирајќи најквалитетен високо едуциран кадар кој подоцна ќе замине на доусовршување во некои од познатите светски институти.

Таков е примерот со Абдул Ахад Мохманд, првиот и единствениот афганистански космонаут кој бил во вселената 1988 година како дел од посадата на Сојуз во деветдневна мисија на вселенската станица Мир. Младиот Мохманд уште како бруцош на Политехничкиот универзитет во Кабул 1978 година ќе биде забележан и внимателно селектиран од страна на властите, а потоа испратен во СССР на воено школување во Краснодар и Киевската воздухопловна воена школа. По враќањето назад во својата татковина Мохманд ќе се придружи на воздухопловните воени сили на Афганистан, кои оваа земја со посредство на Советскиот Сојуз ги има оформено уште во далечната 1927 година, кога како помош од СССР добива три воени авиони. 

 

 

Овие борбени летала се придружувани од механичарот и инструктор И. Г. Чичин од Волгодската воена област. Од Термез до Кабул авионите се допремени со караван од камили. Група на афганистански пилоти од претходно е обучувана во советските образовни установи и воени центри за обука на пилоти, а советски воени експерти помагаат во организацијата на борбената обука на афганистанскиот летачко-технички персонал и во работата и функционирањето на воздухопловната опрема. Нешто што во тоа време било сеуште незамисливо за многу европски држави. Но да се вратам на приказната за националниот херој на Афганистан Абдул Мохманд. Три години подоцна тој станува еден од осумтемина одбрани помеѓу група од 400 доброволци за учество во Интеркосмос, Советска вселенска програма која испраќа луѓе во вселената од не советски земји, помеѓу кои се и Бугарија, Монголија, Сирија, Виетнам и уште неколку кои ја имаат таа привилегија.

Така, после обемните подготовки, поранешниот питомец од престижната воздухопловна академија Јуриј Гагарин во Москва, Абдул Ахад Мохманд, во рани зори на 29 август 1988 година од космодромот Бајконур во Казахстан, заедно со Украинецот Владимир Љахов и Русинот Валериј Пољаков ќе се вивнат во орбитата. Таму тој со себе ќе понесе две копии од светата книга Куран, добивајќи ја честа како прв муслиман во вселената (иако според некои тоа е Саудиецот Султан бин Салман ал Сауд, кој три години претходно патувал со американска посада) за да втор после него веднаш биде Сириецот Мохамед Фарис, а како трет Азербеџанецот Муса Манаров. 

 

 

Додека е во орбитата Мохманд ќе ја има честа преку сателитска врска да разговара со тогашниот афганистански претседател Мохамад Наџибулах, но и да ја испрати својата порака до нацијата. Мохманд во пораката што ќе ја упати до своите сограѓани накратко ќе им порача: 

„Земете го својот сосед за рака и положете го оружјето. Да ги решиме нашите проблеми со заеднички дијалог.“

Во тоа време во неговата земја владее потполен хаос, бидејќи афганистанското движење на отпорот составено од муџахедини и странски доброволци, потпомогнати од САД (ЦИА), Пакистан и Саудиска Арабија, се повеќе добива на сила против советските трупи. Последната борба во Студената војна помеѓу двата спротивставени блока се чини дека се води во оваа непокорлива земја, „само“ на 400 километри испод нозете на славниот Мохманд кој лебди високо горе и моли за мир и разум во земјата чиј прав и пепел ќе станат гробница за империите.

Славниот Мохманд кој после доаѓањето на Талибанците на власт ќе мора засекогаш да ја напушти својата татковина и замине далеку од дома заедно со своето семејство, спасувајќи се од лудилото кое ќе завладее во земјата на макот. Својата среќа ќе ја побара во Германија каде живее и денес со семејството. Абдул Мохманд ќе стане олицетворение за потполната еволуција, но и деволуција на афганистанското општество, покажувајќи му ги на светот во исто време напредокот и цивилизациските достигнувања на овој храбар и непокорен народ, но и стрмоглавиот пад на вредностите на еден систем кој ќе биде недостижен идеал за многу идни генерации на млади Афганистанци. 

