Објавено на 2 февруари 2021 од Il Grido del Popolo©
Родени се во иста година, 1883. Едниот Италијанец, другиот Шпанец. Првиот социјален фашист и диктатор, вториот пак либерален филозоф и прагматичен метафизичар. Навидум на различни страни, но со слични размислувања. Бенито Мусолини и Хосе Ортега и Гасет. Мусолини често пати ќе знае да рече: „Дека највеќе му должи на Жорж Сорел, големиот промотор на синдикализмот кој со своите груби теории на револуционерна тактика, највеќе придонел во формирањето на дисциплината, енергијата и моќта на фашистичките кохорти“. Хосе Ортега исто така во многу наврати знае да каже: „Дека под влијание на синдикализмот и фашизмот за прв пат во Европа се појавува тип на човек кој не сака да образложува, ниту да биде во право. Туку едноставно се покажува одлучен во наметнувањето на своето мислење“. Кога веќе го споменав Жорж Сорел, човекот кој имал најголемо влијание врз Мусолини, не може а да не се спомене неговото инсистирање на неопходноста од соборување на либералната демократија и капитализмот преку насилство, директни дејствија, општ штрајк и користење на нео-макијавелистичкиот пристап кон емоциите.
Тој во своето најголемо дело, Рефлексии на насилството од 1908 година, упатува на една важна забелешка која се однесува генерално на синдикализмот и неговото манифестирање во насилните штрајкови против капиталистите. Тој не заборава да го потенцира опортунизмот во редовите на социјалистите, кои како институционален продолжеток на буржоазијата претпочитаат преговори и примирје, па дури и прифаќање на условите на владејачката елита. Сорел не заборава уште да потенцира дека работниците треба да стојат подалеку од социјалистичките партии, и да ги користат штрајкот и насилството како основно оружје против средната и високата класа во парламентарната демократија. Тој тврди дека општиот насилен штрајк е есенцијата на борбата помеѓу класите, единствениот вистински марксистички начин да се предизвика револуцијата. За него, само насилството просветено од идејата за општ штрајк е безусловно оправдано, и никаков друг вид на брутално насилство. Бидејќи само насилството како резултат на општиот штрајк во марксистичка смисла за борба помеѓу класите, може да биде херојска и чиста, и во служба на вечниот интерес на цивилизацијата.
Сепак ваквото размислување не го спречува Сорел идеолошки да лута и повремено флертува со ројалистите, препуштајќи му се на ревизионизмот, претворајќи го синдикализмот во чиста метафизика. Така што од теоретичар на пролетеријатот, подоцна ќе биде намерно или ненамерно исползуван од оние кои ќе се претворат во негова инквизиција (м.з. на пролетеријатот). Познато е дека уште од самиот почеток синдикализмот беше реакционерен облик на економски систем во кој работниците, претпријатијата и организациите ќе бидат систематизирани во конфедерации или синдикати, кои секогаш ќе бидат подложни на компромиси со државните институции во капиталистичката држава, каде истите по правило се во рацете на буржоазијата. Но, еден друг марксистички филозоф и политички идеолог (Грамши), никогаш нема да се двоуми во неговите политички критики кон синдикалната бирократија и нејзините шефови, кои тој ги нарекува партиски службеници, да ја истакне опасноста од политичко и идеолошко застранување на синдикализмот. Бракот помеѓу синдикатот и либералната држава беше евидентен на почетокот од 20-от век, а ништо поинаку не е ниту денес. Напротив, таа врска се повеќе е изразена на штета на работничката класа.
Уште пред Првата светска војна синдикалистите јавно говореа во комуникацијата со работниците, дека синдикатите ќе стануваат се повеќе дел од државната машинерија, и повеќето работници на тоа гледаа како на нормална работа. Дури и самиот Черчил, политички маг на британската буржоазија, своевремено ги опиша синдикатите како Четврт сталеж. Останатите три се Commons, Lords Temporal и Lords Spiritual. Овде пак би се вратил на марксистичката дијалектичка критика на Антонио Грамши кон анархистите, но и анархо-синдикалистите кои не ги гледа како интегрален дел на работничката држава во која работниците ја спроведуваат демократијата преку работничките совети. Грамши отворено и недвосмислено укажува на последиците кога е во прашање анархо-синдикализмот, каде меѓу другото говори дека комунистите треба одлучно да се спротистават на непријателите на Државата, помеѓу кои и анархистите и анархистички настроените синдикалисти, прогласувајќи ја нивната пропаганда за утопистичка и опасна по револуцијата.
