Објавено на 28 јануари 2021 од Il Grido del Popolo©
После потпишувањето на на договорот од Преспа со кој се стави крај на две и пол деценискиот спор за името помеѓу Македонија и Грција, на кое полагаат право и двете земји, многумина мислеа дека е ставен крај на „опструкциите“ од соседите на патот на евроинтеграциите. Сепак фактите на терен говорат дека само мал дел од сизифовски тешкиот пат по кој Македонија ја турка својата интеграција е поминат, и до конечната цел е потребно уште многу да се изоди. На страна целата неспремност на властите во Скопје да се справат со обврските кои произлегуваат од интегративниот процес, како спроведување на реформите, толкување на правото и законите, функционирање на институциите на системот, строгото не мешање во ингеренциите при поделбата на на власта на законодавна, извршна и судска, како и уште многу други прашања кои се рак-рана на македонското транзициско и посттранзициско општество. Во случајов со Бугарија имаме реален суштествен проблем кој може да се реши само ако се има добра волја од двете страни, или пак да се димензионира до тој степен додека една од страните под голем меѓународен притисок прва не отстапи од своите позиции. Сепак во овој случај во подредена положба е Македонија, чии позиции можат додатно да бидат загрозени при пристапниот процес во ЕУ.
Фото: Жељу Жељев и Киро Глигоров на 8. Mеѓународна конференција на БПК во Софија, извор: Kameliya Atanasova (SNA)
Имено, деновиве се погласни се изјавите и пишувањата од страна на разни аналитичари на состојбата во македонската јавност и готово сите се едногласни во ставот дека е ова груба опструкција на Бугарија како сосед и злоупотреба на политичката моќ кон Македонија на нејзиниот евроинтеграциски пат. Но да видиме дали е навистина така, без притоа да бидеме понесени од сентименталноста. Како што е познато Бугарија беше првата земја во светот која ја призна Македонија под нејзиното уставно име во јануари 1992 година. Факт кој низ годините многумина политичари и истакнати личности од јавниот живот сакаат да му дадат сосема поинакво значење, толувајќи го само како бугарски интерес, одејќи до таму дека тоа било смислен потег на источниот сосед со кој би се оневозможила поделбата на Македонија помеѓу Милошевиќ и Мицотакис. После признавањето следуваше релативно мирен период за односите помеѓу двете земји, пред се како резултат на политиката на еквидистанца која во тоа време беше застапувана од страна на тогашниот претседател на Македонија, Киро Глигоров, но и добрата релација со неговиот бугарски колега Жељу Желев. Сепак овие привидно добри односи не беа искористени од страна на македонската дипломатија за дефинирање на некои заеднички точки од историјата поради немањето визија и пред се храброст на македонската страна која за разлика од сега во тоа време беше во по рамноправна позиција со Бугарија. Се чини клучна декада за зацврстување на односите помеѓу двете соседни земји беше таа во периодот од 1992 до 2002 година. После тоа веќе беше доцна за сѐ, имајќи ја во предвид статус кво ситуацијата на Македонија кога се во прашање нејзините позиции во меѓународната заедница.
Фото: Дора Бакојани, Константин Мицотакис и Слободан Милошевиќ, извор: Clarin
Спорот со името кој се појави веднаш по осамостојувањето, како резултат на иредентистичката политика на Грција во втор план го ставија проблемот со Бугарија кој некако висеше во воздух. Проблем свесно потиснат од двете страни со потенцијал да да ескалира подоцна. Нешто што се и навистина случи, а многу лесно можеше да се случи со било кој од соседите доколку тие беа интегрирани во ЕУ, имајќи ги во предвид односите на Балканот, поготово кога е во прашање историскиот контекст. И токму историјата е камен на сопнување во градењето мир и пријателство на овие простори, каде после распадот на Југославија во ’90-те години од минатиот век се случија воени конфликти со огромно крвопролевање потикнати од историското толкување на проблемите настанати при распадот на федерацијата. И ако се вратиме назад во историјата, но не толку далеку колку денес милуваат да одат некои политички струи од двете страни на границата, повикувајќи се на заоставштината на цар Самуил или хан Аспарух, па се до оној качен на коњ кого го поставија портокаловите кмери од белата палата, ќе видиме одредени испреплетувања на историски личности и настани кои даваат еден посебен карактер во односите помеѓу двата братски народа. Период на кој јас ќе се повикам овде е оној кој се појавува како историска нужност на време и во околности од голема важност за светот. Период кој после реставрацијата на капитализмот свесно беше злоупотребуван во официјалните кругови на Скопје и Софија по разни основи и за разни цели, нарекувајќи го едноумие.

