Објавено на 30 јуни 2020 од Il Grido del Popolo©
Деновиве поради професионални обврски, не така интензивно можам да ја следам како порано изборната кампања за престојните парламентарни избори. Но, се чини дека ништо повеќе не се разликува од претходните. Секојдневно сме сведоци на нечиста кампања проследена со изразен говор на омраза во јавноста од страна на многу учесници во неа, без притоа да се почитува политичката култура во јавниот простор. Знаејки дека народот ретко кога бил критичен кон ваквиот начин на изразување, многу политичари и понатаму си дозволуваат во склоп на своите ситнопартиски интереси, наместо да зборуваат во прво лице еднина, тие тоа го прават во второ лице множина.
Не може а да не се забележи острата реторика во говорот на поединци, каде освен со вербален напад кон одредени лица и групи, се служат и со разноразни архивски материјали („докази“), користејќи ги за уценување и оцрнување на спротивната страна. Покрај ваквите вербални испади во јавноста, покрај изразениот национализам, учесниците во кампањата многу често пренебегнуваат кон вообичаениот популизам, било тој да доаѓа од десно или од лево. Во таквата „витешка“ борба кој повеќе да се додвори кај своето гласачко тело, неретко сме сведоци на невозможни решенија кои се нудат од самите учесници, било да се работи за прашања од општествена или економска природа.
Секако во предвид доаѓаат и невообичаените псевдо застапувања на одредени целни групи, кои претходно никогаш не биле предмет на нивниот интерес. Таков е случајот деновиве, каде гледаме како една позната „зелена партија“, се додворува на работниците, „интересирсјки“ се за нивните права, иако за време на целото нивно политичко егзистирање не била исполнета политичката агенда која тие ја застапуваат. Порачуваат на трудовиот инспекторат поодговорно да си ја врши својата работа, додека главниот град се наоѓа на врвот на листата на најзагадени градови во светот. Или додека безмилосно се уништува шумскиот, езерскиот и речниот фонд на земјата.
Така, сведоци сме на безброј панел дискусии, разноразни самити и советувања за подобрување на животниот стандард на граѓаните, заштита на природната средина, заштита на маргинализираните групи во општеството, правата на работниците, и сето она што се нарекува општествена одговорност. Меѓутоа, сето ова спакувано во целофан од излитени политички флоскули без конкретни цели и решенија.
Ваквиот настап, ма колку и да биде добронамерен и искрен, тој во својата суштина е длабоко реакционарен, во служба на одредени повисоки цели и интереси. Неретко тоа се оние кои ја допираат сферата на крупниот капитал. Овде секако не би ставил акцент на малкумината чесни исклучоци кои и овојпат ке останат на маргините на политичката сцена од многу причини. Се прашувате зошто? Па погледнете го само изборниот систем и се ке ви стане јасно. Тој и понатаму продуцира нееднаквост и гарантира победа на бипартизмот, кој е од самиот почеток условен од најголемиот малцински фактор, во случајов ДУИ, кој има монопол на одлучување кај албанскиот блок полни 16 години. Затоа, се додека не се стави крај на ваквиот изборен модел кој им гарантира убедлива победа на двете големи коалиции предводени од СДСМ и ДПМНЕ, плус ДУИ, за која условот изваден од ракав за премиерско место ги става во втор план, и засекогаш не се напушти концептот на национални партии, наместо граѓански, политичката слика во државата нема да биде поинаква.
Но, уште еден друг проблем кој вреди да се спомене, е оној во немањето на капацитет на малите партии, и при недостаток на визија и знаење, претпочитаат да бидат апсорбирани од страна на големите, со исклучок на некои, по примерот на ребрендираната Левица, која отсечно направи промена во идеолошката матрица. Станувајки на тој начин политички егземплар на десно-популистичка партија која се повеќе јава на брановите на национализмот, по теркот на некои партии во нашето опкружување.
Левица е corpus delicti за популистичка партија која се држи до своите суверенистички ставови, со анти евро-атлантски определби, но, без притоа да кажат која е алтернативата за бирократизираниот апарат во Брисел. Сепак покрај немањето на идеи околу економскиот модел на земјата и опстанокот во вонблоковски услови, неретко во нивниот наратив може да се забележат научно невтемелени размислувања за некакви си регионални поврзувања, па дури и такво какво е Евроазиската унија, од каде патем не пројавиле никаков интерес за нас како економски потенцијал. Но затоа покрај ваквата дијалектичка конфузност, Левица нуди ревидирање на Преспанскиот договор кој е под меѓународна гаранција како и Охридскиот, обидувајки се да се дограби до институцијата која длабоко ја „презира“.
Од друга страна пак, политиката што ја водат двете најголеми партии и нивниот коалиционен партнер од албанскиот блок, преку носењето на тн. странски инвестиции во државата, го потврдуваат фактот дека и обете партии се само алатка во рацете на крупниот капитал. Од тука, било кој, од сите овие политички субјекти кои високо целат на изборите, после евентуалната победа ке биде принуден да се откаже од спроведувањето на на претходно кажаното, поради неможноста тоа да го спроведе во пракса. Поготово ако се работи за популистичка политика од типот на отворена пресметка со капиталот. Невозможна мисија par excellence. Прашање кое веднаш се поставува, како ке се спротивстават на домашната буржоазија, која нема да се двоуми воопшто да ги мобилизира и искористи во своја заштита најреакционарните и најназадните слоеви во општеството, па дури да ги повика на помош своите империјалистички господари. Затоа, за „револуционерните прогресивци“ кои се кријат позади гласачката кутија тврдам дека се (не)свесен инструмент на класниот непријател.
Од тука се поставува прашањето, дали воопшто со влегувањето во законодавниот дом можат да се направат било какви коренети промени кои се во интерес на граѓаните. Бидејки самиот електорализам, колку и да е демократски и парламентарен, тој во својата природа е длабоко либерален инструмент на класниот непријател, капиталот. Сепак, легитимноста на моќта е она што единствено ја интересира буржоазијата отсекогаш. А излезноста е највпечатливиот облик на оваа законитост. Што е излезноста поголема, толку повеќе луѓе се согласуваат да ја исполнат волјата во склад со таквите правила. Како што и своевремено рекол американскиот писател Марк Твен; „Ако гласањето прави разлика, тие нема да дозволат да го сториме тоа“.
Автор на текстот Гордан Стошевиќ