Tue. Jun 6th, 2023

Објавено на 10 јануари 2021 од Il Grido del Popolo©

 

На само неколку дена од одбележувањето на 5-годишнината од формирањето на партијата Левица, веќе се лицитира со бројки во проценти кога е во прашање рејтингот на партијата, но и оној на нејзиниот претседател Димитар Апасиев. А колку што може да се забележи од неколкуте нарачани анкети, популарноста и кај Левица и кај Апасиев веќе подолго време оди во нагорна линија. Како ќе одминува времето во иднина, ваквиот растечки тренд се повеќе ќе биде изразен, а тоа нималку нема да биде чудно имајќи ја во предвид политичката ситуација во банана република како нашата. Држава која е одамна без свој суверенитет, со апстрактни аспирации за интеграција во ЕУ, и лажна атлантска перспектива во која гледа колективна безбедност под чадорот на НАТО, кој небаре е гарант за мирот в куќа. На прагот е нов билатерален проблем, овој пат со соседна Бугарија, која по сите политички параметри ќе излезе како победник во спорот со својот западен сосед. Нешто на што неодамна сугерираше и претставникот на новиот претседавач со ЕУ во својот шестмесечен мандат, Португалија.

Сведоци сме изминативе неколку месеци на разноразни политички анализи кои доаѓаат од редовите на власта и опозицијата, каде се упатуваат критики на сметка на Бугарија, без притоа да се акцентираат сите аномалии на системот на оваа полураспадната држава. Па зарем има нормален човек кој сеуште мисли дека со нефункционална политичка, законодавна, извршна и судска власт, може да биде примена со политичка одлука една држава без суверенитет, кој е одлика на државотворна нација со историски континуитет, во сојуз на демократски држави по примерот на ЕУ? Далеку, далеку сме од европскиот сон, колку што е далеку ова цивилизација од колонизација на Марс. Барем една декада, или декада и пол, таму некаде околу 2035 година. Песимистична не така блиска иднина, имајќи ги во предвид преговорите во овие седум години на аспирантите Србија и Црна Гора како дел од Западниот Балкан, за кој многумина се на мислење дека е сива зона на периферијата од Европа, или уште полошо, црна дупка на стариот континент.

Меѓутоа, светот после оваа пандемија никогаш повеќе нема да биде ист, а со тоа ниту проектот ЕУ, кој длабоко во својата генеза на постоење има корпоративна природа. После пандемискиот период не очекува долгогодишен период на консолидација на државите во санирање на штетите од глобалната економска криза која ќе го погоди светот после пандемијата, најголема од ваков вид досега во историјата. Ќе следи долгогодишно фискално и економско опоравување кое нема да се занимава со политички прашања кои доаѓаат од периферијата на капиталистичкиот поредок на Европа. Во една ваква ситуација ќе биде замрзнат процесот на проширување на ЕУ, поготово не членки како земјите на Западен Балкан во кои цвета корупција покрај нефункционирањето на институциите на системот и немањето политичка култура и зрелост за водење на државна власт. Во една таква констелација на политички односи, народот ќе биде принуден да побара алтернатива во политичките субјекти кои во тој момент ќе ги задоволат неговите барања.

Својата шанса овде секако ја гледаат помалите политички субјекти, кои на брановите на популизмот ќе изградат помоќна слика за себе во намерата да ја добијат довербата од народот. Иако во пракса до сега на Балканот, многупати се покажа дека одредени политички субјекти можат тотално да ја изгубат довербата кај граѓаните ако немаат политичка решеност да се зафатат со решавање на проблемите кои нив директно ги засегаат. Не е случаен падот на ДПС во Црна Гора после 30-годишно владеење, или бледеењето на политичката мапа на СПС, ДСС и ДС во Србија. Или пак еклатантниот пример на ПАСОК во Грција, кој како пример цело време го посочува токму Апасиев, кога тврди дека истото ќе му се случи на СДСМ. Што во случајов и не е баш така, имајќи во предвид дека потполна пасокизација попрво би доживеала ДПМНЕ после вториот изборен пораз по ред. Тоа многу добро го знаат политичките структури во партијата кои во „феноменот“ Левица го препознаваат својот најголем непријател на политичката сцена.