Помеѓу останатото еве што вели Грамши во неговата критика на анархијата:
„Изградена е шема по која би требало социјализмот да биде „мост“ кој води во анархија. Тоа е глупа предрасуда, оптоварување на иднината со произволности. Во дијалектиката на идеи, анархијата е продолжение на либерализмот, а не на социјализмот; во дијалектиката на историја пак, анархијата е исклучена од областа на општествената стварност заедно со либерализмот. Денес, во општествениот хаос кој е последица на војната, судејќи по се, се има зголемено бројот на подржувачи на анархистичките идеи.
Ние комунистите не сме склони да поверуваме дека е тоа победа на идејата. Таа појава е знак на пропаѓање; во град се имаат доселено нови елементи без политичка култура, не навикнати на класна борба во сложен облик кој таа го има попримено со развојот на индустријата. На фразеологијата на анархо-синдикалистичките агитатори не и беше воопшто тешко да остави впечаток на таа инстиктивна и примитивна совест, но затоа псевдо-револуционерната фразеологија не направи ништо подлабоко ни трајно. И да, не владеат, не наметнуваат на историјата ритам на напредок, не одредуваат сигурно и незадржливо напредување на комунистичката цивилизација, таму некои „распојасани момци“, лумпенпролетеријат, ниту боеми, дилетанти, занесени романтичари обраснати во косата, туку широките маси на класно определените работници, железните баталјони на свесниот и дисциплиниран пролетеријат“.
Се чини дека историската вистина за компромитираноста на синдикализмот денес не може никој да ја сокрие, иако либералната левица се обидува да ги амортизира штетите настанати во минатото. Погледнете ја само ситуацијата во пост-социјалистичките земји на источниот блок после реставрацијата на капитализмот и се ќе ви биде јасно. Тамошните синдикални организации, почнувајќи уште од крајот на ’80-те во Полска, преку фамозната Солидарношч предводена од реформистот Лех Валенса, па се до последните синдикални организации организирани од белоруската НВО опозиција против претседателот Александар Лукашенко, во себе содржат реакционерен елемент кој е плод исклучиво на повеќе децениската пенетрацијата на капиталот во редовите на природниот непријател на пролетеријатот, владејачката класа, чиј интегрален дел е и НВО секторот.
Како за пример ќе ја наведам италијанската масонска ложа Propaganda due (P2) на Личо Ѓели, која покрај контактите со мафијашките синдикати, беше близок соработник на РКЦ во Ватикан и ЦИА, служејќи како бедем против комунизмот во Италија и Западна Европа. Во големиот политички и финансиски скандал кој беше разоткриен на крајот од ’70-те и почетокот од ’80-те во Италија, во кој беа вмешани многу видни личности од политичкиот и јавниот живот на Италија, поврзани со нелегални банкарски трансакции и продажба на земјиште во посед на РКЦ и реинвестирање на парите во САД со асистенција на мафијата. Во врвот на аферата беа ватикански банкари помеѓу кои и Роберто Калви, попознат како Божјиот банкар, првиот човек на Banco Ambrosiano, потоа Микеле Синдона, ватиканскиот главен банкар и советник за вложување, како и мозокот на Banco Vaticano, Бернардино Ногара, потоа Луиџи Геда, медицинскиот советник на папата Пие XII и челник на организацијата Azione Cattolica (Католичка акција) која делува внатре во позадина на Демохристијанска партија на Алдо Моро, веќе споменатиот Личо Ѓели, првиот човек на ложата P2, но и политичари од калибарот на Џулио Андреоти, министерот за надворешни работи, а претходно и подоцна премиер на Италија.
Во разоткривање на аферата во чие средиште како што реков стои Ватикан е ангажирана посебна парламентарна комисија која ги истражува наводните врски на Ватикан со италијански политичари, одредени масонски ложи и организации како Opus Dei, мафијата во Италија и САД, и се разбира ЦИА како главен финансиер и помагач на сите анти-комунистички движења во светот. Така во едно од сведочењата на банкарите ќе биде изнесена информација за дотур на пари од страна на фондовите на Ватикан и ЦИА до водството на Солидарност во висина од 20 милиони американски долари, иако се верува дека вкупната сума ја надминува бројката од 100 милиони долари. Како податок е изнесена и висината на помошта која ЦИА ја упатува до своите „пријатели“ во Југославија за нејзино разбивање, како и до грчките полковници кои доаѓаат на власт со воената хунта во 1967 година.
