Објавено на 20 декември 2020 од Il Grido del Popolo©
Деновиве „случајно“ погледнав едно излагање на претставничка на НВО секторот во жална Македонија, која говори за менструалната хигиена како за важно политичко прашање, која како што вели, никогаш не се перципирала на тој начин. Меѓу другото беше збор и за менструалната сиромаштија за која ете многу малку се зборувало во јавноста. Contra receptam opinionem, би рекол јас во случајов како одговор на ваквите либерални тези во отсуство на вистински револуционерен пристап против патријархалните вредности на капиталистичкиот поредок. Меѓутоа, за разлика од многумина, јас воопшто не сум затечен од ваквата либерална реторика која доаѓа од редовите на НВО секторот, кој по правило прави дистинкција од власта, за разлика од овдешниот балкански, кој е папочна врвца на „прогресивната“ левица на која и припаѓа ѝ историски реакционерната социјалдемократија.
Истата онаа политичка клика на која и припаѓаа ѝ оние кои пред сто години на нацистите им ја испорачаа Роза Луксембург. Каква ли само хипокризија во редовите на салонската левица! Дијалектичката контрадикторност на денешните фенси левичари најлесно може да се детектира преку историскиот материјализам како основа на целокупната историја, која не е ништо друго туку историја на класни борби. Класната борба е единствениот двигател преку кој може да се направи структурален премин од примитивен комунизам, преку феудализам и капитализам, до својата крајна цел, воспоставување на комунизам. Фази на развој кои марксистичката антропологија ги оценува спрема начинот на производство кој доминира во секоја фаза одделно. Ако можеме внимателно да забележиме, преодните фази од примитивен до утописки комунизам, покажуваат дека општествената еволуција може да успори, но не може да запре. Спротивставеноста на класите како резултат на експлоатацијата на трудот и правото на сопственост, ќе генерира класни борби се до оној момент додека не се случи промена на постоечкото капиталистичко устројство. Процес кој секогаш ќе наиде на отпор од страна на владејачката класа, која секогаш одлучно ќе се спротивстави на таквата промена.
Фото: сексуална работничка во земја на развиен капитализам, извор: Colourbox
За разлика од Хегел, кој заговара телеолошки пристап на општествените промени, Маркс е поборник на дарвинистичкиот, или уште подобро речено епикурејски пристап, кој заговара одсутност на божанска моќ, давајќи и предност на контингенцијата над телеологијата, како стварност која постои. Капитализмот како и неговиот претходник, феудализмот, секогаш во рацете држи инструменти со чија помош ја одржува статус кво ситуацијата во односот помеѓу производствените сили. Еден од нив е и патријархатот. Специфичните економски фактори стојат во позадина на субординацијата на жената, и само преку фундаментално влијание за промена на нејзината социјална позиција, може да стане слободна во вистинска смисла на зборот. Само преку реконструкција на современите продуктивни врски ќе се елиминира објектификацијата на жената во општеството. Еманципацијата е еден од фундаментите во борбата за социјална еднаквост и потполно ослободување, но таа е нераскинлив дел од работничкото прашање и позицијата на меѓународниот пролетеријат.
Затоа, колку и да се „радикални“ денес либералите и социјалдемократите во нивните феминистички настојувања на женското прашање да му дадат голема димензија, нивната лојалност сепак е потчинета на буржоаската класа. Потребата за политичка и економска рамноправност на жената не прашање на паритет, туку нужен историски материјализам кој произлегува од самиот животен развој. Сепак факт е дека женскиот свет е поделен како што е поделен и оној на мажите, на две спротивставени класи. Во прв ред се аспирациите и интересите на една група на жени кои припаѓаат на буржоаската класа, додека во втор ред доаѓа поголемата група на жени која припаѓа на пролетеријатот. Иако и двете групи се водат од ист слоган, слобода на жените, нивните цели и интереси се различи поради припадноста на класата. Вез разлика колку „радикални“ да се барањата на феминистките, тие не можат поради нивната класна позиција да се борат за таа фундаментална трансформација на современата економска, политичка и социјална структура на капиталистичкиот систем, чиј фундамент е патријархатот. Систем кој без ослободување на жената не може да биде праведен.
