Објавено на 3 март 2021 од Il Grido del Popolo©
Познатиот италијански романописец Умберто Еко во неговиот критички осврт кон фашизмот во еден од своите политички есеи ќе напише: „дека на луѓето кои чуствуваат дека им е украден нивниот сопствен социјален идентитет, фашизмот им ја доделува единствената привилегија да бидат родени во иста земја. Изворот на фашизмот е во социјалната фрустрација. Освен тоа, една нација доаѓа до својот идентитет само преку своите непријатели“. Кога се родил Еко во Италија во „мода“ биле camicie nere кои уште претходно се имаа трансформирано во Milizia volontaria per la sicurezza nazionale. За среќа денес кај нас нема црнокошуљаши, ама затоа има НВО антифашисти, чија ангажираност е по потреба. Од тука и на историскиот антифашизам во Северна вукојебина Македонија може да се гледа како на крипто антифашизам. Впрочем и републиканизмот, социјализмот и комунизмот можат слободно да го добијат овој префикс, имајќи го во предвид историскиот дијалектички материјализам. Имено, во тајниот извештај на ЦИА од 17 февруари 1950 година, а декласифициран на 4 декември 2001 година, помеѓу другото, во делот на создавањето на македонската држава и нација се вели:
„Тие создадоа република без републиканци, социјалистичка држава без социјалисти, комунистичка власт без политички образувани комунисти. Создадоа јазик кој никој не го разбира. Држава туѓа на граѓаните во неа. Само името им е реално, сѐ друго е измама.“
Како што е измама и антифашизмот кој по потреба го манифестираат политички ангажираните псевдо левичари во изминативе 30 години, но и некои десничари во последно време, што претставува политичко-идеолошки оксиморон. Манифестација која се шири како зараза во Македонија, но и пошироко на Балканот. Па богати, денес на овој темен вилает одеднаш сите се повикуваат на “антифашизам”, од четници, преку усташи и домобрани, до балии и балисти. Сите во хор мантраат за наводен комунистички злочин во пола вековното “едноумие”. Временска дистанца која за илјадниците партизански револуционери претставуваше цивилизациска придобивка.
Но ете и да речеме дека е делумна вистина, истиот тој антифашизам во најмала рака е дволичен и крајно лицемерен во редовите на државотворниот или конститутивниот народ, како милува да се нарекува народот кој полека но сигурно исчезнува само поради незнаење. Како што во дамнешни времиња говорел старозаветниот пророк Осија за својот народ. Имено нашиве антифашисти по потреба, во целиот изминат период на плурална Македонија, својот политички мотивиран општествен ангажман го насочуваат стихијно кон одредени дежурни виновници за ретроградните политики на власта, во моментов кон Република Бугарија, истурајќи го целиот свој гнев како резултат на тридецениската политичка инфантилност.
Ваквиот селективен пристап на македонските крипто антифашисти посебно може да се примети после 2001 година, кога меѓуетничкиот воен конфликт кој за малку не прерасна во граѓанска војна, беше повод за ново редефинирање на односите помеѓу Македонците и Албанците, бетонирајќи го на тој начин етноцентризмот во државата. Сѐ се заврши со Охридскиот рамковен договор, со кој на албанската заедница се дефинираат правата, но не и обврските во државата која по нивен урнек би требало да биде Швајцарија на Балканите. И се ќе беше добро да не се работеше за темен вилает во кој царува филозофијата на паланката. Веќе во 2004 година новата територијална поделба го наметна прашањето за еволутивниот процес од унитарност, преку кантонизација и федерализација, до еднострано отцепување и прогласување независност по примерот на франкештајновото чудовиште Косово.
И се ќе беше добро ако се завршеше со Струга и Кичево, но апетитите на албанската заедница беа големи, па не застанаа тука со мегаломанските барања. Не толку за обичните смртници Албанци, експлоатирани фабрички работници, земјоделци и селани под јаремот на капитализмот, колку за нивните политички номенклатури со сомнително минато, амнестирана и рехабилитирана сегашност, и светла и блескава иднина. Извинете господа „марксисти“ од Зајас до Шипковица, ама да ве немаше требаше да ве измислат. Арно ама и за тоа УДБА се погрижи. Истата онаа УДБА на која и „пречеше“ акронимот на една организација од времето на фабрикуваната историја пред раѓањето на државичето во Јајце на 29 ноември 1943.
Акроним кој е замислете судбина на овој неук народ, од кого ја црпи духовната и материјалната сила повластената елита на белата палата, за многумина олицетворение на Валхала. Секако да не ги изземеме и елитистите од Бихаќка, наследниците на црвената буржоазија од бившиот ЦК кој сега е седиште на владата на Северна вукојебина Македонија маскиран во hard-core необарок во стилот на Потемкин. И видете каква „случајност“, истата таа елита навидум во идеолошка војна со „марксистите“ од империјалистичкото чедо УЧК после конфликтот во 2001 година, наизменично од 2002 година (2006-2008 во друга комбинација) ќе најде заеднички јазик за иста возвишена цел, богот Молох во најсовремена можна традиција. Скоро две декади одбележани со владеење на една исклучиво длабоко интересна клептократска групација. Групација која го осиромаши овој јаден народ кој заслужува многу полоша власт.
