Tue. Jun 6th, 2023

Објавено на 8 октомври 2021 од Il Grido del Popolo©

 

Европскиот пат кој оваа јадна државичка го оди уште од далечната 2003 година од Солун, никако да заврши на крајната дестинација во Брисел. Таман кога Заев и неговата кусогледа политичка администрација помислија дека проблемот за ова се наоѓа во Атина и побрзаа во Преспа да се договорат, им се појави Софија. Арно ама да не ти била Софија кочничарот на патот на македонските евроинтеграции, не давајќи зелено светло за флотилата на Заев, туку оската Париз-Амстердам од каде доаѓа новото разочарување за Заев. Непријатното разочарување го дочека во живописното Брдо кај Крањ, во есенски врнежлив ден, за време на ЕУ самитот за Западен Балкан, каде премиерот по се се чини доживеа ладен туш. Имено, на истото тоа дефиле продефилира целиот политички врв на ЕУ и претставниците на овие самонаречени држави од Западен Балкан (последниот темен вилает во Европа) под големи безбедносни мерки, небаре сме дивиот запад од времето на постреволуционерна Америка.

И овој пат на македонското политичко водство куртоазно му беше соопштено дека патот до Брисел не води преку Софија, како тоа милуваат да го кажат демагозите од стиропор палатата на улица Илинденска без број, туку преку Париз и Амстердам. И колку и да звучи привлечно оваа вторава рута за трговското претпријатие на Заев, особено од економски и туристички аспект, ни малку не е наивна блокадата која доаѓа од земјата на лалињата, која на овој балкански простор гледа со длабок презир. Конечно треба некој да му нацрта на Заев кога веќе нема кој да му каже, дека на западната европска цивилизација и е дојдено преку глава од примитивните подвидови на хомо сапиенс, кои со самата нивна егзистенција го негираат концептот на дарвинизмот. Кога веќе не можете тоа да му го кажете на политичарот Зоран Заев, кажете му го барем на бизнисменот Зоран Заев, дека не може неговите чушки, френки и корнишони да бидат конкурентни во Европа, не поготово без никаков стандард.

Ердоган тоа го разбра одамна, бидејќи кај него политиката на стапот и морковот не поминува, но Заев нема ниту капацитет, ниту грам политичка храброст да каже дека оваа провинција овде е неважна периферија на европскиот либерален капитализам. Недефинирана територија која единствено може да послужи како воен тренинг полигон на империјалистичкиот НАТО пакт во неговите завојувачки планови. Во исчекување сме единствено на планот Американците бизнисот од Афганистан да го префрлат овде на наша географска ширина, каде под жешкото македонско сонце е осуден на успех. И не само што нема ербап човек во министерството за вистина во штабот на Бихаќка, да му каже на лидерот дека светот не се врти околу него, туку нема способен кадар да му укаже на сублиминалните пораки кои ни ги упатуваат нам граѓаните (политички адолесценти) туторите од Брисел. Па доволно е да ја погледнете фотографијата на која се заедно сите учесници на самитот, и се ќе ви биде јасно.

Во првиот ред стојат Ѓукановиќ, Јанша, Радев и Вучиќ, а Заев го нема никаде, како да го испратиле фрау Меркел и фрау Урсула по цигари и гуми за џвакање. Па богати, него го нема ниту во втор ред, ниту во трет, а ниту во четврти. Како некое прваче кога ќе промаши автобус на екскурзија, или недај боже ќе го заборават на паркинг. Тоа само покажува колку Заев и неговиот феуд од Вардар до Беласица (пошто оној на запад од Вардар до Шара е на брат му по оружје Али) им е важен на бирократите во Брисел. Нормален човек срам да го фати! Оној бегалецот економист во Будимпешта овие претприемачиве европски го утепаа од возење со филмот за европска иднина цела една декада, па изгледа и бизнисменот од Муртино очекува да добие мандат од граѓаните барем уште за толку време. Доволно да го извозват додека не најде пласман за краставиците, пардон ганџата. Но, има една позната народна поговорка која вели, дека на оној кој сади краставици со ѓаволот, криви му никнуваат.

Прашајте го уште Заев, што е со очекувањата од Вашингтон, дека ќе ја „притисне“ Софија, чунки ова е Потемкиново Скопје од стиропор, па лесно ќе го скршат. Или пак Радмила Шеќеринска, која беше во предоргазмичен занес минатиот месец при посетата на САД, зборувајќи за „несебичната“ подршка која ни ја пружа Вашингтон. Сигурно госпоѓата министерка мислела на расходованата воена опрема која треба да му ја „ували“ како донација воено-индустрискиот комплекс на САД на македонскиот аскер во служба на НАТО. Ј*б*т* понекогаш мислам дека оваа државичка е дел од некој комичен стрип или стенд-ап комедија, кога ќе видам колку несериозни луѓе ја водат. Па уште и се нарекуваат политичари и државници! Згора на тоа во кампања излегуваат со ветувања кои помалку наликуваат на форите од Симпсонови, по примерот на актуелниот градоначалник на општина Свети Николе. Триесет години чиста демагогија и продавање на магла на ова аморфно гласачко тело. Електорат кој во овие три децении плурализам не успеа да созрее и стане општествено и политички одговорен.

Не случајно сме таму каде што сме, на самото дно од цивилизирана Европа. Причина повеќе истата таа Европа да нема слух за оваа економско-политичка жабокречина од која сите бегаат како од радиоактивно контаминирана зона. Господо демагози, не проаѓа повеќе вашата политичка демагогија, не барем кај оние малкумина кои размислуваат со своја глава, а одлучиле од разни причини да останат покрај своите родни огништа. Време е за менување на реториката, па што поскоро го направите тоа, подобро ќе биде за вас. А за цивилизирана Европа? Не размислувајте за таму, таа е одалечена од вас како Кумова слама. Бидете среќни влез да ви одобрат во онаа Европа за производство на вафли и бомбони во Автокоманда, што би рекол некогашниот пратеник Амди Бајрам. Во оваа другава не се надевајте барем до 2035 година. Бидејќи максимата со која пред 70 години се прослави Роберт Шуман, „дека позади разликите и географските граници постојат заеднички граници“, не важи подеднакво за сите.

Гаси светло!

 

 

 

Автор на текстот Гордан Стошевиќ