Објавено на 29 јули од Il Grido del Popolo©
Кога минатата година во месец март бевме соочени со изборот во кој практично немавме избор, а да не бидеме колективно одговорни со цел да се спречи ширењето на вирусот, односно кога за момент се чинеше дека влегуваме во апокалитична криза, во чија кулминација се сетивме на основните и највиталните животни вредности и ги оттргнавме (барем оние кои имаа можност тоа да го сторат) секојдневните притисоци и предизвици за кои ретроспективно некако заклучивме дека во „нормалните“ услови се штетни и бескорисни.
Се отворија вратите на оптимизмот и можноста за премислување за тоа во какво општество сакаме да живееме утре. За момент се рашири дискурзот во кој зборувавме за колективна одговорност, за солидарност, за борба за посветла иднина (вклучувајќи разноразен активизам за зајакнување првенствено на здравствениот систем), за реконцептуализација на пристапот кон животната средина (како резултат на прочистителните ефекти кои ги имаше моменталното стопирање на работата на различни тешки индустрии) и природата, односно за зголемување на еколошката свест и превенција на природни катастрофи (како „изненадувањата“ со последните поплави во Германија, Белгија и Холандија). Сепак, вратите на оптимистичкото премислување брзо се затворија.
Почна да се појавува и воедно шири своевидниот јавен притисок против тврдата рака на владејачките структури, кои пак си дадоа за право да менаџираат со кризата на начинот на којшто менаџираа. Сепак, во тоа светло многу од протагонистите на авторитарни мерки од типот на 24 часовен карантин и запирање на сите јавни дејности и активности исто така сега ги имаме како најголеми протагонисти за отварање на сите дејности кога сме сѐ уште во истата (а за многумина и полоша) ситуација од лани пролетта. Назад, односно напред со муабетот, тој јавен притисок беше на некој начин и првиот крик за помош поради неодржливоста на „новата нормалност“ во четири ѕида, која пак, на голема жалост, најмногу ја погоди младата популација (особено децата во градинка), тихо осакатувајќи ја нивната креативност препречувајќи го нивното играње и процес на социјализација.
Следи ситуација на зголемена апатичност, приватизирање на стресот, криење од другите и измолчување на претрпените штети од различна природа кои се во голем дел резултат на системските структурни контрадикции (особено во такви кризни епизоди), и не на индивидуалната неспособност да се „снајдеме“ во тешки моменти – наместо зајакнување на сплотеноста помеѓу различни групации, невладини организации и други иницијативи за колективно согледување на (не)условите во кои се најдовме и преиспрашување кои се тие за министерсвото за здравје 6000 луѓе-анонимуси-бројки-дневна статистика кои починаа борејќи се со вирусот.
Покрај тоа, на доста нерефелктиран начин и здраво за готово го прифативме и наративот „нова нормалност“ – нормалност во која бевме задолжени само да седиме дома и да чекаме некое „магично стапче“ само од себе да го убие вирусот, да стави крај на пандемијата и повторно да го врати општествениот просперитет и социоекономската благосостојба, односно да ја врати мед и млеко состојбата од претходно.
Имено, да се навратам на еден клучен момент кој сметам дека е многу важен да се проблематизира во продолжение на пандемијата, а тоа е дека корона кризата, во чија завршна разврска се наоѓаме согласно водечките поп-наративи на науката – има примарно општествен и политички, а не здравствен карактер.
Првенствено, поради фактот дека здравствениот систем е само еден потсистем во рамки на еден политички систем, и секундарно дека капацитетот на здравствениот систем одлучува кога е време за прогласување на пандемија, чиј капацитет е пак нужно зависен од, и подлежи на претходните донесени политички одлуки за воспоставување на стабилен и функционален систем (дури и во случај на пандемија) – кристализирајќи ја дијагнозата на општество со екстремно слаб имунитет уште пред појавата на корона вирусот.
И така сега, итајќи со еднообразна, несвесна, нерефлектирана брзина за што поскоро враќање во потрошувачките активности за „последен танц“ пред сѐ поочигледниот хаос кој го наговестува делта сојот, забораваме дека остатоците од првиот и вториот бран, и тука мислам на огромните незаслужени штети нанесени на социоекономската положба на голем дел од населението и воедно исцрпувањето на сите капацитети на претходно девастираните системи, вклучително со психолошката исцрпеност на работниците (особено здравствените) – НЕ СЕ и НЕМА ДА БИДАТ ИЗОЛИРАНИ од околностите во кои допрва ќе продолжат малкумина да живеат и многумина да преживуваат, а сепак околности со кои, сакале или не, на крајот од денот, мораме колективно да се соочиме.