Сепак јас ќе ја започнам мојава анализа преку марксистички и дијалектичко-материјалистички пристап, кој воопшто нема да им се допадне на денешните мејнстрим либерални толкувачи на историјата. Кои со нивната анти-комунистичка политика дојдоа до таму, да во истата онаа Унија во која се стремат да влезат сите без исклучок, беше изгласана Резолуција со која се осудува комунизмот како тоталитарен режим, изедначувајќи го со нацизмот и фашизмот. Какво ли само политичко самоубиство! Со тоа директно им се овозможи на десните популистички струи кои доаѓаат од новите земји членки на ЕУ, како Полска, Чешка, Словачка, Унгарија, Словенија, Хрватска и Бугарија преку нивните отворени анти-европски ставови да го успорат потполното интегрирање на останатите земји од Западен Балкан, со што би се заокружил проектот Обединети држави на Европа. Ваквиот расплет на настаните оди само во прилог на конкурентите на ЕУ, како САД, Русија и Кина, чиешто влијание преку се поотворената економска експанзија го доведува во прашање постоењето на проектот ЕУ кој почива исклучиво на интересите на крупниот капитал.

© Fausto Giaccone / Anzenberger
Но да се вратам назад на марксистичката мисла, поточно на историскиот дијалектички материјализам каде најпрво ќе се осврнам на Хегеловата мисла а потоа и Марксовата, а особено Енгелсовата, која кога е во прашање историскиот контекст на одредени држави и нации, предничи во однос на онаа Марксовата. Познато е дека за Хегел светската историја е дијалектика на посебни народни духови, од кои секој има задача во одредено време да реализира едно големо дело, а потоа да му препушти место на наредниот историски народен дух. Сепак Хегел не на сите народи им ја има наменето оваа задача, туку само на оние кои на темелот на својата духовна и природна ситуација биле во состојба да направат моќна државна структура. Само такви народи се за него носители на духовниот напредок. Од друга страна пак, народите кои не успеале да формираат сопствени независни држави или на подолго време ја изгубиле својата државна самобитност, Хегел ги прогласува за народи без историја. За него, нивната единствена судбина е да се потчинат на народите со историја и на тој начин да бидат постепено асимилирани. На народите без историја Хегел им ја негира способноста за државотворност, а помеѓу таквите тој го вбројува целокупното население на Југоисточна Европа кое во тој период било под власт на Хабсбуршката монархија и Отоманското царство. Хегел пред се овде мисли на Јужните Словени кои погрдно ги нарекува испљувок на варварските остатоци.
Фото: акварел со револуцијата 1848-49 во Австро-унгарската монархија
На неговата теорија подоцна ќе се надоврзат и Маркс и Енгелс, додуша не во таква метафизичка смисла како што тоа го прави Хегел, туку повеќе во материјалистичка. Сепак тие се на иста позиција со него кога е во прашање културната и историската надмоќ на на германските народи над Словените. За разлика од Маркс кој не е толку ригиден во критиките кон народите без своја историја, Енгелс во многу наврати посочува на тој хегелијански дух околу историската нужност. Енгелс е на ставот дека ваквите народи се осудени на исчезнување во големата бура која ќе ја донесе светската револуција, бидејќи не се ништо друго освен национални историски остатоци, т.е. руини од народи кои живеат на одредена територија под туѓа власт. Тој овде ги вбројува исто така без исклучоци сите Јужни Словени, но и Чесите и Словаците, како и Русите и Украинците, со еден единствен исклучок кон Полјаците, кои ги смета за рамни на Унгарците. Во текстот Унгарска борба (Der Maguarische Kampf) објавен во Марксовиот весник Neue Rheinische Zeitrung од 13 јануари 1849 година, Енгелс меѓу другото критички ќе напише, парафразирам, “дека на овие руини од народи им припаѓаат и Хрватите, кои во својата природа се длабоко контрареволуционерна нација, земајќи го во предвид фактот што хрватскиот бан Јосип Јелачиќ како слуга на австрискиот двор го гуши обидот за револуција на насекаде на територијата на Австро-унгарската монархија под чија власт се наоѓа тогаш и Хрватска”. Енгелс уште додава, дека на Словените им недостасуваат примарни историски, географски, политички и индустриски услови за самостојност и способност за опстојување.