Фото: Сабина Орелана Круз, првата жена министер за депатријархализација во светот, извор: TeleSur
Големата руска марксистичка револуционерка Александра Колонтаи, кога се во прашање жените и марксизмот, во делот на социјалната основа на прашањето за жената, уште во далечната 1909 година ќе напише:
„Феминистките ги гледаат мажите како нивен единствен непријател, затоа што мажите неправедно ги присвоиле сите права и привилегии за себе, оставајќи им на жените само обврски и ропство. За нив победата е извојувана кога привилегиите што ги ужива машкиот пол би биле дадени на понежниот пол. Жените пролетери имаат поинаков пристап и став кон ова. Тие не го гледаат мажот како непријател и опресор, напротив, тие гледаат на мажите како на нивни другари со кои ја делат експлоатацијата на дневна основа и со кои се борат заедно за подобра иднина. Жената и нејзиниот другар од спротивниот пол се поробени и во иста социјална положба – истите синџири на капитализмот им ја опресираат волјата и ги лишуваат од радостите и бенефитите на животот. Вистината е дека повеќе специфични аспекти на современиот систем имаат двојна тежина врз жената, исто како што е вистина дека ангажирањето на женската работна сила понекогаш ги претвора во компетиторки и ривали на мажите. Но во ваквите невкусни и неповолни ситуации, работничката класа знае кој е виновникот. Жената работник, не помалку од својот брат во неволја, го мрази истото тоа незаситено чудовиште со позлатена муцка, на кое единствен интерес му е да ја исцеди и последната капка пот од неговите жртви и да порасне на грбот и трошокот на трудот на милиони човечки животи, фрлајќи ја зависта еднакво кон мажите, жените и децата. Од друга страна пак, аспирациите на буржоаските жени се чудни и несфатливи. Тие воопшто не допираат и не го топлат срцето на пролетеријатот, тие не ја ветуваат светлата иднина на жените пролетери, иднината кон која очите на сите експлоатирани луѓе се вперени.“
Фото: Александра Колонтаи, извор: архива
Од ова можеме да заклучиме дека, денешната НВО либерална матрица нема допирна точка со проблемите на класно угнетените и социјално обесправените, класа на која и припаѓа ѝ жената работничка, сестра, ќерка, мајка, баба… Непобитен факт за тоа дека либералниот пристап на општествена одговорност и политичка акција, е подлошка на крупниот капитал, кому не му е тешко да ги пронајде своите сојузници и субверзивни елементи во реакционерните најниски слоеви на општеството, по примерот на лумпенпролетеријатот. Да зборуваш денес за ослободување на жената работничка како припадник на пролетеријатот кој е класа сама за себе, е повеќе од контрадикторно, во најмала рака лицемерно. Во таа смисла Колонтаи повторно ќе потенцира:
„Жената може да биде слободна и да поседува еднакви права само во свет на социјализам, свет на хармонија и правда. Феминистките се неподготвени и неспособни да го разберат тоа. За нив еднаквоста изгледа е формалност која е законски прифатена на лист хартија дека тие ќе бидат во можност да добијат комфорно место за себе во истиот тој стар изживеан свет на опресија, ропство и субјективизирање, свет на тешкотии и солзи. Додека пак за мнозинството жени работнички, еднакви права би значело еднаква делба на нееднаквоста, но за привилегираните, за жените буржујки, би отворило порти кои водат кон нови права и привилегии кои до тогаш биле уживани само од страна на мажите припадници на буржоаската класа. Секое право и привилегија освоено од жената буржујка и дава неа ново орудие за експлоатација на нејзината сестра и ја зголемува раслоеноста меѓу жените од двете опозитни групи. Раслоеноста помеѓу буржоазијата и пролетеријатот е неизбежна во однос на на сите засегнати прашања, но во случајот на ова специфично прашање, феминистките фантазираат дека со жените од различните слоеви немаат разлики. Феминистките се декларираат себеси дека се на страната на социјалните реформи, дури и некои од нив се дрзнуваат да подржат социјализам, но во далечна иднина, но тие не планираат да се впуштат во борба на ист ранг со работничката класа за да се реализираат овие цели. Без разлика колку и да се добри намерите на феминистичките индивидуални групи спрема пролетеријатот, секогаш кога прашањето за класната борба е поставено тие исплашени го напуштаат бојното поле. Колку и да сакаат буржоаските феминистки да ја потиснат вистинската цел на нивните политички амбиции, колку и да ги убедуваат нивните помлади сестри дека вклучувањето во политичкиот живот носи ветувања за немерливи бенефити за жените на работничката класа, духот на буржоазијата кој преовладува низ целото феминистичко движење им дава на класите различна боја дури и на барањето за еднакви политички права со мажите, кое изгледа дека е генералниот демант на жената.“