 

 

Кога е во прашање модернизацијата на Афганистан, уште во далечната 1955 година таму ќе допатува голема советска делегација која ќе претстави изготвен пакет мерки за развој на афганистанската економија во вредност за тогаш неверојатни 💯 милиони долари. Почнуваат да се градат многу технолошки заводи, комбинати за леб и пекарски производи, фабрики за производство на асфалт и бетон кои ќе послужат во изградба на патната инфраструктура во земјата, која како што споменав претходно, само до 1978 година од вкупно изградените 2800 километри патна мрежа, повеќе од половина или околу 1500 километри ќе бидат изградени од страна на Советите.

Кон крајот на ’60-те години обемот на советската техничко-економска помош за Афганистан достигнува неверојатни 70% од вкупната меѓународна помош. Овде пред сѐ се работи за најкрупните инфраструктурни економски проекти во земјата, по примерот на веќе споменатиот тунел Саланг, хидроцентралата Наглу, комплексот за наводнување (кој вработува дури 6 илјади луѓе) во Џалалабад, речното пристаниште во Шерхан на реката Аму-Дарја, Авторемонтниот завод Џангалак во Кабул, веќе споменатиот Политехнички универзитет во Кабул, Заводот за азотни ѓубрива во вториот по големина град Мазар-Шариф, со капацитет од 105 илјади тони годишно. Потоа тука се двете големи плински полиња на северот на земјата со капацитет на производство и дистрибуција на четири милијарди кубни метри гас годишно, како и гасоводна мрежа, рудници за експлоатација на неколку видови на рудни минерали. 

 

 

Вреден за споменување исто така е комбинатот за изградба на колективни домови за живеење со капацитет од импресивни за тоа време 35 илјади квадратни метри стамбена површина годишно. Се равира тука се и многуте речни железнички и патни мостови, помеѓу кои и оној од историските фотографии со кои е забележано повлекувањето на советските воени трупи (војници качени на воени транспортери БТР) на 14 февруари 1989 година. Мостот наречен Пријателство на реката Аму-Дарја на границата со Узбекистан со должина од 816 метри, кој ги поврзува пристаништата Термез во Узбекистан и Хаиратан во Афганистан, на одалеченост од 75 километри од вториот по големина град Мазар-Шариф. Главна патна артерија од север кон југ и обратно, од каде поминуваат голем дел од стоките по копнен пат, што претставува половина од вкупниот транспорт во земјата.

По мостот Пријателство, или Пули-Дусти како уште го нарекуваат, ќе помине грото од 40-та Советска армија, почнувајќи од 15 мај 1978 година, па се заклучно со 14 февруари 1989 година кога Афганистан го напуштаат последните советски војници. Покрај техничко-технолошката помош на СССР кон Афганистан, за одбележување се и инвестициите во персонал и обука на кадри во сите области, од земјоделството, преку градежништвото, медицината и образованието, па се до војската и вселенската програма. Замислете, дури 60 илјади афганистански граѓани ќе бидат обучени за различни професии, за што најголема заслуга има Кабулскиот политехнички институт – КПИ, од каде одеднаш можело да излезат дури 2400 високообразовани кадри за чие образование биле задолжени стотина советски експерти, предавачи и инструктори. 

 

 

После револуцијата од 27 април 1978 година во Афганистан па се до месец март 1979 година се потпишани 75 согласности во делот на економската помош, каде меѓу другото спаѓаат и 4500 советски советници од сите области. Само на 1 јануари 1988 година во афганистанската армија се регистрирани 1007 советски воени специјалисти од кои дури 694 воени советници, но бројките се движат и до две илјади луѓе како што тврди поранешниот советник на претседателот Наџибулах, генералот на армија М. А. Гареев. По одлуката на Кремљ за повлекување од Афганистан се отвараат можности за формирање на исламски емират и рушење на секуларниот систем на владеење на владејачката НДПА.

