Објавено на 18 октомври 2021 од Il Grido del Popolo©
Некогаш одамна на вестите кои ги лиферуваа странските агенции, а во кои се говореше за изборните процеси во некои од земјите на под Сахарска Африка, се вртеа слики од масовно полнење гласачки кутии пред очите на полицијата и армијата, на кои сите ние во „цивилизирана“ Македонија гледавме со неверување. Меѓутоа, во денешна Македонија, патем земја кандидат на ЕУ уште од 2005 година, нема слики од гласачки места кои се под будното око на полицијата и армијата. Кои по се изгледа не само што треба да се грижат за нормално спроведување на изборниот процес при самото гласање, туку треба да бидат задолжени и за броење на гласачките ливчиња. Секако под максимална готовност и вооружување. Кога говорам за армијата, сигурно не мислам на онаа со префиксот НАТО, под чии еполети со чизмите на Рада маршира во империјалистички мисии по светот.
За да биде иронијата поголема, утрово се погрижи и Амбасадата на САД во овој протекторат, од каде се огласија со известување од страна на Оперативниот штаб. Имено, како што пишуваат некои медиуми, во известувањето се посочува на пријава на лице од една политичка партија кое се обратило до нив ден претходно, споделувајќи доверлива информација, дека 83 лица повеќекратно осудувани за тешки кривични дела, се пуштени на слобода со цел попречување на изборниот процес. Притоа се наведува уште, дека на сите овие лица им било доделено огнено оружје. Инаку известувањето на Оперативниот штаб на Амбасадата на САД е проследено утрово и до Обвинителството на СРМ.
Уште поскандалозно од ова известување на американската амбасада е обраќањето на Претседателот на Државната изборна комисија А. Д. кој рече: „дека гласањето ќе потрае на неопределено време, односно додека не гласаат сите кои се во, или во близина на избирачко место, односно во дворот на објектите каде се сместени избирачките места“. Меѓутоа, тој не покажа никаков официјален документ, писмена одлука или решение, повикувајќи се само на Изборниот законик. Во него пак во Член 101. е прецизирано времетраењето на гласањето и никаде не стои одредба на која се повикува Претседателот на ДИК. Изгледа дотичниот мислел на оние кои евентуално ќе заглават Блаце, при обидот да гласаат на локалните избори кои паралелно се одржуваат од двете страни на границата, односно во двата протекторати на НАТО.
Замислете колони возила на граничните премини помеѓу САД и Канада, каде милиони Американци чекаат да поминат како би си го оствариле своето „гласачко право“ и на север. Зошто да не! Си фаќаш воз од Аризона и Тексас и си одиш на гласање во Манитоба и Саскичивен. И сето ова во време на глобална пандемија. Ајде богати, ко да е тоа некаков проблем, па ние овде си имаме Ковид протоколи. Покрај онаква технологија за детектирање отисок на прст, не може непознат идентитет да помине, а камоли пак вирус. Што ви е вам, па не може кандидат за членство во ЕУ да биде дваесет години, а да не биде во тренд со најновите технолошки достигнувања. Погледнете ја само Мила, не само што ги спали учебниците и воведе дигитално образование, таа успеа да го изолира и вирусот надвор од училишниот двор. Потполно нов, отворен систем на образование, илити училници со отворени прозорци, и тоа во сред зима.
Замислете си во блиска иднина гласање од дома, потполно дигитализирано. Си седиш дома покрај камин и пред телевизор, и додека си гледаш турски серии во исто време си гласаш преку смарт фон или лаптоп за твојот омилен кандидат, кој ти се смешка во вид на холограм. Излезност на избори 100%. Гласаат масовно иселениците во Швајцарија, но и оние по еден регистрирани гласачи на Кирибати, Фиџи, Тонга и Самоа. И волкот сит и овците на број. Соломонско решение. Сите попишани граѓани на избирачки список. Нема потреба од набљудувачи во Северна вукојебина Македонија. Потполна дигитализација преку 5Г мрежата, само ако антиваксерите не ја срушат во меѓувреме.
Туку шегата на страна. Овој темен вилает не само што нема да ја види ЕУ уште дваесет години, ќе му го откажат и туторството од Запад. Толку многу пари фрлија во НВО секторот, што да се работеше за целосно аутистично општество, грижата ќе дадеше одредена резултати. Сепак изворот на проблемот е некаде на друго место. Или како што ќе рече познатиот германски теолог и антинацистички дисидент Дитрих Бонхефер: „глупоста е далеку поопасен непријател на доброто, отколку што е тоа самото зло. Против злото можеме да се побуниме, тоа може да се разоткрие, а во случај на нужда и спречи со употреба на сила. Но против глупоста сме немоќни. Тука не можеме ништо да постигнеме преку протести или сила, аргументите не вредат а во фактите кои говорат против претходно оформеното мислење, едноставно никој не верува. Во таквите случаи глупавиот е дури критичен“.
Автор на текстот Гордан Стошевиќ