Фељтон: Македонските револуционерни дејци пред и за време на НОБ

Објавено на 8 февруари 2021 од Il Grido del Popolo©

По повод одбележувањето на годишнината од смртта на еден од најголемите македонски револуционерни умови на 20 век, марксистичкиот деец и партизан Борка Талески, објавуваме дел од фељтонот посветен на учесниците на НОБ. За таа цел во продолжение извадок од книгата на авторите Благоја Талески и Коце Солунски “Прилепска хроника на НОБ“, издадена во Прилеп 1982 година.

Меѓу многуте акции што ги изведе Партијата и револуционерното движење во Прилеп, според својата масовност и општонароднo значење беше масовната демонстрација на Илинден 1940 година. Првобитно беше замислено прославата да се изведе само со излет и предавање како на Илинден 1939, но конечно се реши излетот да прерасне во политичка демонстрација против ненародниот режим, за работа, леб и слобода против фашистичката опасност. Спроти Илинден Месниот Комитет заседаваше цела ноќ, кога целосно беше разработен планот на демонстрација. На 2 Август излетот беше организиран во местото Шаторов Камен. Излетниците покрај заедничката колективна трпеза денот весело го поминаа. Покрај играта и веселбата Борко Талески одржа предавање за значењето на Илинден. 

Приквечер излетниците, на предлог на комунистите, колективно тргнаа назад кон градот. Кога се доближија до првите куќи падна предлогот во градот да се влезе во строј, и да ѝ се покаже на ненародната власт дека Македонците се единствени и нема да дозволат да бидат претворени во робови. Организираната поворка влезе во градот со пеење на револуционерната песна “Слобода е мила-слобода е сѐ, за неа се живее за неа се мре!… Македонија слободна, слободно ќе живее!”. Патем кон поворката се приклучуваа голем број граѓани. Поворката се упати кон паркот со извикување пароли “Сакаме мир, сакаме слобода! Неќеме војна!”. 

Фото: Семејството на Петре Талески-Модерното и Спасија Талески во 1933 година/ извор: oldprilep

Пред малата железничка станица на корзото поворката запре и побара да говори Борко Талески, кој беше мошне популарен кај младината. Говорот на Талески беше често пречекуван со извикување на пароли против режимот. Тој силно дејствуваше меѓу манифестантите, поради што атмосферата стана експлозивна, а расположението уште пореволуционерно. Потоа колоната продолжи низ градот со песни и извикување нови пароли за сојуз со СССР, против војната, против монополот на тутунот, со оддавање слава на илинденските борци и друго. 

Во ширината кај црквата Св. Кирил и Методија во Варошко маало говор одржа Трајко Бошкоски-Тарцан, а во Тризла говореше Кузман Јосифоски-Питу. Меѓутоа во исто време во акција стапи и полицијата. На предлог на Кузмана, манифестантите останаа мирни и продолжија да го слушаат неговиот говор, посветен на Илинден и на борбата на Македонскиот народ. Во тој момент наиде кордон жандарми со насочени пушки кон демонстрантите. Тие се упатија кон Кузмана за да го уапсат, но наидоа на отпор, кој се претвори во општа тепачка. Сепак Кузман Јосифоски-Питу го заврши својот говор со зборовите “Другари да го прославиме Илинден, ја завршивме својата задача, па сега можеме да си одиме по куќите”.

Фото: Борка Талески со своето семејство во 1939 година/ извор: oldprilep

На митингот првпат отворено и јавно се зборуваше за Гоце Делчев и Ѓорче Петров, за илинденските традиции и за поврзувањето на нивните идеали со современата борба на работничката класа и на Македонскиот народ. Следниот ден власта затвори околу 25 учесници во демонстрациите, од кои четворица беа дадени на Судот за заштита на државата, а 20 беа казнети по 15 дена затвор за “нарушување на јавниот ред и мир”.

За организирање и активно учество во Илинденските демонстрации пред Судот за заштита на државата во Белград беа обвинети: Борко Талески, Трајко Бошкоски-Тарцан, како и Методија Андонов-Ченто и Коце Ќурчија, кои наскоро беа ослободени. Во својата одбрана Трајко Бошкоски-Тарцан беше краток: “Не го признавам вашиот капиталистички суд”!