И како што на 12 декември 1979 година по службеното барање на владата во Кабул, а со предлог на комисијата на Политбирото на ЦК на КПСС за Афганистан (во состав Ј. В. Андропов, А. А. Громико, Д. Ф. Устинов и Б. Н. Пономариев) до Генсекот на ЦК на КПСС, Л. И. Брежњев ќе биде поднесено решение за укажување воена помош на Афганистан со влез на контингент војска на нејзина територија, а по Указ на МО на СССР на 25 декември 1979 година во точно 15:00 часот по московско време и спроведена одлуката за започнување на воената операција со десант на Кабул и Баграм, исто така на 43. Сесија на ГС на ООН во декември 1988 година, М. С. Горбачов како надополнување на на Женевската согласност од 15 мај 1988 година ќе предложи решение за прекин на огнот на 1 јануари 1989 година помеѓу сите завојувани страни, иако Горбачов уште во февруари 1986 година на 27. Заседание на КПСС најавува повлекување од Афганистан. 

 

 

Одлука со која се става крај на еднодеценискиот воен конфликт во Афганистан кој ќе однесе 15 илјади животи во редовите на Советската армија и безбедносните структури и органите на КГБ, а дури 54 илјади повредени војници, додека пак од другата страна над еден и пол милион цивилни жртви и милиони раселени лица во соседните земји, во хаосот кој траеше точно девет години, еден месец и деветнаесет денови, завршувајќи на 14 февруари 1989 година со заминувањето на последниот советски војник од Афганистан. Во меѓувреме за одбележување е Одлуката на на 18. Пленарна седница на Политбирото на НДПА од 4 мај 1986 година, со која ќе биде разрешен од функцијата Генерален секретар Бабрак Кармал, поради како се наведува во официјалната забелешка „здравствени причини“, а на негово место назначен Мохамад Наџибулах.

Иако умерениот Бабрак Кармал и понатаму останува член на Политбирото на партијата, од власт ќе биде потполно отстранет под притисок на Москва после промените во Кремљ и доагањето на на власт на реформистот Горбачов. До крајот на 1986 година Кармал ќе биде разрешен и од функцијата претседател на Президиумот на Револуционерниот совет на Републиката, а на негово место назначен Хаџи Мохамад Чамкани, по што ќе замине во егзил близу Москва каде што ќе остане до крајот на животот. Сепак неочекувано во месец септември 1987 година кога Мохамад Наџибулах ќе ја превземе функцијата претседател на Афганистан, Бабрак Кармал повторно ќе биде повикан да се врати назад во Кабул од каде пак ќе замине засекогаш во 1992 година по конечната победа на муџахедините и рушењето на владата на Наџибулах. 

 

 

Парадоксално е тоа што владата на Наџибулах ќе падне дури неколку месеци по распадот на Советскиот Сојуз и официјалното и официјалниот распад на социјалистичкиот поредок, во пролетта 1992 година, кога еден од неговите истакнати генерали, Абдул Рашид Достум (наречен од советските сојузници афганистанскиот Чапаеев) ќе премине на страната на муџахедините, склопувајќи договор со нивниот водач Ахмад-шах Масуд. Потег кој во тој момент ќе биде од пресудно значење за падот на владата на Мохамад Наџибулах од власт и конечна победа на организираниот отпор на муџахедините.

По превземањето на власта од страна на муџахедините и прогласувањето на Исламска држава Афганистан, земјата ќе потоне во потполен хаос и беззаконие, која пак ќе стане вистински пекол после триумфалното влегување на Талибанците во Кабул во септември 1996 година и нивното превземање на власта што ќе трае се до воздушната кампања на САД и НАТО сојузниците покрената од воениот злосторник Џорџ Буш помладиот по терористичкиот чин од 11 септември 2001 година. Афганистан со доаѓањето на Талибанците на власт влегува во нова фаза на исламизација на земјата по принципите на Шеријатското право и реформи во општеството кои пред се ќе ги погодат жените и децата. Смртната казна станува секојдневие, практикувајќи се јавно на плоштадите, а оние што за своја „несреќа“ ќе ја избегнат, ќе молат да ја добијат како би се спасиле од страничните казни на талибанската верска полиција на честа. 

 

 

После влегувањето на Талибанците во Кабул фракциите на муџахедините под заповедништво на Ахмад-шах Масуд и Абдул Рашид Достум ќе се повлечат длабоко на север кон границите на Таџикистан и Узбекистан, контролирајќи го тој простор обединети во тн. Северна алијанса составена од Таџики, Узбеки и Хазари. Но Талибанците уште во 1998 година воено ќе ги поразат силите на Абдул Рашид Достум, по што овој ќе биде принуден да замине во егзил, а со тоа ќе биде освоено и главното упориште на Северната алијанса, вториот град по големина во земјата Мазар-Шариф.