Фото: акварел со Карл Маркс и Фридрих Енгелс при печатење на весник
Тој е категоричен, дека целата нивна егзистенција е протест против големата светска револуција, т.е. дека се фанатични носители на контрареволуцијата. Затоа како руини и национални отпадоци, Словените трба да исчезнат од лицето на Земјата. Овде пред се Енгелс се води од марксистичката мисла по која секогаш класниот интерес се става над националниот. Ваквата контрареволуционарност во генезата на Јужните Словени ќе биде уште неколку пати повторена, пред се после раѓањето на југословенската идеја (која во самиот зачеток беше буржoаска како и самата идеја за панславизмот) кога дворот на Караѓорѓевиќ ќе испрати војски да ја угушат револуцијата во Унгарија, како и да се борат на страната на белиот терор против болшевиците во граѓанската војна во Русија после избувнувањето на Октомвриската револуција, за потоа монархистичкиот режим во Белград да обезбеди прибежиште за илјадници припадници на контрареволуцијата во Русија.
Фото: припадници на руската имиграција во Белград, помеѓу кои и генералот на белогардејците Врангел, извор: Wikipedia
Националното прашање стриктно не се врзува за оваа или онаа идеологија која се наоѓа на левиот или десниот политички спектар, напротив, тоа е прашање кое е стриктно поврзано со даден историски контекст, како дијалектичко-материјалистичка нужност внатре во широките слоеви на работничката класа. Големиот марксистички револуционер и комунист, основач на Комунистичката партија на Италија, Антонио Грамши, во своите белешки од затворските денови како казненик на фашистичкиот режим на Мусолини ќе напише:
„Работничката класа пред да стане интернационална, е најпрво национална класа, или класа сама за себе. Таа пред да застане на чело на работниот народ, во кој спаѓаат и селаните, земјоделците и занаетчиите, како би се борела на интернационален план за ослободување од јаремот на индустрискиот и финансискиот капитал, треба најпрво да ги изврши националните задачи на работничката класа утврдени со развојниот процес на капитализмот и буржоаската држава како негов фактички израз.“
Затоа за нас комунистите од круцијално значење е датумот 11 јануари 1934 година, ден кога за прв пат во историјата една авторитетна меѓународна организација дава насока и мислење за признавање на постоењето на македонски народ кој зборува на свој јазик.
Фото: Конгрес на Комунистичката интернационала (Коминтерна), извор: Komintern Archiv
Таа организација не е било која како што денес љубат да кажат историските ревизионисти и државно-политичките релативизатори, туку Комунистичката интернационала, уште попозната како Коминтерна. Меѓународна организација на политички партии кои имаат значајна улога во политичкиот живот на многу држави. И токму оваа организација ќе донесе Резолуција во вид на политички документ со кој се отвара т.н. Македонско прашање. Идеја која е поставена уште во јуни 1931 година како дел од актуелизирањето на националните прашања од страна на техничкиот секретар на Коминтерната, Ото Куусинен. Идеја која треба да ја реализира час поскоро Коминтерната без никакво одлагање, имајќи ја во предвид ситуацијата во Европа со подемот на фашизмот во Италија и нацизмот во Германија. Така, изработувањето на на новата национална програма во однос на на националното прашање добива на важност во политичката агенда на на комунистичките партии ширум Европа, поготово на Балканот каде уште од порано е актуелизирано ова прашање и прашањето за Балканска федерација.