Се на се мрачно минато во поновата историја на европскиот синдикализам, но да не должам, па да се вратам на она што се нарекува синдикално организирање во Северна вукојебина Македонија. Правно обележана територија на периферијата на капиталистичка Европа, со нација која полека но сигурно го губи легитимитетот на државотворна, без и малку интегритет, додека пак територијалниот суверенитет никогаш не бил доведен во прашање од проста причина што и не сме го имале. Земја со длабоко етничко поларизирано општество и изразен етноцентризам, каде веќе триесет години постои отсуство на класна свест помеѓу луѓето. Од друга страна пак, силно изразениот политичко-општествен ангажман на НВО секторот, чија задача е да го амортизира секој обид за манифестација на револт кај масите, со години креира јавно мислење дека „активно“ се работи на планот на правата на работниците кои само што не заплакале од среќа. Доволно е само да ги погледнете најновите показатели кои говорат дека помеѓу 18-20% од работниците во оваа полураспадната држава работат сеуште во 21 век на црно, не пријавени, без никакви платени придонеси, длабоко во сивата зона на општеството во кое цветаат митото, корупцијата (нај изразена во Европа) и нелојалната конкуренција. Каде според истите показатели дири со 30-40% сивата економија учествува во националниот БДП.
Постојат сектори како градежниот, угостителскиот, услужниот и туристичкиот, каде работниците не ги уживаат ниту минималните права кои произлегуваат со одредбите од Законот за работни односи. На ваквата катастрофална положба на македонскиот работник кога ќе се додаде економската криза која ќе се случи како резултат на глобалната пандемијата предизвикана од новиот вирус, тогаш ништо не му преостанува, освен сам да се избори во очајот во кој ќе западне подоцна. Но она што работничката класа не може да го детектира е новата парадигма во односот помеѓу производните сили кој следи после ресетирањето на глобалната економија. Финансиска криза со најголеми размери до сега во историјата на човештвото, која не само што ќе ја фрли во длабок очај работничката класа, туку таа ќе наметне нов вид на егзистенција и функционалност на пазарот на труд и капитал. А овој вториов секогаш кога ќе се најде во криза, нема воопшто да се двоуми да генерира пад на светското производство како би се полесно приспособил на новите услови кои ги нуди дигиталната ера, или четвртата индустриска револуција. После трансформацијата која ја доживеа светскиот пролетеријат со деиндустријализацијата на државите, станувајќи на тој начин номадски прекријат, на повидок е нова етапа во историскиот развој на капитализмот кој во моментов има монопол на акцелерацијата.
Тоа е т.н. gig economy, односно економија во која работниците работат на онлајн платформи како фриленсери, или дигитални номади со договори за извршување на работа која нема фиксно работно време и место. Денес веќе многумина од овие простори работат онлајн за работодавачи од странство, преку платформи како што е Upwork, каде работното место е преселено во домашни услови или на било која точка од планетата Земја, каде што работното време воопшто не е регулирано, а ангажираните работници немаат чуство за новиот вид на експлоатација од страна на капиталистите работодавачи. И сето тоа во услови кога во Европа на големо се дебатира за намалување на работните часови во текот на неделата, како во примерот на Конференцијата организирана од страна на Европскиот институт за синдикати, на тема Кон нов социо-економски договор, каде меѓу другото се говореше и за намалување на работното време во цел на одржливо и просперитетно општество. Ова и не би било толку лицемерно да не доаѓа од редовите на либералната матрица во услови на се по забрзано губење на работничките права кај голем дел од работничката класа, како на периферијата, така и во центарот на капиталистичкиот светски поредок, додека буржоазијата се повеќе ги зацврстува своите позиции.