Вториот пак командант Ахмад-шах Масуд (наречен Панширски лав) ќе ја нема таа среќа, бидејќи само два дена пред нападите во САД, на 9 септември 2001 година ќе биде убиен во атентат нарачан од водството на Ал Каида, а веста за неговата смрт службено ќе биде објевена четири дена подоцна на 13 септември. Во исто време на територијата на Афганистан ќе делува и терористичката мрежа на Ал Каида предводена од Саудиецот Осама Бин Ладен и неговиот заменик Ајман ал Завахири, која помогната од борци од Пакистан и околните арапски земји ќе ги порази силите на Ахмад-шах Масуд. Само месец дена подоцна ќе отпочне воената НАТО кампања под водство на САД преку операцијата наречена Трајна слобода, како следна фаза на бескрајната војна во Афганистан. И се што понатаму ќе се случува западно од линијата Дјуранд е само историја. 

 

 

Но пред сам крај на оваа анализа би сакал да напишам збор-два како моја забелешка упатена до „загрижените“ либерали, НВО-овци и „борци“ за човекови права кои деновиве патетично преку срцепарателни пораки и написи се обидуваат да банализираат, релативизираат и спинуваат, пишувајќи во мејнстрим медиумите за тоа како илјадници афганистански граѓани очајнички се обидувале да се пробијат до аеродромот во Кабул кој е единствена порта до слободата пред наездата на Талибанците. Пази богати, наместо да останат да се борат, овие квислинзи и соработници на окупаторите брзаат да ја напуштат земјата и удобно се сместат во некоја од западните земји, притоа не мислејќи што ќе биде со останатите 30 милиони кои ќе останат во пеколот наречен Афганистан по заминувањето на империјалистичките и разноразни странски окупаторски војски помеѓу кои и онаа на Северна вукојебина Македонија.

Но затоа домашните апологети на империјализмот кои оргазмично известуваат за судбината на Афганистанците, побрзаа да ги лиферуваат информациите за пречекот на првите групи бегалци кои слетаа безбедно на аеродромот во Скопје и изјавите на владините претставници за укажувањето на гостопримство од наша страна. Од друга страна пак екстремно десните субјекти во оваа банана република не забораваат да укажат на „опасноста“ од инфилтрација на субверзивни исламски елементи во општеството кои во иднина би влијаеле на македонските традиционални вредности и култура. 

 

 

Но, ајде за крај и малку околу логиката на капиталот за која воопшто не љубат да зборуваат господата од НГО секторот, како што впрочем не љубат да зборуваат ниту за империјализмот. Станува збор за тоа како функционира една нарко држава каква што е Афганистан од влегувањето на Американците и нивните сојузници таму. Имено, според податоците на ОН во 2020 година во Афганистан е произведено околу 6 300 тони опиум, додека пак во 2019 околу 6 700 тони, што е за 21% повеќе од 2018 година кога се произведени околу 5 500 тони, со што во зависност од тоа уделот во светското производство се движи помеѓу 85%-93% што бележи нагорен тренд ако се знае дека учеството на опиум во светското производство во време на Талибанците е помалку од 70% на годишно ниво.

Од друга страна пак во време на Талибанците површините под афион се намалуваат од затекнатите 83 илјади хектари на едвај 2 илјади хектари по освојувањето на власта, имајќи во предвид дека наркотиците му противречат на исламот. За да веднаш после нивното заминување од власт по НАТО инвазијата површината под афион се зголеми за петнаесет пати, односно на 30 илјади хектари, за да веќе во 2007 година бидат регистрирани дури 193 илјади хектари под афион. Во 2016 година површините под оваа култура ќе изнесуваат 201 илјада хектари, додека пак во 2017 година рекордни 328 илјади хектари, за да во 2018 година опаднат на 221 илјада хектари, а наредната 2019 година на 160 илјади хектари.