Фото: перформанс на сексуалните работнички во Скопје како дел од кампањата за “подигање” на свеста на граѓаните кон оваа категорија на работници, извор: Red Umbrella
Уште еден доказ дека либералниот реакционерен феминизам е производ на на владејачката класа преку која тој си обезбедува повластено место во општеството. Неупатените веднаш ќе речат дека многу се има променето од времето на Колонтаи до сега во овие сто години, но ништо нѐ е променето, верувајте. Опортунизмот и понатаму е главна карактеристика на НВО секторот кој денес води активна политика во „одбрана“ на разноразни маргинализирани групи на работ од општеството. Една од кампањите на која се трошат капиталистички пари е онаа за заштита на сексуалните работнички во сузбивање на неконкурентноста на пазарот на проституција. Неретко вакви кампањи се подржани и од власта, по примерот на онаа од пред три години, кога со перформансот во организација на граѓанската иницијатива за заштита и унапредување на правата на сексуалните работници, Стар-стар во соработка со коалицијата Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници, ќе биде одбележан Меѓународниот ден против насилството врз сексуалните работнички.
Перформанс кој имаше за цел во Скопје да го отслика шармот на Улицата на црвените фенери со бордели во Амстердам, со цел на јавноста да ѝ се покаже дека и во јадна Македонија има сексуални работнички, но дека тие се скриени, стигматизирани од околината и трпат насилство што не можат да го пријават. Во перформансот каде виртуелно треба да се купи љубов, во најголем дел од толпата посматрачи на излозите со „месо“ на продажба, можеше да се препознае заедничката констатација дека вакво нешто му е потребно на Скопје. Ѓаволски лесна работа за развој на претприемништвото после пандемијата со корона вирусот, кога многу стопански гранки засекогаш ќе бидат уништени а изложбен простор ќе има на претек, нешто што отвара можност излозите со кукли на кои има поставено облека, да бидат заменети со живи луѓе (девојки) на кои нема да има облека. Одлична бизнис промоција на Елдорадо земја после легализирањето на марихуаната. Проект на кој би му позавидел и економскиот тим на Груевски кој трошеше тешки милиони државни пари за промоција на Македонија на светските медиуми како CNN. Се зборува дури и за носење на либерален закон со кој би се уредувале правата на овие работници, од кој покрај нив би имала полза и државата. Секако, онаа капиталистичката која интересот на капиталот го става на прво место, далеку пред интересите на граѓаните.
Фото: протести на жените во Афганистан, извор: архива
Секако дека рестриктивните законски одредби од типот на Legge Merlin од 1958 година во Италија, закон со кој се забранува проституцијата, укинуваат до тогаш легалните бордели и сводништвото станува казнено дело, односно нудењето на на сексуални услуги во јавност. Закон кој е донесен после десетгодишна парламентарна расправа во која заговарачите потенцираат дека на тој начин ќе се промовира јавниот морал и би се спречила експлоатацијата на жената, додека пак противниците потенцираат дека на тој начин проституцијата би се однела во сферата на криминалот, и би поттикнала масовно ширење на полови болести. Во последните педесетина години во Италија либералните кругови постојано го актуелизираат ова прашање но без поголем успех. Но, дали легалното продавање на овој вид на услуги навистина би ја заштитил жената од експлоатација? Одговорот е едно големо категорично не! Ниту во еден случај цената на трудот на жената работничка во овој сектор не може да се спореди со апстрактната цена на парче облека во излог, или парче месо во месара. Достоинството на жената не може во никој случај да биде вреднувано со одредена вредност на физичкиот труд во системот на експлоатација.