Фото: Борка Талески како 14-годишник во гимназијата во Битола во 1935 година/ извор: oldprilep

Борко Талески, меѓутоа, зборуваше опширно за значењето на Илинденското востание во историјата на Македонскиот народ. Својата одбрана Борко Талески ја фиксира и ја сведе врз два основни пункта. Прво, тој бранејќи ја демонстрацијата на Прилепчани како протест на обесправениот Македонски народ ја изложи и афирмира целата платформа на Македонското национално-ослободително движење, а во вториот пункт неа ја прошири и ја поврза со ослободителната борба на работничката класа, со што доблесно го отстои и класниот принцип на борбата. Со својата конструктивна и осмислена одбрана на Македонската социјална и национално ослободителна борба Борко Талески врз присутните остави мошне силен впечаток.

Да ги приведеме и сеќавањата на Коле Чашуле искажани пред повеќе од една деценија:

“…Има безброј случки кои човек може да ги приведе… како потврда за тоа за каков човек се работи кога се зборува за Борка и како потврда за онаа максима што ја изнесов дека со неговата смрт Македонската револуција, Македонското востание ја изгубија највисоката, надострелната мислечка фигура. Имено, Борка падна в затвор по демонстрациите во Прилеп. Тој требаше да биде суден, го однесоа во Белград и го извадија пред Судот за заштита на државата. Јас бивајќи неразделен со него, успеав да се пробијам до самиот суд. Преку некои пријателски врски под туѓо име влегов во судската сала на Судот за заштита на државата. Таа беше една мала темна просторија, гледаше во дворот, со замаглени прозорци и со само неколку клупи, од кои една беше изделена понапред на која требаше да седнат обвинетите и еден повисок судски стол на кој седнуваа судиите. Заедно со Борка на судот требаше да одговара и Трајко Бошкоски-Тарцан. Ги доведоа, дискретно се поздравивме. Јас имам впечаток дека и ден денеска во очите на Борка прочитав прекор што ме гледа во салата, додека Тарцан јавно даваше знакови дека му е мило што сме успеале да се пробиеме.

И судењето почна.

И додека Тарцан сходно на својот темперамент, исфрлаше пароли, им пркосеше на судиите, простумеше пред нивната веќе однапред донесена пресуда, се подбиваше со чинот на буржоаскиот суд, со буржоаското судење. Всушност додека Тарцан преповторуваше уште еднаш една од недобројните варијанти на пркос и простумеше на судот, дотогаш Борка истапи сосема поинаку.

Фото: Борка Талески како 18-годишник во гимназијата во Битола во 1939 година/ извор: oldprilep

Кога дојде времето тој да се образлага, тој почна мирно, така како што впрочем секогаш разговараше и со нас, и со неговите најблиски, како да не се наоѓа пред суд. Сосем како да не се наоѓа пред судии, почна мирно, разложно да образлага зошто е револуционер. Јас не можам да ги преповторам што тој тогаш ги рече, не само заради тоа што сеќавањето откажува, не само заради тоа што меѓу тие денови и сегашниве денови се прострелни преку 30-годишни межници, туку и заради фактот што не сакам да ги приземнам кон мене неговите тогашни пледоајеа. Меѓутоа, ќе се обидам накусо да ја раскажам нивната суштина. Борка темелно, полека, воздржано, без да води многу сметка за амбиентот во кој се наоѓа, образлагаше дека денеска, како што тој рече за тоа време, ВО МАКЕДОНИЈА АКО САКА ДА СЕ ЖИВЕЕ ЧОВЕЧКИ ЖИВОТ, СЕ НЕМА ДРУГА АЛТЕРНАТИВА ОСВЕН ДА СЕ ЖИВЕЕ КАКО РЕВОЛУЦИОНЕР.

Тој ја спростре пред судиите не само тезата за социјалната класна потиснатост на македонското работништво и на македонскиот пролетеријат, не само за класната потиснатост и експлоатација на македонското селанство, туку и за национално ослободителната борба. Дотогаш јас не бев чул, морам да признам и денеска, такви исцрпни пледоајеа за оној процес што пред малку го нареков-дефинитивно срастување на македонското национално ослободително дело со движењето на пролетеријатот. Судиите иако нетрпеливи кон Тарцан, нетрпеливи кон неговата подбивност, нетрпеливи кон мајтапот прилепски со кој Тарцан им одговараше на нивните прашања, одеднаш како да ја изменија својата лика. Се вслушаа во овој млад црномурен исправен човек, во неговите бавни сигурни, тешки зборови и допуштија да го заврши своето пледоаје.