 

 

Факт кој го поставува прашањето за различното толкување на исламот кога е во прашање производството на дрога и психотропни супстанции. Така според податоците на UNODC Афганистан во времето на владеењето на Хамид Карзаи станува убедливо најголем производител и дистрибутер на наркотици во светот. А и како не би станал кога од еден хектар со пченица во тоа време се заработуваат мизерни 220$ додека од еден хектар под афион дури 4000$, што е за десет пати повеќе од заработката на на просечен лекар, наставник или полицаец во земјата. Додека истиот тој Карзаи иронично тврди како ќе бидат уништени сите полиња под афион на Талибанците, не мислејќи се разбира и на оние кои се под негова контрола.

Производството на наркотици за многумина станува носител на економијата во земјата, што пак за други ова претставува своевиден парадокс со оглед на тоа дека трговијата со дрога е еден од главните извори за финансирање на глобалниот тероризам. Директорот на Центарот за на современ Афганистан Омар Несар посочува „дека САД на наркотрафикингот не гледаат како на примарно загрозување на нивните интереси, за разлика од Европејците и дека за нив уништувањето на на афионските полиња би ги свртело жителите на земјата уште повеќе против САД.“ Ако внимателно се погледнат податоците ќе се забележи дека рекордна година по остварено производство на суров опиум е онаа од 2007, кога на површина од 193 илјади хектари под афион се добиени дури 8 200 тони најквалитетен опиум. 

 

 

Во извештајот пак на првиот човек на Управата на одделот за наркотици и престапи при ООН, Јуриј Федотов, за 2013 година, тој посочува „дека од афионот на површина од 209 илјади хектари се добиени 5 500 тони опиум, што е дури за 3 700 тони помалку од рекордната 2007 година. Федотов во извештајот уште наведува дека во таа година се добиени 26,3 кг по хектар, што во споредба со рекордната 2007 е далеку помалку, ако се знае дека таа година приносот изнесува дури 42,5 кг по хектар, иако тоа не е највисок принос, бидејќи во 2009 година тој изнесува импресивни 56,1 кг по хектар. Сепак со оглед на тоа што цената на килограм опиум во тоа време изнесува 163$ по оценката на Федотов наркопазарот благодарение на Афганистан во таа година има акумулирано приближно 900 милиони долари.

Па ако се земат во предвид податоците дека само во периодот 2001-14 се потрошени неверојатни седум милијарди долари на „борба“ против наркотрговијата, може да се лицемерната политика на западниот империјализам чии интереси се водени исклучиво од логиката на капиталот. Ако се погледне само динамиката на воениот конфликт во Афганистан ќе се забележи потребата од занемарување на главниот примарен извор со кој се финансира војната, кога во идејата за вечниот судир недостасува главниот елемент, опиумот. И кога на сето ова ќе се додаде лажната слика за тобожните ослободители од запад, со својата мантра за демократија, веднаш ја добиваме големата слика за систематското пљачкосување на едни цели народи и држави под превезот на миротворството и промовирање на демократијата. 

 

 

Господо либерали, нема тука никаква демократија, а уште помалку борба за човекови права, права на жени и се она за што деновиве трубите додека Талибанците го прославуваат своето враќање онаму каде што еднаш веќе беа на власт, во земјата на мак и сози. Сетете се само на „триумфот“ на афганистанските жени во 2001 година кога демонстративно ја вадеа бурката по влегувањето на американските трупи, но сепак несигурни за својата иднина. За разлика од она време кога без ничија присила свесни за важноста на своето место во општеството рамо до рамо чекора заедно со мажите.

Сепак на овој конфликт не може да се гледа црно-бело, како тоа денес го прават „загрижените“ либерали и НГО активисти, туку преку призмата на педесет нијанси сиво. Актерите на терен се менуваат, како што се менуваат условите на водење војна, но генезата на изворот на проблемот останува иста, како би се одржала статус кво ситуацијата и понатаму. Џихадистите на почетокот од ’90-те не убедуваа дека жените биле главни жртви во Афганистан повеќе од 40 години. И дека исламскиот емират повеќе не сака жените да бидат жртви. Дека исламот е подготвен да им понуди работно и образовно опкружување, како и место во разни структури во склад со исламското право и културните вредности. Потоа на ред дојдоа и „ослободителите“ од Запад кои им ветија кинење на оковите чија патријархална природа лежи во основите на капитализмот. 