Фото: оригинал од првата страница на Резолуцијата на Коминтерната во врска со Македонското прашање, извор: Wikipedia
Тука пред се да ги споменам Светозар Марковиќ и Христо Ботев, како родоначалници на идејата за Балканска федерација. Првиот, жесток критичар на великосрпската политика, отфрлајќи го „историското право“, познато уште како обнова на Душановото царство како основа за решение на Српското прашање. Прекален марксист на рамниште од најголемите светски имиња во тоа време, кој го издава првиот социјалистички весник на Балканот, Раденик, уште во далечната 1872 година. Вториот пак, непоправлив анархо-комунист и еден од четирите апостоли на Бугарската национална преродба покрај Васил Левски, Георги Раковски и Љубен Каравелов. Тука секако би ги додал уште и Димитар Благоев и Димитрије Туцовиќ. Првиот, исто така прекален марксист, основач на Бугарската работничка социјалдемократска партија, кој го актуелизира Македонското прашање уште пред Илинденското (Преображенското) востание, помеѓу 1885-1887 година во бугарскиот револуционерен весник Македонски глас. Инаку присутен на Шестиот македонски конгрес одржан од 1-5 мај 1899 кога се дискутира за подготовката на избувнување на востание во Македонија. Вториот пак, Туцовиќ, убеден социјалист во своите политички ставови, еден од основачите на Српската социјалдемократска партија. Уредник на социјалистичкиот весник Радничке новине, како и автор на безвременското дело Србија и Албанија, една од најраните политичко-теоретски студии за албанскиот народ, која се раскусурува со националистичкиот повик на историјата. За него големиот марксистички филозоф Карл Каутски во една прилика ќе изјави:
„Помеѓу најбројните крвави жртви кои Интернационалната ги поднесе на бојното поле, Туцовиќ е најпознатата жртва. Интернационалата со голема чест ќе го чува споменот на него.“
Фото: Димитрије Туцовиќ, извор: Facebook
Сепак денес оние кои на големо ја заговараат југословенската идеја, чии што корени лежат во панславизмот како одбрана од германизмот, идеја за која патем погоре споменав дека е буржоаска и империјалистичка, (водена пред се од интересите на капиталот преку својот инструмент во рацете, монархијата, т.е. династијата на дворот Караѓорѓевиќ) забораваат на некои историски факти кои досегаат многу порано од историскиот АВНОЈ. Идеја против која уште во 1925 година ќе бидат изнесени тезите на Коминтерната за разбивање на Југославија преку актуелизацијата на националните прашања на нејзина територија. Или како што ќе напише големиот југословенски и хрватски интелектуалец Мирослав Крлежа во 1938 година во своите политички есеи Eppour si muove:
„Се покажа повторно уште еднаш (марксистички), дека на акциите и дивидендите не им треба никакво усмерување. ‘Јужнословенското политичко ослободување под круната на Караѓорѓевиќ’ значеше, преведено на деловниот јазик на финансискиот капитал, дека српско-хрватските и словенските шуми, бродови, руди, жито, работна сила, сите видови на стока и суровини, дека со еден збор целото јужнословенско богатство отпатувало во туѓи џепови, по сите принципи на најнормалниот колонијален однос.“
Фото: Мирослав Крлежа, извор: Facebook
Така е и со идејата за македонска нација и јазик кои не се само плод на заложбите на АВНОЈ и АСНОМ, туку след на историската нужност која прва ја прифаќа Коминтерната, чии заложби за прогрес на работничката класа и селаните од сите народи ќе вродат со плод низ народноослободителната војна, која пред се имаше класен карактер, а потоа и антифашистички, за разлика од Големата Татковинска војна во Советскиот Сојуз чиј карактер уште од самиот почеток беше антифашистички и патриотски, знаејќи дека од претходно рускиот народ се избори за своте класни права преку Октомвриската револуција. Во тој контекст само ќе споменам дел од говорот на големиот бугарски поет и еден од главните идеолози на македонизмот Михаил И. Сматракалев, по познат под псевдонимот Анѓел Жоров во 1947 година:
„Таа идеја за македонска нација денес е поставена веќе научно, јасно и категорично, но не датира од 1941 година. Тоа прашање не го поставија македонските партизани. Тоа прашање го постави ВМРО (Обединета) уште во 1932 година. Вистина е, дека тогаш кога се постави тоа прашање ние, кои го подржувавме постоењето на македонската нација, бевме нарекувани ‘предавници’, дури некои не нарекуваа и ‘секташи’ и т.н. но, и покрај тоа, таа идеја го проби патот, затоа што во неа е вистината. И на крајот на краиштата, таа идеја ги разруши десетиците години натрупано и наслоено великобугарско чувство.“
Фото: Димитар Благоев, извор: Революционерен пламък
Во изготвувањето на Резолуцијата кое трае од 20 декември 1933 година до 7 јануари 1934 година, помеѓу другите учество зема и Димитар Влахов лично. Еден од најголемите заговарачи на македонизмот во меѓународните политички кругови, човек кому посебно внимание му е одадено за неговите заложби кога е во прашање актуелизирањето на националното прашање преку акцептирањето на истото внатре во марксистичкото поимање за национално ослободување. Влахов како еден од најголемите македонски интелектуалци и комунистички дејци во историјата, кој во периодот на својот мандат како народен пратеник во Османскиот парламент ќе биде забележан за се понагласената подршка на идејата за формирање на Еврејската држава Израел и преселба на сите Евреи од светот на едно место, не отстапува од идејата за финално решение и на македонското прашање. Колку силно одекнале неговите заложби може да посведочат пишаните и искажаните јавни пофалби на сметка на неговото име и дела од Ленинград, преку Москва и Виена, па се до Цариград и Ерусалим. Така, во една прилика идниот и прв Премиер на државата Израел, Давид Бен-Гурион помалку парадоксално ќе изјави:
„Влахов е во своите цели поголем ционист од сите Евреи социјалисти заедно.“
Фото: Димитар Влахов, Методија Андонов – Ченто и претставници на ОН во Битола 1946, извор: Wikipedia
Ова само сведочи за големината за него како политичка фигура после Големата империјална војна, време на најголеми политички потреси во светот кои подоцна ќе станат повод за Втората светска војна. Влахов како неуморен марксистички деец, но и интернационалист кој има безброј контакти внатре во Интернационалата и социјалистичкиот свет, во вистинско време ќе притекне во помош на многу негови современици во заложбата за имплементирање на социјалистичките идеи во даден временски период и простор. Не случајно, истиот тој Влахов ќе му отстапи место во неговиот весник Solidaridad Ovradera, на еден од основачите на Грчката комунистичка партија, познатиот новинар Абрахам Елизар Бенарој, организатор на еврејското работничко движење и основач на Еврејската Федерација на социјалистички работници, на која припаѓаше и самиот Влахов, кој исто така беше еден од нејзините основачи.
Познато е дека Димитар Влахов во тоа време ужива голема репутација во Коминтерната, не само поради неговите врски со нејзиниот прв човек Георги Димитров (кој не е единствен Бугарин таму, напротив, ги има многумина од кои најистакнат е Крсто Станчев, попознат како Христиан Раковски, кој подоцна ќе биде обвинет поради контрареволицеонерни активности и стрелан во Сталиновите чистки), туку и нескриените врски со големи и значајни работници во организацијата како Радек и Держински, со кои остварува тесни врски околу важни политички одлуки. Човек кој подоцна, после одлуката на информбирото ќе падне во немилост на реакционната политика на Тито, Кардељ и Колишевски, кои ќе се погрижат за негова потполна изолација, не толку поради линијата со Сталин, отколку поради истакнувањето на посебноста на македонското национално и политичко ткиво на кое инсистира и повикува поради огромната разлика со југословенското, или доминантното српско. За што многу пати кај Тито лично ќе се обратат Кардељ и Колишевски барајќи од него јавно да се заложи со трајно отстранување од политичкиот живот на стариот, како во тоа време го нарекувале Влахов бирократите и припадници на црвената буржоазија. Сепак неспорен е големиот придонес во одлуката на Политичкиот секретаријат на Коминтерната од 11 јануари 1934 година при донесувањето на Резолуцијата за македонското прашање.