Оваа интересна клика која успешно го помина периодот на трансформација на општествениот капитал, најпрво во државен, а потоа и во приватен, успеа да опстои благодарение на историските околности кои ја задесија оваа релативно нова нација. Личните интереси и интересите на капиталот беа единствената валоризација од политичко-економска катарза после референдумот за независност од ’91. Втората по големина заедница, во државата која ја смета за своја како и останатите две соседни држави, водена од својот политички естаблишмент, чиј селективен и квалитативен популизам одеше рака под рака со оној на првата, поголемата етничка заедница, на крајот ќе доведе до национална катарза на втората и отфрлање на мајоризацијата на првата, која мораше да стане политички коректна. И додека вторава е во оргазмичен делириум, првата се обидува својата инфантилност да ја потисне, барајќи ја вината кај соседите, наместо дома во својот двор. Настрана од сите социјални фрустрации кај мнозинскиот македонски народ, комплексот на помала вредност на овие животни простори, се заканува да се претвори во дегенеративно самоуништување, нешто што е длабоко вкоренето во етногенезата на истиот.
Да биде трагедијата уште поголема, истиот тој мнозински народ во интерес на соживотот со останатите помали етнички заедници, не успеа да ја детектира погубната политика која ја водат неговите избраници, кои цело време ја насочуваат вината кај надворешни фактори. И не само тоа, туку нивната неспособност да се справат со последиците како резултат на погубните политики, постојано се амнестира од незрелиот гласачки електорат без грам политичка култура. Згора на се, медиумите кои се само продолжена рака на политиката на капиталот, секојдневно ја дефокусира јавноста од реалните проблеми кои имаат егзистенцијален, социјален и образовен карактер. Додека во исто време вниманието се насочува кон соседна Бугарија, која се посочува како единствен виновник за успорувањето на патот кон европските интеграции, државата се дави во криминал кој е резултат на повеќегодишниот политички консензус во желбата што повеќе да се одржат на власт клептократите чие владеење веќе го надмина она на некои суверени во земји каде постои plenituda potestas.
Погледнете го само Али Ахмети, на власт е подолго отколку што се вкупно на кралскиот трон суверените на двете од трите најмоќни колонијални сили, Шпанија и Холандија. Како тргнал командант Али ќе го надмине и генерал Сухарто (сатрапот на милион комунисти и марксисти во Индонезија) од позиција на власт. Најверојатно додека своето знаење од политиката во целост не им го пренесе на помладите и неискусните во штабот на Интегративците. Истите оние кои деновиве имаат набиена агенда на полето на политичката дипломатија, неговите десна и лева рака во имињата на Артан Груби и Бујар Османи, кои се впуштија во потера за пронаоѓање на сојузници за подршка на албанската кауза во регионот. Неговите два партиски пулени кои директно лобираа во меѓународната јавност за признавање на полупризнаената држава Косово, но и за анимирање на политичкото водство на соседна Албанија и Косово јавно да го подржи пописот во Македонија кој е од прв приоритет за Албанците ширум светот.
Илир Мета и Албин Курти експресно одговорија на барањата на македонските министри, јавно обраќајќи се на албанското население во Македонија, притоа не марејќи воопшто што се мешаат имплицитно во внатрешните работи на соседна држава која за жал одамна го има загубено својот суверенитет. Но затоа чуварите на националниот идентитет во ек на пандемија се забавуваа на карневал палејќи знаме на соседна држава, по сите критериуми акт на непријателство, чин за секаква осуда кој потсетува на едни мрачни времиња од историјата каде најпрво се палеа книги, потоа знамиња, и на крајот знаеме што. За жал не се застана овде при манифестација на лудилото, па војната на зборови неретко пропратена и со фашистичка реторика се пренесе на социјалните мрежи, каде после промоцијата на спотот на песната на нашиот претставник на Евровизија и негова изјава за поседување на двојно државјанство, се покрена лавина од ксенофобни, хомофобни и шовинистички напади кон него како кон државен непријател, за да на крајот сѐ резултира со покренување петиција за негово изземање од учеството на Евросонг.