 

 

Па така уште во ноември 2001 година, веднаш по извозот на трајната слобода од страна на САД, тогашниот претседател Џорџ Буш помладиот гордо ќе изјави: 

Американското знаме повторно се вее изнад нашата амбасада во Кабул (…). Денес жените се слободни (…). Мајките и ќерките на Афганистан беа затворенички на својата татковина со забрана за работа и учење.

Но вистината е сосема друга! Никогаш повеќе жените во Афганистан не ја вкусија слободата како во ’60-те, ’70-те и ’80-те години од минатиот век, кога Афганистан доживеа потполна културна, општествена и политичка преобразба. Трагедијата е во тоа што правата на жените од страна на либералниот политички естаблишмент, и тогаш како и денес се користеа како дел од воено-политичката пропаганда.

Наводното ослободување на жените беше алиби со кое Американците и нивните сојузници, меѓу кои и Македонија, се служеа за оправдување на војната против теророт која потполно ја опустоши земјата и претвори во една од најсиромашните во светот, а се сеќавате, не беше Авганистан тоа. Затоа што не може сиромашна земја да испрати космонаут во вселената, бидејќи таквата идеја од реалноста е далеку колку ѕвездите од Земјата. Уметноста во користењето на жените е стар воен трик со кој странските империјалисти и домашните мули вешто и бесрамно го практикуваат наизменично веќе триесет години во Афганистан. 

 

 

Американската воена интервенција воопшто не користеше на жените во Афганистан, кои и понатаму живеат во племенска заедница со стапка на неписменост од 80% туку само на мала повластена каста од неколку илјади жени кои претежно живеат во главниот град Кабул. Високо образовани лекари, инжинери, професори, судии, новинари, уметници, кои функционираат во затворена задница набљудувана преку нишанот на оружјето после носењето на трајната слобода од страна на западните империјалисти чија културна хегемонија со векови му се наметнува на светот под присила од позиција на сила. За „слободата и правото на образование“ на жените и децата во Афганистан ќе бидат искажани безброј мислења, напишани безброј зборови, потврдени безброј констатации…

Hовинарот Азмат Кан во еден од своите истражувачки трудови насловен како Ученици духови, учители духови, училишта на духови на оваа тема меѓу другото пишува и за високиот степен на корупција во образовниот систем на земјата кој воошто и не постои, или е само дел од аспектот на американскиот проект воборбатапротив тероризмот во Афганистан. Бесрамната манипулација со полуоткриените женски лица и тогаш и сега се користи од страна на мејнстрим медиумите во пропагандни цели за наводна критика на репресивниот режим на Талибанците кој не е многу подобар од оној на вахабистите во Саудиска Арабија. Покрај се разбира лицемерните критики во текот на срцепарателните патетични ТВ обраќања каде се критикува меѓународната заедница која ги оставила жените во Афганистан во немилост на верските фанатици. 

 

 

Своевремено познатата американска феминистка и филозофкиња Џудит Батлер за во своето безвременско дело Независен живот: Моќта на жалоста и насилството од 2004 година, за инструментализацијата на жените во политички цели ќе напише: 

„Ова се жени трофеи, ова се воени цели. Во таа смисла слободно можеме да кажеме дека женското лице е во сите случаи унаказено, и дека е тоа една од филозофските и и визуелните последици на самата војна.“

Од друга страна пак има и такви релативизатори на самиот контекст на воениот конфликт во чие дијалектичко средиште на проблемот ја ставаат трговијата со дрога. Но, како што и претходно споменав, Американците од самиот опиум имаа многу повисоки цели, водени од својата перфидна експанзионистичка и интервенционистичка политика во овој дел од светот. Така на пример италијанскиот автор и мејнстрим интелектуалец Роберто Савиано во воведот на нарачаниот текст за дневниот весник Corriere della Sera ќе напише: 

„Не победи исламизмот во овие неколку часови, после повеќе од дваесет години војна. Победи хероинот. Погрешно е да ги нарекувате исламистички милиционери; Талибанците се трговци на дрога.“

Каква ли само неолиберална дијалектика со потполно отсуство на критиката на капитализмот. Свесното спинување на ваквите креатори на јавното мислење е само дефокусирање на јавноста од вистинскиот извор на проблемот, а тоа е империјализмот, кој како последен стадиум на капитализмот ќе премине во следна фаза, во корпоративен фашизам. 