Фото: Борка Талески-Модерното со своите постари другари во 1935 година/ извор: oldprilep

Потоа зборуваше обвинителот па зборуваше бранителот. Пред сето тоа што стануваше таму, зборовите на Борка Талески сторија сите работи да избледнеат, така што јас повеќе навистина не се сеќавам ни што рече брилијантниот белградски адвокат Боро Продановиќ, кој го бранеше, ни што рече обвинителот кој кој исто така беше еден од истакнатите обвинители, ни што рекоа судиите. Меѓутоа, кога излеговме надвор од судењето јас бев задолжен да разговарам со адвокатот Бора Продановиќ и да го прашам за неговиот впечаток, за можностите како ќе биде пресудата.

Бора Продановиќ беше возбуден. Ме повлече настрана, излеговме од ходниците на Судот за заштита на државата и во дворот под една сенка ми рече: ‘Слушајте, ќе го осудат, колку ќе го осудат не знам, не верувам дека ќе го осудат многу. Но можам да ви кажам дека вие не знаете кого имате, не знаете кого јас денес бранев. Јас ваква одбрана во целокупниот свој век на бранител на комунисти и револуционери не сум видел од така млада уста. Мене не би ме вчудоневидело кога тоа што тој го зборуваше би излегувало од устата на еден триесетгодишен човек што поминал сурова школа на робија, на еден човек што престојувал во центрите каде што се осмислува револуцијата, на еден човек што раководел со неа. Но кога тоа ќе го чујам од устата на едно 19-то годишно момче,  јас морам да ви кажам дека до солзи сум трогнат и дека навистина ми е мило, макар што тоа е сурово да го речам, што такви деца се раѓаат макар што нивната брилијантност доаѓа и пред Судот за заштита на државата.”

Фото: Борка Талески со Киро Хаџи Василев како студенти на Медицинскиот факултет во Белград во 1940 година/ извор: oldprilep

Илинденските демонстрации во Прилеп, Скопје и други места имаа силен оглас врз тогашните настани во целата земја. Тие го изнесоа на површина длабокиот револуционерен карактер на ослободителното движење на Македонскиот народ, чија борба се поклопуваше со борбата против националното угнетување и империјализмот воопшто.

Илинденските демонстрации го доведоа претседателот на владата Драгиша Цветковиќ во Скопје и Прилеп, каде на властите им издаде директива за заострување на мерките против сѐ поотворените национални појави на Македонците и нивното поврзување со Комунистичката партија, при што мораше јавно да признае за појавувањето на “четвртата нација на земјата”.

Фото: Борка Талески со Мице Козар и Димче Бојаноски-Дизе во логорот Меѓуречје – Ивањица во 1940 година/ извор: oldprilep

Отпорот на поробените народи во светот добиваше сѐ поголема организираност и динамика. Во април 1942 година беше забележан почетокот на вооружени акции во движењето на соседна Грција. А во мај во Полска. Народноослободителната борба на народите на Југославија беше во полн разгор. Се зачува и растеше единството на македонскиот народ предводен од комунистите. Се развија партизанските дејства на широка територија, во мошне тешки услови, зашто во Македонија беше линијата на Јужниот фронт, опседнат од големи германски, италијански и бугарски единици. Покрај многубројните самостојни партизански одреди, баталјони и бригади, во септември беше формирана Првата и Втората пролетерска дивизија, а до крајот на ноември бројот на дивизиите на НОВ и ПОЈ се зголеми на осум. Се одржа и првото заседание на АВНОЈ во Бихаќ.

Прилеп, со својата околина во 1942 целосно крвавеше. Даде многу жртви. Но, оваа година беше пресвртна, во полза на револуционерните сили, па затоа е и славна година. Бугарската окупаторска власт во Македонија, од друга страна во оваа година стануваше се побезобѕирна. Ангажираноста на Германија на фронтови, особено на фронтот против Советскиот Сојуз, наметнуваше обврски за сателитите, каква што беше и Бугарија, да мобилизираат  што повеќе материјални и човечки сили. Сето тоа дејствуваше на обичниот човек да се чувствува несигурен, неспокоен во секојдневието, посебно за утрешнината. Посебен револт кај нашите граѓани предизвикуваше национализаторската политика на окупаторот, кој покрај другото настојуваше преку училиштата, администрацијата и по други патишта, да го потисне и да го искорени сето што е македонско за да го наметне бугарското. Беа тероризирани и прогонувани Турците и Ромите.