„Одозгора на тога“, моќната и хипердинамичната брзина со која се индивидуализира и атомизира општеството ја направи можна и поларизацијата на про-ваксери и анти-ваксери. Имено, дихотомијата помеѓу група луѓе кои се за вакцинирање (образовани, усмерени кон науката, солидарни, добри) и група кои се против вакцинирање (необразовани, против науката, злобни, замајувачи) дополнително оневозможува успех во достигнување на кој и да е општествениот консензус т.е цел (лично верувам дека е што поголем процент на вакцинираност), исто така како што и во примерот кога некој сака да ви продаде нешто или ве поканува да се вчлените во некој клуб, додека вие а приори го одбивате предлогот/поканата, така што јасно е дека ако по одбивањето вие сте наречени себични идиоти, продажниот успех ќе биде катастрофален. Наместо тоа, потребно е складно третирање и стремење кон заедничката цел, а не поларизација околу прашањето за индивидуалната склоност кон вакцинирање.
Паралелно, во светло на пандемијата не е невидлива и доминацијата на индивидуализацијата долж принципот „мое тело – мој избор“, која сѐ повеќе ја отсликува апсолутизацијата на индивидуалното „право и слобода на избор“, кои како темелни приницпи на економијата на слободен пазар пенетрираат (покрај во економијата) длабоко и во секој сегмент на општествениот, културниот, здравствениот, религиозниот животен стил, наметнувајќи еден наратив дека за својот успех или неуспех (мерени по критериумот на социјалниот и економски статус), про-ЛГБТ или анти-ЛГБТ, здрави или болни (и што тоа сѐ може да значи) – заслужни, криви и/или одговорни сме само ние самите и никој друг.
Така доаѓам до заклучок дека колективниот предизвик со кој се соочуваме моментално се трудиме да го решиме по убедување на индивидуално ниво (присилно и неприсилно), па затоа не е ни малку чудно што не ни е гајле колку луѓе ќе починат, колку ке останат без работа, во какво општествено расположение ќе живееме сѐ додека ние за нас самите мислиме дека сме се снашле и успеале да го победиме вирусот и паралелно останеме финансиски стабилни, односно победуваме во животот (и што тоа сѐ може да значи).
По истиот тој принцип на преведување на прашањето за индивидуалното здравје (особено кај младите), со акцент на експоненционалната појава на депресија, анксиозност и други психички нарушувања, чија хемико-биологизација е исклучително пропорционална со нејзината деполитизација (оттуѓување на младите од каков било интерес и амбиција за социјална промена и насочување кон „лекување“ на личниот проблем кој е третиран САМО индивидуално).
Односно, имаме третирање на психичите нарушувања како особено и единствено биолошки, невролошки проблеми, а не проблеми за чија каузалност ни е потребнo општествено и политичко објаснување, останувајќи фиксирани на еднообразното објаснување дека депресијата е предизвакана поради ниско ниво на сератонин, додека всушност ни треба објаснување и ЗОШТО сѐ повеќе млади имаат ниско ниво на сератонин.
Заклучно, периодот кој следи е крајно алармантен од кој билo кој агол. Иднината е понеизвесна од било кога, интересот за здружување на различни младински, студентски иницијативи, организации и друштва е минимален и набљудувајќи наоколу – парцијален и себичен. Не ни требаат „tips and tricks“ за поминување време во изолација или валоризација на анксиозноста и депресијата како нормални психички состојби само поради фактот дека се сѐ попристуни и дека може и со нив нормално да се живее (исто како што најпрвите случаи со ковид-19 беа јавно линчувани, за покасно присутноста на вирусот да се нормализира и на моменти пародира и изопачува), туку потребна ни е широка палета на движења и колективи кои во прв план ќе ја имаат политизацијата на актуелните општоприфатени нормални, а во суштина абнормални и неверојатно болни околности во кои се наоѓаме како суперорганизам.
Автор на текстот Дени Дагалев