Крајната цел треба да биде укинување на експлоатацијата на трудот, а со тоа и укинување на самата проституција, бидејќи како што вели Маркс во своите Економски и филозофски ракописи од 1844 година: „Проституцијата е само специфичен израз на општата проституција на работникот, а бидејќи таа е врска во која не запаѓа само проститутката, туку и оној што се проституира – гнасотијата на втората е уште поголема – капиталистот, исто така доаѓа под оваа глава“. Енгелс оди уште понатаму во критиката на капитализмот, во кој како израз на негова аномалија покрај патријархатот се појавува и проституцијата. Тој во Принципите на комунизмот од 1847 година ќе напише: „И еве го одговорот на негодувањата на мошне моралните филистинци против заедницата на жени. Заедницата на жени е состојба на која целосно му припаѓа на буржуаското општество и која денес го наоѓа својот целосен израз во проституцијата. Но, проституцијата се заснова на приватната сопственост и паѓа заедно со неа. Така, комунистичкото општество, наместо да воведе заедница на жени, всушност ја укинува“.
Фото: Кралици на тротоарот (Reines des trottoirs) во Амстердам при крајот на 19 век, извор: Pinterest
Од друга страна пак либералната матрица во својот буржоаски спектар на перцепција на експлоатацијата на трудот се обидува да импутира образец преку кој би се амнестирал капитализмот од вината за експлоатација на жената работничка, дури и за онаа која стои полугола во излог со закачена цена „соодветна“ на нејзиниот физички труд. Тука лежи и најголемиот парадокс при експлоатацијата на трудот, бидејќи вулгарните марксисти често пати ги мешаат поимите орудија (средства за производство) со производните сили, кога говорат дека само со присвојување на средствата за производство би исчезнала во потполност експлоатацијата на трудот. Напротив, производните сили во себе покрај орудијата, кои го чинат нивниот нежив, статичен елемент, го содржат и човекот (барем до негова потполна замена од вградената интелегенција под покровителство на акцелерацискиот капитализам), производителот, кој го чини нивниот жив, динамичен елемент. Дотолку повеќе, без човекот, без работникот, орудијата (машините) не претставуваат ништо сами по себе, бидејќи тие не можат сами да произведуваат, ниту пак е можно нивно постоење, бидејќи и самите се плод на човечкиот труд, на неговата работа. Затоа во Марксовата теорија средствата за производство не претставуваат економска категорија. Либералите не само што сакаат да релативизираат, тие во својата најдлабока реакционерна природа сакаат да ја негираат историската вистина, препишувајќи си ги на себе заслугите за еманципацијата на жената. Пази богати, требаше да чекаме декади непрестана експлоатација на жената работничка после реставрацијата на капитализмот, да би денес либералите и социјалдемократите нам комунистите ни приговараат, дека не сме направиле ништо во врска со женското прашање. Какво безобразие и лицемерство од нивна страна.
Тие дури одат до таму, да вината за лошата положба на жената во потполност ја префрлат на грубиот бирократски социјализам кој немал разбирање за дејноста која ја работат одредни целни групи. И наместо да се вклучат во еманципацијата на постсоцијалистичката жена, робинка на капитализмот, тие со нивниот опортунизам ја принудуваат слепо да ги прифати нормите на капиталистичкото потрошувачко општество, во кое конзумеризмот има примарно место. Истите тие либерали преку одредени уставни и законски интервенции, сакаат во потполност да ја подредат жената работничка на институционална гола борба, во која однапред е осудена на неуспех поради патријархалниот концепт на претставничка демократија. Во исто време пак во јавноста се креира мислење, дека преку подобрување на условите во работната средина, би исчезнало насилството над жената работничка, што всушност претставува најголема лага во реториката на либералната буржоазија. Напротив, големиот африкански револуционер и борец за правата на жените, Томас Санкара честопати знаел да каже дека, револуцијата и ослободувањето на жените одат заедно. “Ние не зборуваме за еманципација на жените како чин на милосрдие или од наплив на човечко сочувство. Основна потреба е револуцијата да триумфира. Затоа што втората половина на небото припаѓа на жените”.
