Македонскиот авто апартхејд како уставна категорија

Објавено на 13 јануари 2021 година од Il Grido del Popolo©

Се чини дека еднодецениското авторитарно владеење на режимот на Груевски, како да наметна нужност од надоградување на груевизмот во еден повисок стадиум на детерминиран авто шовинизам кај македонскиот народ. Народ чија повеќе вековна борба за самоидентификација кулминираше со АСНОМ како резултат на антифашистичката и народноослободителната борба која патем имаше и класен карактер. Оваа повисока форма на ревизија на историјата ќе кулминира со последниот стадиум на груевизмот, заевизмот. Заевизмот не само што успеа да го надмине лудилото на груевизмот сублимирано во конструирањето на квази идентитетот и потрагата по македонската ариевска над раса, туку преку негова деконструкција успеа кај еден голем дел од конститутивниот народ да всади чувство на „вина“ за некои одлуки во минатото, односно потреба од враќање на идеологот на груевизмот и негова потполна политичка рехабилитација, имајќи го фактот дека заевизмот во овие четири години го институционализираше авто шовинизмот. Сепак оваа квислиншка влада позади која безмалку стои цел НВО сектор, е на пат покрај авто шовинизмот, да го институционализира и авто апартхејдот, до тој степен што ќе му даде уставен карактер. Се прашувате зошто е тоа така? 

Има повеќе причини за тоа, од кои во прв план би ги издвоил империјалистичките интереси на големите сили кон овој дел од Европа. Темен вилает кој во својата реакционерна историја секогаш бил на погрешната страна, освен во периодот од 1941 до 1991 година. Продолжи со падот на социјалистичкиот поредок и распадот на Југославенската федерација, а кулминираше со крвави меѓуетнички граѓански војни и пљачкосување на целокупниот општествен капитал. Сето тоа потпомогнато од внатрешните квислинзи, непријатели на народот и противници на револуцијата, под мониторинг на нивните капиталистички налогодавци од надвор, чии империјалистички интереси се спроведуваат и ден денес на овие простори. За жал новите национални држави кои произлегоа од распадот на СФР Југославија, не беа плод на никаква борба за независност и самоидентификација на нивните конститутивни народи. Напротив, тие беа плод на повеќе децениската индоктринирана реакционерна и субверзивна политика на капиталистичкиот запад и неговите империјалистички амбиции за потполна доминација над овој простор. Простор кој најпрво беше гетоизиран, за да подоцна ги поприми сите елементи на културен апартхејд како резултат на хегемонијата спроведувана од овдешните владејачки елити. 

Овие политички структури индоктринирани на Запад, кои веќе три децении владеат со овие полураспаднати држави, или уште подобро кажано, полудефенирани територии од Вардар до Триглав, преку механизмот на застрашување со можни етнички судири и перманентен страв од менување на границите, не само што успеаа да ја одржат статус кво ситуацијата на Балканот, туку кај народите на овој простор да ја убијат и најмалата искра надеж за просперитет. Сите овие народи станаа жртви на своите политички елити, кои не се двоумеа при остварувањето на империјалистичките интереси да ги искористат сите механизми и репресивни методи до конечното остварување на целта. И не би толку биле моќни овие владејачки елити доколку не се знае историската вистина во дијалектичко материјалистичка смисла, кога се во прашање овие национални историски остатоци, или руини од народи како своевремено ги нарекуваат Маркс и Енгелс. За кои пак Хегел далеку пред нив ги нарекува испљувок на варварските остатоци, т.е. народи без своја историја, кои заслужуваат да бидат асимилирани. Впрочем сите овие народи во иднина ќе ја доживеат оваа судбина, уште повеќе, до толку што тие во изминативе три декади на дело ја покажаа својата контрареволуционерна природа. 

Да ја земеме само како пример последно формираната држава Косово, чија независност е плод на англо-американските и германските империјални интереси на Балканот. Поразително е тоа што сеуште и после дваесет години од воениот конфликт и интервенцијата на НАТО пактот, мнозинството Албанци на Балканот мислат дека просечниот албански граѓанин на Косово, обичен работник, селанец и земјоделец, навистина станал слободен во вистинска дијалектичка смисла на зборот. Напротив, ова парче земја, како и сите околу него, е во сопственост на неоколонијалните освојувачи и поробувачи на слободниот свет, кои најнапред доаѓаат во својство на воени емисари, а потоа униформите ги заменуваат со елегантни костуми како дел од превентивното имплементирање на „демократија“ кај овие примитивни заедници. Неизбежен дел од овој процес секако е и Македонија, која ја имаше таа среќа да биде единствената република од СФРЈ која мирно го изведе трансферот на власта при преминот од социјалистички систем во плурална демократија.