Нечиста кампања чии политички мотиви во наративот на заедницата на социјалните медиуми цело време укажува на наводната фашистичка реторика која доаѓа од соседна Бугарија, а притоа воопшто да не се познава вистинското значење и самодетекција на истата во сопствените редови. Но затоа никој не се осудува да побара елементи на фашизам во фолклорот на многуте македонски национал-шовинист, од разноразните христијански братства, па се до хулиганските навивачки групи, исто како и во редовите на албанскиот корпус (наместо христијански братства, исламски џихадистички фундаменталисти). Доволно е само да се слушнат скандирањата на навивачките групи Балисти и Шверцери, од кои овие вториве јавно на стадион имаат истакнато богата иконографија и симболика која сведочи за најмрачните времиња од овие простори, кога под одредени знамиња маршираа окупациски војски и извршители на воени злосторства над цивилното население.
За тоа сведочи истакнувањето на транспарент на навивачката група Шверцери кој потсетува на логото од СС Дивизијата Скендербег од 1944 година. Додека паралелно на ова надвор од вистинската историографија како дел од дневно-политички и теснопартиски интереси, се инсистира на промена во дел од учебниците по географија и историја, кои говорат за улогата на албанскиот фактор во окупацијата на дел од територијата на Вардарска Македонија, барајќи изземање на тој дел, додека во исто време се говори за бугарска окупација. Уште пострашно од ова е тоа што се бара признавање на наводно извршен геноцид од страна над Албанците во Македонија во периодот од 1913 до 1956 година, посебно апострофирајќи го т.н. комунистички режим. Без притоа да им се погледне на аргументите во очи, имајќи го во предвид фактот дека Македонците помеѓу 1913 и 1941 година се под окупација на режимот во Белград, кој ќе испрати повеќе од 18 000 жандармерија од вкупно 22 000 со колку што располага режимот на целата територија на Кралството СХС, а подоцна и Југославија.
Шестојануарската диктатура од 1929 година е најголем сведок за тоа. Период за кој македонската историографија под диктат на Белград неволно ја има прифатено формулацијата Македонија меѓу двете светски војни. И покрај фактот што, како de facto, така и de jure, целата територија на Вардарска Македонија е окупирана од страна на српската империјална власт. Секако период кој исто така би требало да биде предмет на опсервација е оној помеѓу 1948 и 1953 година, после Резолуцијата на Информбирото, кога стотици комунисти и посветени револуционери од Македонија, поради нивните политички ставови блиски до БКП која во тој момент е на линија со политиката на Москва, ќе бидат предмет на иследување и интернација во логорите на Голи Оток и Нова Градишка.
Безмалку сите од нив под обвинение за контрареволуционерни активности и шпионирање во корист на СССР, окарактеризирани како пета колона во редовите комунистичкото движење во Југославија. Но денес, како и во изминативе осумдесет години, во Македонија никој нема доблест јавно да проговори за веќе постоечката интерпретација на историјата, чии делови по потреба неретко се подложни денес на ревидирање. Доказ за тоа беше налудничавиот режим на Груевски кој во неговиот обид за редефинирање на македонската нација, посегна по туѓ идентитет кој никогаш не припаѓал на словенскиот карактер на овој народ, кој никогаш историски немал никакви допирни точки со хеленската култура на која претендираше режимот. Режим чии методи воопшто не се разликуваат од оние на Алберт Шпер, Алфред Роземберг, Херман Вирст и нивните идеолози Гвидо фон Лист, Карл Хаусхофер и Ханс Хербигер. Поклоници на сакралното и профаното, езотеријата и окултизмот.
Експедициите во Пакистан каде се бараат сличности помеѓу тамошните припадници на племето Хунза и денешните Македонци, во многу што потсетуваше на експедициите на Аненербе на Шефер, испратени да ги пронајдат Аријците и Гондванците во митските Агарта и Шамбала. На крајот од сето тоа ништо не беше пронајдено, а вечниот пламен пред Вевелсберг престана да гори во квечерината на падот на 1000-годишниот Рајх. Истото се случи и кај нас, митот за народот на Богот Македон се сруши како кула од карти, или подобро речено се распукна како стиропорот од Потемкиново Скопје веднаш по падот на режимот. Но како и да е, епизодата со Грција и присвојувањето на дел од нејзината историја после договорот од Преспа е веќе зад нас. На ред дојде Бугарија и различната интерпретација на историјата како јаболко на раздорот. Пандорината кутија е отворена и никој повеќе не може да го запре историскиот процес на дијалектичкиот материјализам кој ќе кулминира со конечен пораз на оние кои другите ги обвинуваат за своите порази.
На крај само да истакнам, колку и да се обидувате да поентирате преку историскиот ревизионизам и државниот релативизам, господо либерали и конзервативци, нема да ви успее во намерата да го промените текот на дијалектичкиот и историскиот материјализам. Бидејки НОБ која пред се беше класна борба го потврди спротивното, а тоа е дека слугите на крупниот капитал беа победени. Еднаш ве победивме и повторно ќе ве победиме. Смрт за фашизмот, слобода за народот!
Автор на текстот Гордан Стошевиќ