Фото: членови на Македонскиот литературен кружок во Софија, извор: Facebook
Во април истата година веќе изготвеното решение од Коминтерната за формирање на македонска нација ќе биде упатено до ВМРО (обединета), по што ќе биде објавено од страна на весникот Македонско дело како политички орган на партијата во кој главен збор водат Владимир Поптомов (главен уредник), Димитар Влахов, Дино Ќосев, Павел Шатев и Георги Караџов. Во документот кој го објавува Македонско дело меѓу другото пишува:
„ …Буржоазијата на господарските нации во трите империјалистички држави, помеѓу кои е поделена Македонија, се обидува да го прикрие националното потиснување, одрекувајќи ги националните особености на македонскиот народ и постоењето на на македонска нација. Грчките шовинисти тврдат, дека Македонците се словенизирани Грци, великосрпските шовинисти го прогласуваат тоа население за едно од племињата на југословенската нација и го подлегнуваат на насилно посрбување, а бугарските шовинисти, користејќи го сродството на македонскиот јазик со бугарскиот, велат дека Македонците се Бугари, и на таков начин сакаат да го оправдаат владеењето во Петричко и анексирачката политика во однос на цела Македонија…“
И покрај тоа што мнозинството на бугарските комунисти нема позитивен став кон текстот на Резолуцијата на Коминтерната, задграничното биро на БКП во Москва прави обид да создаде работна група, која треба да изработи план за проучување на прашањето за македонска нација и јазик, и да излезе со решение. Нешто што подоцна ќе води до формирање на Македонскиот литературен кружок, кој ќе дејствува во предводена Бугарија, во чии редови ќе бидат запазени еминентни членови од Македонија и Бугарија, како Ѓорѓи Абаџиев, Никола Вапцаров, Антон Великов, Георги Деспотов, Васил Ивановски, Венко Марковски, Коле Неделковски, Кирил Николов, Антон Попов, Михаил Сматракалев, Димитар Стефанов и Димитар Шарланџиев.
Фото: Кралот Александар Караѓорѓевиќ во придружба на кралицата Марија, извор: Pinterest
Периодот на Втората светска војна, поточно 1941-44 се чини е најспорен во односите помеѓу Скопје и Софија. Период за кој официјално Скопје тврди дека е обележан со окупација од страна на Бугарија на Вардарскиот дел на Македонија кој во тоа време е во склоп на Кралството СХС, како историски сукцесор на српската монархија и нејзините империјалистички интереси на Балканот уште во времето на Балканските војни, а подоцна и во Првата светска војна по која ќе изврши анексија над Косово, Црна Гора. Од друга страна пак официјална Софија тврди дека всушност тоа е администрирање на областа под управа на силите на Оската од страна на Бугарија како дел од потпишувањето на сојуз со Тројниот пакт на 1 март 1941 година во Виена. Целиот овој период е исполнет со контроверзи, почнувајќи веќе од наредниот месец април со влегувањето на бугарските војски на територија на тогашната Вардарска Македонија како составен дел од Кралството Југославија, и нејзината анексија која ќе трае се до Деветосептемврискиот преврат во Бугарија кога Софија и официјално преминува на страната на сојузниците.
Поголемиот дел од Вардарска Македонија, или над 23 000 км2 ќе бидат анектирани и ставени под управа на петата армиска област, со која раководи резервната пета армија на Бугарија под команда на генерал-потполковник Никола М. Михов, во чиј состав спаѓаат 15 и 17 пешадиска дивизија. Овие воени сили до 1943 година ќе бројат над 50 000 војници и офицери што е повеќе од половина од силите кои ги упатува диктаторскиот режим на дворот Караѓорѓевиќ после воведувањето на Шестојануарската диктатура како би се потиснал секаков вид на отпор на населението против режимот. Во Вардарска Македонија бугарската анексија на самиот почеток нема да наиде на никаков отпор, на што можат да посведочат безбројте архивски снимени и напишани материјали. Напротив, имајќи ја во предвид претходната окупација на тој дел од страна на Србија после Букурешкиот мир од 1913 година, и поготово репресиите на српскиот жандармериски апарат после Шестојануарската диктатура, мнозинството влегувањето на трупите ќе го препознаат како ослободување.
Фото: Примопредавање на власта во градот Охрид во мај 1941 година од страна на италијанската управа на бугарската администрација назначена од германските окупациони сили, извор: Wikipedia
Првиот помал отпор против стационираните бугарски сили на територијата на Вардарска Македонија ќе биде регистриран веќе на 13 јули 1941 година, кога во селото Горни Дисан (Кавадаречко) во судир со бугарските вооружени сили смртно ќе настрада Диме Поп Атанасов, истакнат политички активист на на СКОЈ, кој воедно ќе биде и првата регистрирана жртва на територијата на Вардарска Македонија после влегувањето на бугарските војски. Чин кој подоцна југословенската историографија намерно ќе го занемари при одлуката за носење на датуми на отпочнување на вооружениот отпор или почеток на востанието, кој за Македонија ќе биде избран 11 октомври.