 

 

Во таа цел секако служат и сензационалистичките вести и наративи кои доаѓаат како продукт на conspiracy theory матрицата, како еден од најреакционерните елементи на идеолошко-политичката борба во последниот половина век. Вистината сепак е некаде на средина, а тоа е дека на големите геополитички и геостратешки играчи во светот во моментов им одговара статус кво ситуацијата, евентуално со нов поредок каде ќе продолжи да владее детерминантниот хаос во борбата за подобро позиционирање при идните потези на глобалната шаховска табла. Глобализиран свет со фрагментирана слика каде се претставени историските контрадикторности но и дијалектички спротивставености, каде борбата од секогаш се води помеѓу две класи, буржоаската и работничката.

И како што ќе рече одамна Карл Маркс: „историјата на сите досегашни општества е всушност историја на класни борби“. Дел од таквата историја е и борбата на народот во Афганистан, каде буржоазијата со сите свои сили се обидува да се одржи и понатаму на власт. Но не е само Афганистан во опасност, туку цел Азиски континент кој во децениите кои доаѓаат ќе стане полигон за најголемите геополитички игри кои ќе го обликуваат новиот глобализиран свет до крајот на векот. Но она што е барем засега важно е тоа што заклучно со 31 август оваа година Афганистан го напуштија и последните американски војници, заминувајќи од престолнината Кабул и оставајќи го целиот хаос зад себе кој го предизвикаа таму во последните две децении. 

 

 

За одбележување е тоа што од пред некој месец истото го сторија и македонските војници како припадници на вазална армија, а како дел од империјалистичката НАТО алијанса во својство на окупаторска војска како и сите останати странски војски таму. Бидејќи секоја туѓа чизма е окупаторска и по ништо не се разликува, освен по броевите. Но затоа пак ќе угостиме 850 бегалци (барем засега) од Афганистан, и тоа како соработници на окупаторите. Да, тоа се повластени Афганистанци кои со авиони на империјалистичките освојувачи како повластена каста се спасуваат од пеколот кој ќе следи под власта на Талибанците, за разлика од милионите обични смртници кои таму ќе останат да живеат.

И да, да не се плашат крајно десните популисти во Северна вукојебина Македонија дека ќе им дојдат исламски фанатици во чаршафи да им ја окупираат земјата, бидејќи се тоа припадници на афганистанската средна буржоазија, која во изминативе две децении беше повластена каста во гробницата на цивилизации. Затоа што тие кои деновиве ги гледавте како молневито трчаат по авионската писта како би влегле меѓу малкумината среќници во авионите во еден правец, се исклучиво оние за кои буржоазијата има план кога е во прашање експлоатацијата на трудот. 

 

Исто како во еден од цитатите од Белата гарда на Михаил Булгаков од времето на Октомвриската револуција:

Бегаа седокоси банкари со своите жени, бегаа талентирани деловни луѓе, оставајќи им ја работата на своите доверливи помошници во Москва, на кои им беше порачано да немаат контакт со новиот свет, кој се појавува во Московското царство, сопственици на куќи и станови, кои своите домови им ги препуштаа на своите верни тајни службеници, бегаа индустријалци, купци, адвокати, општествени работници, јавни луѓе. Бегаа новинари, московски и петербуршки, продавачи, алчни, кукавици. Чесни дами од аристократски семејства. И нивните нежни ќерки, петербуршки бледи развратници со нацрвени од кармин усни. Бегаа секретари на директорски оддели, млади пасивни хомосексуалци. Бегаа кнезови и златари, поети и каматари, жандарми и артисти на императорските театри…

Да, тие бегаа тогаш, а бегаат и денес. Затоа господа „морални“ либерали и белосветски невладини неработници, но и десни популисти и демагози, можете да спиете мирно. Во вашата вукојебина ќе пристигне само одбрана клиентела на меѓународната буржоазија, но не и жени за кои вие толку многу солзи родните, или терористи од кои ви се тресат нозете. 

 

 

 

Автор на текстот Гордан Стошевиќ