За да после само една деценија стане жртва на политиката на етноцентризам која за жал и ден денес опстојува како резултат на немањето капацитет да се изгради граѓанско општество, без можност за спроведување на сегрегација од една национална заедница врз друга. Впечаток е дека поранешните „борци за слобода“ кои денес седат во законодавната и извршната власт, сеуште како да не успеале во целост да го заокружат процесот на интеграција на помалата етничка заедница на сметка на на поголемата. Процес кој на крајот ќе резултира со сегрегација, а во најлош случај со авто апартхејд, што ќе биде своевиден преседан во светската историја и политика. Но, уште по поразително е тоа што не сака никој на господата од Бихаќка да им укаже за нивниот авто шовинизам, кој само што не станал уставна категорија. Најново од палетата на нивната самоубиствена политика е Законот за лични карти, кој предвидува покрај неколкуте измени да воведе и графа за етничка припадност, што директно се коси со граѓанскиот концепт и уставните начела за унитарна држава.

За да трагедијата биде уште поголема, со ваквиот став на социјалдемократите и нивните коалициони партнери, се сложуваат и нивните колеги од ДПМНЕ, кои не ја препознаваат уцената од страна на албанскиот блок, само во оној момент кога не се директно загрозени нивните бизнис интереси. Затоа, она што е најважно е тоа дека, во „општеството за сите“, сите ќе имаат право да ја искажат својата етничка припадност, дури и оние кои немаат потреба од тоа, како авторот на овој текст. Општество каде јавното мнение наместо да се занимава со економско-социјалните проблеми и јазот помеѓу богатите и сиромашните, се занимава со етничкиот карактер на општеството во отсуство на граѓанскиот. Ваквата прагматична политика и не би била толку лицемерна доколку не доаѓа од редовите на буржоазијата, која пред се е над национална класа, чиј природен непријател е работничката класа, земјоделците и селаните, кои немаат ама баш никаква полза од тоа што покрај нивниот capitus diminution maxima ќе стои и нивната етничка припадност. Опасен маневар кој понатаму ќе води кон редефинирање на уставниот унитарен карактер на државата со неизбежни импликации по граѓанските со устав загарантирани права. 

Светските искуства се повеќе говорат за изземање на податоците кои говорат за националниот идентитет, или го оддаваат религискиот карактер на поединецот. Како за пример ќе ја наведам државата Израел, каде личните карти до пред 2005 година вклучуваа референца за припадност на етничка група. Службен израз за оваа категорија на хебрејски јазик беше ле’ом (לאום) поим кој на англиски би можел да се преведе како „нација“, но во смисла на етничка припадност, а не националност. После одлуката на Врховниот суд од 2004 година, почнувајќи од 2005 година, етничката припадност повеќе не се печати, а наместо етничкиот идентитет се појавува ред од осум ѕвезди, по што од 2015 година и тие во потполност се отстрануваат, со што етничката припадност во целост се укинува, а на нејзино место се впишува државјанството, како и постојаното или привременото жителство. За жителите пак на Газа и Западниот брег, цивилната управа на Јудеја и Самарија издава посебни лични карти, каде наместо етничката припадност се впишува категоријата „религија“.

Сепак во 2014 година е објавена одлуката на палестинскиот претседател Махмуд Абас, со која се укинува категоријата „религиска припадност“, на што остро се спротивставува Израел, тврдејќи дека Палестинската управа нема право да носи измени и дополнувања во таа смисла без претходно одобрување од страна на државата Израел. На што Палестинската управа на Рамалах одговара дека тоа е во содејство со Договорот од Осло од 1995 година. Одлуката остро ја критикуваа припадниците на исламското движење Хамас, тврдејќи дека е неуставна и дека нема да се спроведува во појасот Газа. Од тука гледаме дека ваквите категории при обележувањето на идентитетот можат во многу што да придонесат во затегнување на односите помеѓу заедниците внатре во едно општество, но и во најлош случај, за искористување за пресметка во евентуален етнички судир како оној во 1994 година во Руанда, каде од страна на далеку побројната заедница Хуту беше извршен геноцид врз помалата етничка група Тутси, кој резултираше со смрт на над 1 милион припадници на оваа заедница, но и илјадници Хуту кои биле оквалификувани како нивни помагачи и соработници. Опасен преседан кој може да доведе до поларизација на општеството, со силна изразена сегрегација на секое поле.

Нешто што уште пред многу децении беше предмет на опсервација во многу демократски општества кои беа на прагот на својот прогрес. Од тука можеме да заклучиме дека ваквиот став на политичките елити во Македонија, која толку многу стреми да ги достигне европските демократски вредности, ќе биде единствено повод за нови поделби кои ќе генерираат политичка нестабилност во иднина. Затоа мора да се направи јасна дистинкција помеѓу етносот и демосот. А потоа треба да се огледаме на најсовремените демократии во светот каде ваквите концепти на етничка и религиска припадност веќе одамна се напуштени како застарени. Погледнете ги само државите каде воопшто нема лични карти или пак тие не се обврзувачки како што е случајот во Јапонија, Австралија, Нов Зеланд, Канада, Велика Британија, Норвешка и Данска, или пак САД, Франција, Швајцарија, Австрија,  Шведска, Финска, Исланд и Ирска. Но како и да е, останува и оваа непопуларна анти-граѓанска мерка да се политизира од страна на власта и опозицијата за ситно партиски интереси на штета на граѓаните, како што е тоа во случај со престојниот попис, кој од статистичка операција деновиве се претвори во политичка дебата.

Автор на текстот Гордан Стошевиќ