Фото: капетан Томас Санкара помеѓу жените на Буркина Фасо, извор: архива
Замислете денес изјава на член на организација за правата на сексуалните работници кој вели: „дека клиентите кон девојките се однесувале како кон принцези!“ Овие идеолошки реакционери дури не се срамат да кажат дека добиваат големи грантови за обуки и работилници кои ќе „помагаат“ на маргинализираните сексуални работници во борбата со државните институции за признавање на истите како легитимни колективи. Примарната цел на ваквите здруженија и организации е формирање на свет без насилство, каде сексуалните работници можат да ја извршуваат својата избрана професија во демократско и толерантно општество. Уште еден доказ за длабока хипокризија во редовите на либералната буржоазија. Замислете! Понатаму велат: „дека пред петнаесет години во делови од Македонија било табу да се каже дека си сексуална работничка, но, дека денес работите се доста променети, и дека припадниците на оваа професија се чувствуваат добро и уживаат во својата заработка“.
Претставниците на либералната буржоазија не забораваат да напоменат, дека нивната репрезентативност последниве години доживеала своевиден процут, а во успесите кои се повеќе ги бележат на терен, ги вбројуваат и отворањата на канцеларии на многу видни места, некои дури во близина на највисокиот законодавен дом, како би покажале на политичарите дека постојат, дека најпосле станале видливи, и способни за стратешко лобирање во политиката. Дури и отворено прашуват: „Зошто нулта толеранција кон најстарата професија?“. Па нормално, не би се сигурно повикувале на класната борба, како на историска вистина за експлоатацијата на трудот, социјалната беда, нееднаквост и раслојување, и отуѓувањето на општествената сопственост преку срамната приватизација, кога веќе не постои толку посакуваната сексуална нееднаквост. Само еден од ужасите на постмодерната кои либералните буржуи секојдневно како папагали ги повторуваат во јавниот простор, финансирани од крупниот капитал.
Фото: Александра Колонтаи, извор: архива
Кога ќе загребете малку подлабоко во проблемот на експлоатацијата на жената, можете да забележите дека поимањето на тоа, како се користат политичките права за одредени маргинализирани групи, наменски се креира непремостлива брана помеѓу двете спротивставени класи, во случајов, помеѓу жените буржујки и жените пролетери. Жените вршат притисок за правни промени кои креираат подобри услови за работа за нив; тие стојат заедно против регулациите за легализација на проституцијата. Во секој случај, коинциденциите на овие заеднички цели се од чисто формална природа. Бидејќи класниот интерес е оној кој го детерминира ставот и пристапот на овие две класи кон овие реформи, став кој е многу контрадикторен. Во тој правец зборува и Александра Колонтаи:
„Класниот инстикт, или како и да го нарекуваат феминистките, секогаш се покажувал дека е многу помоќен отколку благородниот ентузијазам на над-класна политика. Па се додека жените буржујки и нивните помлади сестри се еднакви во нееднаквоста, првите можат со комплетна искреност да направат големи напори за да ги одбранат генералните интереси на жените. Но кога фасадата ќе падне и жените буржујки добијат пристап до политичка активност, истите тие бранителки на правата на сите жени ентузијастично почнуваат да ги бранат интересите на сопствената класа, подготвени да ги остават своите помлади сестри без апсолутно никакви права. При што, кога феминистките зборуваат со работничките за потребата од заедничка борба со цел да се реализираат некои генерални женски принципи, тогаш жените припаднички на работничката класа со право се скептични и не им веруваат.“
Фото: Жени работнички во СССР после Втората светска војна, извор: архива
Кога Октомвриската револуција во Русија го сруши стариот полу-феудален и полу-капиталистички поредок, им зададе голем удар на обичаите, помеѓу кои и оној на директна зависност на жената од мажот. Со што само се потврдуваше Енгелсовата мисла: „дека првото класно угнетување е всушност она од мажите врз жените“. Сите граѓани и селани после ова станаа еднакви пред работничкиот колектив, каде политиката на советите им овозможи на жените работнички еднаков третман со мажите во производствениот процес и валоризирањето на трудот. Ова може да се огледа и во Членот 12. од Уставот на Советскиот Сојуз, каде стои дека, работата во СССР е должност и чест на секој за работа способен граѓанин према начелото: кој не работи, не треба ни да јаде. Жената повеќе не се обезбедуваше себеси преку бракот, туку преку улогата која ја доби во продукцијата на општествениот капитал и придонесот кој го дава за добробит на работничкиот колектив. Во тој случај се помалку имаше место за проституцијата, поготово со зацврстувањето на работничката унија на жени, како еден од најважните елементи на изградбата на праведно комунистичко општество за сите. Затоа во идната работничка држава не можеше да преовладува позитивно мислење во однос на проституцијата како избрана професија. Во тој поглед Александра Колонтаи во говорот на Третата серуска конференција на шефовите на регионалните женски оддели во 1921 година, пред меѓубројните делегати при своето излагање на темата Проституијата и начини за борба против истата ќе изјави:
„Жената работничка на Советската Република е слободен граѓанин со еднакви права, и не може и не смее да претставува објект за продажба или купување. И над сето тоа, проституцијата и штети на националната економија и го закочува понатамошниот напредок на силата на продукцијата. Ние многу добро знаеме дека може да го надминеме овој хаос и да ја надоградиме индустријата, само и само ако ги искористиме дадените напори и енергија на работниците и само ако се организира достапната моќ на работниците, на мажите и жените, на најрационален начин. Да се направи простор за организирана и продуктивна работа која ќе служи на работниот колектив. И после се, што всушност претставува професионална проститутка? Таа е личност чија енергија не се користи за добробит на колективот; личност која живее на грбот на другите, со земање на одредена сума од другите. Дали вакво нешто смее да се дозволи во работничка република? Не, не може! Не смее да биде дозволено, затоа што ги намалува резервите на енергија и бројот на работна рака кои го продуцираат националното богатство и генералната добробит целокупно, од гледна точка на националната економија професионалната проститутка претставува дезертер на трудот. Во интерес на трудот ние мора да почнеме веднаш да ја намалуваме бројката на проститутки во секаква форма. Политичката заостанатост и недостатокот на социјална свест на жената е една од причините за проституција. Одделот за жени треба да се залага да се подигне свеста кај жените пролетери. Најдобриот и најефикасниот начин во борбата против проституцијата е да се издигне политичката свест на широките маси на жени работнички и нивно привлекување кон револуционерната борба за изградба на комунизмот.“
Фото: протести на жените во арапскиот свет од минатиот век, извор: архива
Знам и убеден сум дека денес припадниците на либералната буржоазија веднаш ќе побрзаат да ја оспорат оваа марксистичка критика како утопистичка и неадекватна за историскиот контекст во кој се наоѓа жената работничка. Аргумент кој не може никако да се поткрепи со оглед на положбата на жената во капитализмот, каде по правило царува патријархатот. Дотолку повеќе, овие зборови на Александра Колонтаи дури добиваат поголемо историско значење, па затоа нека одзвонуваат постојано во ушите на реакционерната либерална буржоазија:
„Другари! Ние ги поставуваме темелите на комунистичката иднина. Во наша моќ е да го забрзаме овој процес. Ние мораме да ги зацврстиме чувствата за солидарност кај работничката класа. Ние мораме да го направиме овој храбар потег заедно. Проституцијата штети врз развојот на солидарност, и затоа се повикуваме на одделите на жени да започнат кампања да се искорени ова зло. Другари! Наша задача е да ги пресечеме корените кои ја хранат проституцијата. Наша задача е да водиме безмилосна битка против сите облици на на индивидуализам и против застарените облици на брак. Наша задача е да ги револуционаризираме ставовите во сферата на сексуалните врски, да ги доведеме во линија со интересите на работниот колектив. Кога комунистичкиот колектив ке ги искорени и елиминира старите форми на брак и семејство, проституцијата ќе престане да постои.“
Фото: жени работнички во СССР после Втората светска војна, извор: архива
Но, зошто денес би се толкуваа историската дијалектика на Александра Колонтаи од страна на либералната буржоазија во нејзината изворна форма, кога таа едноставно ја разбира само логиката на капиталот. А таа вели дека женското тело има цена како и се останато што се нуди на пазарот на услуги, без притоа да се осуди експлоатацијата на трудот, додека вниманието се насочува во друга насока. Поефикасна медицинска заштита, достапни (по можност бесплатни) хигиенски производи при изведување на „работниот процес”, платени придонеси за пензиско, инвалидско и здравствено осигурување, се само некои од мерките кои ги бараат апологетите на неолибералната држава за подобрување на статусот на сексуалните работнички. Уште да се анулира насилството од купувачите на услуги (читај љубов) и културно да се едуцираат по примерот на останатите во делот на производите и услугите од широка потрошувачка, и сите задоволни да бидат.