За да трагедијата биде уште поголема подоцна ќе се погрижи и раководството на КПЈ, која на својот Пети конгрес одржан во Белград во месец јули 1948 година, веднаш после носењето на Резолуцијата на Информбирото со која Југославија се исклучува од тоа тело. Имено, во рефератот кој ќе биде поднесен до сите делегати од страна на Генералниот секретар на Политбирото на ЦК на КПЈ, Јосип Броз, во делот каде се говори за почетоците на вооружените востанија во сите републики, во делот за Македонија не се споменува ниту оној од 11 октомври, а камоли порано. Помеѓу другото во рефератот стои дека партизанските движења во тоа време се појавиле во Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска и Словенија, но не и во Македонија. Во рефератот се наведува дека во Македонија до вооружено востание воопшто не дошло, бидејќи Секретарот на Покраинскиот комитет, Методија Шаторов – Шарло го саботирал формирањето на партизански одреди, поради што бил исклучен од ЦК на КПЈ, како и од партијата. За жал подоцна слепо ќе се прифати од страна на македонското партиско раководство датумот 11 октомври како ден со кој ќе се обележува почетокот на востанието и револуционерната борба во Македонија.
Фото: Франц Лескошек, Едвард Кардељ, Јосип Броз, Моша Пијаде, Александар Ранковиќ и Милован Ѓилас на Петиот конгрес на КПЈ во Белград, извор: Хрватски историски музеј
За среќа, многу подоцна, во 1972 година во Словенија, на еден меѓународен научен собир на темата Ослободителната војна кај народите на Југославија како општонародна војна и социјалистичка револуција, ќе фрли сенка на тврдењата стари четврт век. На собирот е поднесен реферат под наслов Дали доцнело вооруженото востание во Македонија 1941?. И она што е најважно во тој реферат е тоа, што по пат на компаративни методи е докажано дека во Македонија востанието не доцнело. После утврдувањето на сите датуми како почетоци на востанијата во сите републики, заклучено е дека наместо 11 октомври, би можело да се утврди датумот 13 јули 1941 година како почеток за вооруженото востание во Македонија. Но за вакво нешто воопшто немало слух во политичкиот врв на СКЈ, исто како што немало слух ниту за тоа во Хрватска наместо утврдениот датум 23 јули 1941, да се земе датумот 22 јуни 1941 година. Ден кога е за прв пат крај месноста Брезовица близу Сисак е забележано формирањето на Првиот Сисачки партизански одред, што претставува прва забележана вооружена антифашистичка воена формација на територија на Балканот, а за многумина и во Европа.
Недоволен аргумент за политичкото раководство во Белград кое се одлучува за датумот 23 јули 1941 година, ден кога во месноста Срб во Лика, Хрватска, е забележано вооруженото востание на Србите во Хрватска против фашистичкиот терор врз нив од страна на новоформираната сателитска држава на Третиот рајх, НДХ на Анте Павелиќ. Само мал дел од ревзионистичката југословенска историографија на која и припаѓа и оној сегмент поврзан со формирањето на Првиот Скопски партизански одред и улогата на Шарло и неговото учество во формирањето на истиот на 22 август 1941, а чии подготовки траеле полни два месеци. Одред чие постоење цело време е негирано од страна на Лазар Колишевски, нешто што го потврдува и Вера Ацева во своето писмо до Светозар Вукмановиќ – Темпо, за кое пишува познатиот југословенски дипломат и разузнавач, но и историчар и уредник на весникот Борба, Антон Колендиќ во својот текст Белите дамки на македонската историја, објавен во хрватскиот неделен магазин Старт на 19 август 1989 година.
Фото: Иво Ласиќ и Иво Огулинац, првите жртви на Сисачкиот партизански одред, извор: Антифашистички весник
Крај на првиот дел. (продолжува…)
Автор на текстот Гордан Стошевиќ