Фото: Борка Талески како затвореник во логорот Меѓуречје – Ивањица во 1940 година/ извор: oldprilep

Почетокот на 1942 се карактеризира со натамошно јакнење и проширување на влијанието на движењето сред работните луѓе и младината во Прилеп и Прилепско. Бројот на членовите на партијата од педесет во јануари-февруари, (без оние кои беа во партизански одреди, по затвори и логори) двојно се зголеми есента 1942 година, од кои на село имаше преку 50 членови, додека бројот на скоевците што делуваа во Прилеп и селата се качи на триста:  се прошири составот и активностите на Одборот и пододборите на широката антифашистичка организација “Народна Помош”; мошне интензивно дејствуваше Месниот воен штаб; се зајакнаа постоечките и се создадоа нови воени комитети (НОК) – без малку во сите планински и други села; се прошири женската организација и нејзината активност се пренесе и по селата. Во групи и активи беа опфатени стотици младинци и девојки, така што бројот на организираните форми на отпорот против окупаторот беа членовите на КП и СКОЈ.

Во јануари 1942 година Месниот комитет го сочинуваа: Борко Темелкоски-Лилјакот-секретар, Пенко Здравкоски, Вера Циривири, Ратка Иваноска, Ценка Тутеска, Стеван Андреески, Илка Василеска и Драган Дамески. Сите овие според степенот на ангажираноста, беа како професионални партиски работници. Тие се движеа полулегално – одеа од состанок на состанок. Полицијата демнееше, поставуваше заседи, апсеше, масовно интервенираше. Во упатството на бугарската дирекција на полицијата од 15-ти јануари 1942 покрај другото се вели: “И покрај мерките што се преземаат да за и се парира на активноста на комунистите… се дознава дека се врши подготвување на вооружени групи за евентуална општа акција…”.

Фото: повоен Прилеп во ’50-те/ извор: Pinterest

Во почетокот на февруари 1942 година Месниот воен штаб имаше измени, така што на еден состанок одржан во домот на Гога Јанкулоски-Лордот беа присутни: Борко Темелскоски-Лилјакот, Цане Конески, Борко Јованоски-Лопачот, Борка Спасоски-Влачарот и Драган Дамески-Цигларот, началник на МВШ. Активноста на полицијата во почетокот беше позасилена со нови сили доведени од Бугарија. На четврти фебруари напладне, сред чаршија пред млекарницата на Ивана беа уапсени членот на МК Димче Јованоски-Дабоски и членот на МВШ Димо Димоски-Наредникот. Ова уследи по апсењето на Гога Китанот. Во полицијата беше задржан Димо-Наредникот, кого го бараа, а Дабоски по сослушување беше пуштен. Димо-Наредникот поднесе тешко мачење, без признание, какво и да било во врска со движењето.

Тие денови во домот на Коце Солунски, Цветко Узуноски и Борка Талески водеа подолг разговор за положбата во Покраинскиот комитет. Особено загрижуваше недораснатоста на Секретарот на ПК кој на Јануарското советување изнесе дека вооружената борба во 1941 година, не дала резултати и дека сме претрпеле порази, сме дале многу жртви а ништо не сме постигнале. По неколку дена пристигна и инструкторот на ПК Киро Фетак. Тој на 3 март во придружба на Коце Солунски беше префрлен во Крушево, прифатен од Кирче Ристески. Киро Фетак остана во Крушево, Прилеп и околината до неговото загинување на дваесетти декември 1942 година.

Во моментот на поаѓање за Крушево, Киро Фетак потресно ја доживеа веста дека Борка Талески и Лазо Филипоски загинаа. Тој го познавал Борка и пред Вера Циривири и Коце Солунски тажно рече: “Онаа неправда спрема Борка од Божик е причина и за оваа трагедија. Барем вака олку рано не ќе загинеше ако не беше тоа советување…”. Тогаш не им беше позната содржината на овие зборови на Кировите соговорници. Меѓутоа, на секретарот на Комитетот Борко Темелкоски-Лилјакот, му било познато. Имено, Борка Талески кој во својство на член на бирото на ПК ги застапувал ставовите за непрекинато продолжување на вооружената борба, бил казнет и отстранет од ПК, испратен на работа во Прилеп, па во Кавадарци, веднаш вратен во Прилеп и на пат загинува.