Да ми зборуваше некој за „хуманата“ страна на капитализмот, немаше да му верувам. Вака, на либералите им останаа влажните сништа за потполна легализација на продажбата на сексуални услуги, занемарувајќи ја деградацијата на достоинството на жената работник, и на тој начин стимулирајќи ја уште повеќе експлоатацијата на нејзиниот труд, од што полза би имал единствено капиталот. За да биде трагедијата уште поголема во целата оваа ситуација, либералната буржоазија подржана од НВО секторот кој во најголем дел е финансиран од страна на крупниот капитал, се повеќе во јавниот простор заговара вредности кои го поларизираат општеството кое се дави во суштествени проблеми кои не се детерминираат од страна на либералната буржоаска клика. Повластена групација на која и припаѓаат безброј НВО активисти, поголемиот дел од академската и интелектуалната елита, луѓе од сферата на јавниот живот, припадници на високата средна класа, и сите оние кои поради нивниот опортунистички пристап и конформизам го живеат животот по „линија на помал отпор“.
Фото: вооружена женска формација како дел од револуцијата во земјите од третиот свет, извор: архива
Оваа групација на луѓе од високото друштво, која никако да се спушти долу ниско помеѓу масите за да го поприми мирисот на бедата, намерно ја игнорира големата слика позади која е насобрана сета егзистенцијална безперспективност на една цела генерација работници жртви на транзициската трагедија во еден чин, економската катастрофа која како темни облаци надвиснала над работниот народ, социјалниот холокауст во кој данокот на живот го плаќаат многу целни групи помеѓу кои и пензионерите, потполната ерозија на работничките права после девастацијата на синдикалните организации и деиндустријализацијата на државата, со што главниот двигател прогресот се враќа длабоко во феудално доба, па се до постепеното укинување на граѓанските права и слободи. Но затоа пак се поотворено се говори за менструалната хигиена како за важно политичко прашање, за подигнување на свеста кај помладата генерација во однос на женското прашање, притоа не сметајќи им тоа што насекаде во јавниот простор, од социјалните мрежи преку медиумите, па се до рекламните паноа надвор, женското тело е објективизирано како никогаш во човековата историја, сето тоа под покровителство на акцелерацискиот капитализам.
Додека по сите основи гледаме деградирање на жената работник во општеството, овие апологети на капиталот говорат за тоа како во училиштата за девојчињата требало да се обезбедат бесплатни средства и козметика за менструална хигиена, додека никој не зборува за тоа како за само неколку години транзиција децата ученици останаа без основна храна која по сите параметри треба да биде социјална категорија, наместо претприемачко-тендерска од која би се офајдиле некои новопечени капиталисти. Дали овие либерални егземплари на казино капитализмот ги интересира колку деца во државата во текот на денот имаат по еден оброк или помалку, колку од нив одат на спиење гладни, немаат основна медицинска нега, а поради сиромаштијата со која се соочуваат нивните родители, принудени се на социјалните мрежи да огласуваат дека им е потребна помош во донација на парични средства за болничко лекување на нивните дечиња. И уште милион мали трагедии кои секој ден се повеќе во очај го фрла просечното македонско работничко семејство. Не, не ги интересира, ниту пак ќе ги интересира. Нивниот интерес е исклучиво интересот на капиталот!
Фото: експлоатација на детскиот труд во земја од периферија на капитализмот, извор: архива
Затоа господа либерали, престанете да правите компарации помеѓу овој темен вилает кој повеќе наликува на протекторат без свој суверенитет, отколку на независна држава, со сите оние нормални општества за кои имате полна уста пофалби, бидејќи сте далеку од нив со светлосни години. Подобро би било сите тие силни пари кои ги добивате од буржоазијата да ги пренасочите кон вистински социјални проекти преку кои ќе нахраните и облечете многу гладни, голи и боси дечиња, кои ја немаат таа среќа да растат во здрава социјална држава како своите врсници во земјите за кои толку многу љубите да зборувате. Је*ала вас менструална хигиена, кога секое трето девојче оди гладно во кревет, а нејзината мајка мора да трпи мобинг на работното место, како не би морала да се оддава на проституција, во намерата да и обезбеди парче леб.
Автор на текстот Гордан Стошевиќ