Во ваквата слика итекако се вклопува и просечниот македонски работник кој во долгогодишната транзиција ги изгуби сите свои атрибути, останувајќи обезличен, губејќи ги преку ноќ претходно стекнатите права за кои мораше макотрпно да се бори децении наназад, градејќи статус на класа, класа сама по себе. И наместо денес тој да биде почитуван поради неговиот труд, тој е принуден да живее ден за ден, стравувајќи за својата и за егзистенцијата на своите најблиски. Покрај сето ова тој е вешто манипулиран од страна на оние кои треба да бидат негова главна потпора во борбата за стекнување на на правата кои во меѓувреме ги изгуби како резултат на реакционерната политика на синдикалните водства кои се ставија во служба на капиталот. Однесувањето на ССМ и КСОМ, како и на поедини невладини организации и здруженија во оваа вукојебина која се повеќе ги губи обележјата на држава, само го потврдува погоре изнесеното. Нивните неуки и корумпирани водачи, докажани конформисти и опортунисти, деновиве на големо заговараат недела да бил неработен ден, ден посветен на семејството. Пази богати!?
Од кога тоа семејните вредности, кои патем лежат длабоко во клерикалните и демохристијански традиции во општеството, станаа изговор за подобрување на животните услови на работникот – пролетер? Је*ала вас таква реформистичка дијалектика, кога истото тоа семејство чии права ги застапувате, поради се лошиот животен стандард е принудено колективно да оди во народна кујна на ручек, наместо да руча дома или оди во ресторан. Па дури на експонентите на на либералната културна хегемонија воопшто не им пречи таквиот наратив, каде гласно се зборува за потребата од неработен ден во име на традиционалното семејство, наместо во име на обезличениот и подјарамен работник, кој е нуклеусот на општеството. И се ќе беше повторно нормално доколку ваквата иницијатива доаѓаше од чистата дијалектичка мисла на синдикалците во оваа вукојебина, каде со години седат во скутот на квази буржоазијата, или подобро речено новопечена олигархија, уживајќи ги сите привилегии на истиот тој експлоататорски систем против кој наводно се борат. За да лицемерието биде во целост заокружено, тука е и НВО либералниот сектор финансиран од истиот тој крупен капитал, глумејќи транспарентност и и наводна грижа за работничките права во услови на либерален капитализам. Фали уште МПЦ да излезе со јасен став дека македонскиот експлоатиран работник од понеделник до сабота, мора да го добие седмиот ден за одмор кој ќе му го посвети на Бога, кој по се изгледа одамна дигнал раце од него.
Ова го велам поради фактот што се случуваше во изминатите 17 години во Словенија, каде после Референдумот од септември 2003 година, на кој јасно се искажаа 57% од излезните Словенци дека сакаат недела да биде неработен ден, Римокатоличката црква непрестано укажуваше на на потребата од патријархалност на семејството а со тоа и правото на корестење на денот недела за негово собирање. Но без притоа јавно да се произнесе за експлоатацијата на трудот на работникот од страна на капиталистичкиот систем. Да не говорам за критиките кои доаѓаа од страна на Организацијата на работодавачи и Стопанската комора на оваа земја кои секогаш се јавуваат како мецени на црквата, кои во три наврати ја оспоруваа уставноста на предлог мерката произлезена од резултатите на референдумот. Уставниот суд на Република Словенија три пати пресудуваше дека таквото ограничување на интересите на капиталот не е во спротивност со Уставот на државата. Затоа претставниците на капиталот се должни да ја почитуваат одлуката од референдумот на кој беше изразена волјата на народот.
Сепак после скоро две децении од одржувањето на референдумот, во законодавниот дом минатата година кон крајот на септември конечно беше изгласан амандманот во законот со кој се ограничува работењето во недела во одредени дејности, каде безмалку работат 120 000 работници. Но сепак се чини дека и после носењето на амандманот, голем дел од работодавачите го злоупотребуваат денот недела поради воведувањето на купување преку интернет и вршење на достава до дома истиот ден, на што „бурно“ реагираа синдикатите. Од друга страна пак Организацијата на работодавачи и Стопанската комора на Словенија и понатаму оспоруваат некои членови од Законот, како и барањето за привремено одложување на спроведувањето на донесениот амандман на законот, жалејќи се на тешката економска состојба предизвикана од пандемијата, што резултира со пад на прометот и нови отпуштања. Ваквото делумно ограничување постои уште во десетина други држави во Европа, но никаде посебно капиталот не може да се пожали дека се наоѓа во понезавидна положба од работничката класа. Останува да видиме како македонските капиталисти ќе изреагираат после евентуалното носење на законот со кој се предвидува ограничување на работата во недела кај одредени дејности.
Автор на текстот Гордан Стошевиќ