Концептот Левица кој првично беше оформена како левичарска антисистемска партија, денес воошто не содржи ниту еден единствен елемент од политичката платформа на чии идеи почиваше основата на првобитно формираната партија. Секако пред да се случат структурните промени после фракционерските поделби, за кои вина не сноси само сегашното раководство на партијата предводено од претседателот Димитар Апасиев, кој подоцна едногласно со акламација ќе биде избран на таа функција. Напротив, подеднаква вина сносат сите оние кои во тие моменти релативизираа при носењето политички одлуки, тактизирајќи во добивање на време. Но, она што е позначајно во моментов е тоа што, во периодот кој доаѓа, Апасиев и партијата со која тој раководи, со сите доблести и мани, добри и лоши страни, а имајќи ја во предвид политичката култура и писменост на народот, ќе имаат рејтинг кој од ден во ден се повеќе ќе расте.

Рејтинг на кој јас уште од поодамна укажував, знаејќи ја потребата на овој народ од нов водач, кој не е резултат на историскиот материјализам, напротив на духовната потреба од самоидентификација. Искривена слика во перцепцијата на политичката стварност. Период на политичко-економска безперспективност на државата и нацијата, чиј систем пука по сите шавови, општество на ретроградни вредности кое поединецот го фрла на колена. Историски период како нарачан за Левица и нејзината идеолошка матрица за градење на политичка база, која пред се ќе биде базирана на квантитет, но не и квалитет. Политичка агенда која ќе се гради на престојните локални избори, но и наредните парламентарни, каде двете големи партии од македонскиот блок, партии со моќна инфраструктура градена три децении, за прв пат ќе ја почувствуваат силата на Левица, која несомнено ќе се отсликува со двоцифрен број изразен во проценти. Тоа ќе биде резултат како реакција на Македонците со длабоко повредена гордост и потреба од докажување на своето постоење, кои во Левица конечно го гледаат т.н. трет пат.

За прв пат после осамостојувањето, и власта и опозицијата се чувствуваат на некој начин загрозени од подемот на една мала партија која претендира на гласовите од обете политички структури кои наизменично владеат полни три децении. Опозицијата, ДПМНЕ во моментов се чувствува позагрозена од очекуваниот раст на рејтингот на Левица и нејзиниот лидер, за разлика од оние на Бихаќка, кои нималку нема да се двоумат, доколку се најдат загрозени, да ги активираат отпадниците од Левица кои во моментов во улога на спијачи во квази револуционарни ќелии чекаат да бидат извадени како од нафталин. Овде пред се мислам на дел од реакционерното лево крило на партијата, денес сведено на секта идеолошки заглавена во 19 век. Секако со несебична подршка од либералните елементи на високата средна класа оличена во НВО секторот, сива еминенција на капиталот, кој не пропушта преку најреакционерните елементи на општеството да превенира секогаш кога ќе се појави криза во неговите редови или директно бидат загрозени неговите интереси. Овде свое место секогаш по правило имаат и псевдо синдикалните организации и здруженија, кои после реставрацијата на капитализмот во потполност се ставија на располагање на владејачката елита и крупниот капитал, наместо да бидат нивен коректив и опонент кога е во прашање заштитата на работничката класа од експлоатација.

Сепак, на крајот морам да ги разочарам сите оние лунатици, политички и идеолошки, како и калкулантски профитери, кои веруваат во стагнација на популарноста на Левица и Апасиев, или во евентуалното попречување на истите во намерата да се обезбеди довербата кај народот, кој очајно бара свој спасител, дека периодот кој следи ќе биде единствено во корист на Левица и Апасиев. Се до оној момент, кога, како по примерот на Сириза во Грција или Движењето 5 звезди во Италија, не ќе можат да го испорачаат сето она што се бара од нив, притоа занемарувајќи се целиот популизам на чија основа ќе се гради популарноста кај народот. Од друга страна пак, ниту една новонастаната политичка структура која ќе се базира на квази либерална левица која треба да дојде од редовите на поранешните отпадници од партијата, а денес сејачи на магла и дефокусатори во јавноста, нема да има сила да влијае на промената на курсот на Левица. Од единствена причина што мнозинството на овие секташи и фракционери засекогаш е делегитимирано без и малку кредибилитет да се повикува на историските поставки на кои почива партијата. Нивното политичко самоубиство се случи оној момент кога нивниот опортунизам доби политичко значење, наместо револуционарната борба внатре во партијата, при што посилниот, во случајов Апасиев, изврши нивна политичка егзекуција.

Затоа, Левица и Апасиев не се феномен, туку историска нужност во време на отсуство на револуционарност во процесот на борбата помеѓу двете спротивставени класи, буржоаската и работничката. А не е тешко да погодите кој ќе биде победникот а кој поразениот во оваа вукојебина.

 

 

 

Автор на текстот Гордан Стошевиќ