Корона јубилеј

Објавено на 1 април 2021 од Il Grido del Popolo©

 

Година време по глобалното затемнување, односно по појавувањето на вирусот кој првенствено заради своите микродимензии е невидлив за нашите очи, така што може да биде насекаде, а никаде воочен. Како дух или привидение, присуството на овој „невидлив пепријател“ е нематериајлно, но има физички ефекти: не можете да го перцепирате и одеднаш сте болни. Природа која стои на раскрсницата на живиот и нежив свет. Нематеријален агент кој предизвика огромни материјални, но и духовни последици. Кризата, првенствено здравствена, нормално, бара решенија во соодвените науки кои најадекватно и патем најбргу можат да изнајдат решенија за решавање на истата и ставање на самиот непријател под контрола. Следејќи го начинот на којшто се справуваат сите земји во светот, вклучувајќи ја и Македонија, лесно може да се воочи како јавната власт (политиката) ја инструментализира медицината ставајќи ја на пиедестал во решавање на целата ситуација. Сосема нормално.

Но, фактот дека моментално се наоѓаме во период на пандемија не укажува толку на фактот дека сме болни и дека можеме да се разболиме. Состојбата во која се наоѓаме всушност покажува колку ние како општество сме биле болни претходно, односно колку не сме воделе грижа за прашањата кои се од есенцијално, а сега во моментот од егзистенцијално значење. Демократизацијата како заедничка волја во Македонија е целосно заменета со бирократизација и технократизација на секој сегмент од јавниот, а со дигитализацијата постепено и приватниот живот. Животот, односно креирањето на услови за живот ги препуштивме на одредени политички блокови кои меѓусебно циркулираат, патем трудејќи се колку-толку да го оддржат во живот капитализмот, односно економијата и само економијата на големите „играчи“. Природата на функционирање на самиот тој систем во Македонија за време на оваа пандемија не беше ниту еднаш ставена под прашање од ниту еден академик, аналитичар, експерт и сл., а е непосреден виновник за илјадници изгубени работни места, дополнително раслојување на општеството, зголемување на родовата нееднаквост, очигледна на работните места, особено на тие работни места за кои потенцираме дека се во првата линија во борба со пандемијата (мед. сестри, продавачки, работнички во фабрики итн.)

Критика од природно-научниците не ни очекувам, бидејќи цела таа сфера, сврзана со технолошката, се несвесно а длабоко интегрирани во самата идеологија на капитализмот кој патем успеа да ги „неутрализира“ и „објекетивизира“ во последните неколку децении. Доволен доказ за тоа се актуелните размери и прашањето околу вакцините. За класниот карактер на науката сепак во некој нареден пост. Но да се вратиме назад на муабетот, односно зошто во оваа пандемија се маргинализирани и на бездната (о)ставени општествените и хуманистичките науки. На прашањето зошто е тоа така нема да пробувам да образложувам овде, но ќе се потрудам да осветлам една друга перспектива, за која на голема жалост е скоро непоимливо да се слушне во Македонија, а камоли дебатира и делува на тоа прашање.

Во секое навистина демократско општество, покрај природните науки, важни се и општествените и хуманистичките науки. Додека развојот на природните науки ни нуди сè побрз технолошки развој што може (но не мора и да доведе) до општа благосостојба на сите луѓе, општествените и хуманистичките науки се основни алатки за јавната перцепција на истражување, толкување (особено критичко толкување) и промената на реалноста. Ова не само што ги менува материјалните и физичките аспекти на реалноста (што е видливо), туку и основните услови на општествените реалности. Природните науки се арбитрарен дискурс. Напредокот што го овозможуваат може да се употреби или злоупотреби на безброј различни начини. Сепак, технологијата и природно-научните истражувања придонесуваат за квантитативно подобрување на нашите животи.

Но, прашањето дали ова квантитативно подобрување се рефлектира и во квалитативно подобрување, односно во реално зголемување на квалитетот на животот на луѓето? Сепак, природните науки и технологијата сами не можат да го решат ова прашање. Злоупотребата на резултатите од природните и технолошките истражувања се рефлектира и во кратковидните мерки на партиската политика, кои на штета на краткорочно подобрување на одредени аспекти на материјалните услови за живот на одредени слоеви, честопати доведуваат до нови тешки проблеми на среден и долг рок, кои пак се однесуваат на егзситенцијалните услови на голем дел од луѓето.

Со тие употребувања или злоупотребувања на техношките развои располагаат водечките органи на секое општество и затоа се поставуа прашањето дали нивните развои ќе бидат адекватно употребени или намерно злоупотребени, исто така а прашањето за вистинското ниво на демократичност на секое едно општество. Конкретен пример: Референдумите за рудниците. Во овој пример не се однесува толку на прашањето „Кој е во право тука? Некој засегнат со ова или експертите кои знаат подобро“, колку што се однесува на прашањето „Кој всушност е одговорен да одлучува за човекот и човечкото општество?“ Истото можеме да го аплицираме и на прашањето за интервенции во женското тело – дали за тоа одлучува жената која го живее тоа тело или одлуката е оставена на гинекологот, кој е директно и професионално одговорен за правилното функционирање на нејзините репродуктивни органи?

Овде всушност се работи за таканаречената медицинократија, која е дел од општите технократски тенденции на кои сме сведоци секој ден. Сепак, науката, за која се претпоставува дека е нешто што му служи на општеството во секој случај, е основна алатка за човечкиот напредок. Но, науката треба да биде основната алатка за вистински напредок, што значи дека треба да дејствува како коректив насочен против технократските склоности. Ова е можно само ако техничките и природните науки, како и општествените и хуманистичките науки работат во рамките на науката, и тоа на комплементарни начин. Општество во кое правото на учество на јавноста за одлучување во врска со општествените реалности е лишено, нужно води во технократија. Зашто, во овој контекст човекот, неговата внатрешна и надворешна слобода, која е во првите редови на општествените и хуманистичките науки е сведена на беспомошен камен, изгубен во некој координат на некоја механистички зацртана заедница.

Технократија до која води исклучивата или претежно единствена доминација на природните науки и која нужно се манифестира во антидемократските структури на општеството, така што на таквата технократија не може да и се спротивстави само здравиот разум на сите луѓе. На крајот на краиштата, здравиот разум го поседуваат и повеќето природно-научници. Но, бидејќи ние не сме само производи на конкретни услови на животот што го живееме, туку сме и производи на искуствено знаење за нас самите, за историските и општествените услови кои го сообликуваат нашето секојдневие, нашите животи не можат да бидат одделени од сите знаења кои ги акумилирале општествените и хуманистичките дисциплини во текот на многу векови.

На злоупотребата на технологијата може да се одолее само врз основа на ова знаење. Ова знаење се стекнува со истражување, кое мора да биде корисно за да се исплати да се вложат пари и енергија во него. Хуманистичките и општествените науки се стремат да можат правилно да го именуваат она што сакаме да го смениме. Обеседување, и осмислување на промените е типично човечко и типично позитивно човечко. Можеби е време, крајно време, како општество да се заземеме за оние науки, кои во центарот го имаат поставено човекот, а не бројките.

 

 

 

Автор на текстот Дени Дагалев