Објавено на 1 март 2021 од Il Grido del Popolo©
Отворениот судир внатре во политичкото раководство на ПКМ потпомогнат од КПЈ и БКП со знаење на Коминтерната добива на значење уште на самиот почеток на војната, за што сведочи многу подоцна еден од малкумината сведоци на тоа време, Перо Ивановски – Тиквар кој потврдува дека при формирањето на ПКМ за Македонија во рамките на КПЈ на 8 септември 1940 година, за политички секретар е избран Методија Шаторов – Шарло, на конференција на која исто така е усвоена Резолуција која подоцна ќе стане своевидна национална програма составена од две компоненти. Првата компонента преку која партијата усвојува тактика за создавање македонски револуционерен фронт, кој треба да биде дел од општата борба на југословенскиот пролетерјат во сојуз со сите слоеви кои треба да застанат отворено против српскиот империјализам. И втората, со која на конференцијата се покренува прашањето за колониите, чија парола гласи „враќање на земјата на македонските селани и бркање на сите српски колонисти од Вардарска Македонија“.
Нешто за што се залага дваесетина години порано и големиот југословенски и српски комунист, еден од основачите на КПЈ, како и познат новинар и уредник на весникот Радничке новине, Коста Новаковиќ преку своето дело дело Македонија Македонцима, земља земљорадницима, за што ќе биде осуден од страна на режимот во Белград на 12 години робија. Инаку првиот партиски претставник во Македонија, кој на првите повоени парламентарни избори во Кралството СХС одржани во март 1920 година, ќе биде избран за народен пратеник во Уставотворното собрание од скопската изборна единица како кандидат од редовите на СРПЈ (комунисти). Која подоцна на Вториот конгрес во Вуковар од 20-25 јуни истата година ќе го промени своето име во Комунистичка партија на Југославија.
Фоти: Коста Новаковиќ, извор: Wikipedia
Како што вели Перо Ивановски – Тиквар во неговото излагање, ваквиот став на македонските комунисти ќе наиде на бурни реакции и остар отпор кај раководството на КПЈ, нарекувајќи го екстремистички. Тоа е и сржта на проблемот помеѓу двете раководства, или поточно на судирот помеѓу Јосип Броз – Тито и Методија Шаторов – Шарло кој подоцна ќе доведе до целосна политичка изолација и елиминација на вториот од политичкиот живот. Она поради што Тито му ретерира на Шарло е концептот на македонскиот револуционерен фронт, кој на прво место го става националното прашање на Македонците изнад сите приоритети, а најголемиот „грев“ на Шарло е тоа што покрај работничката класа и селанството, во обединетиот револуционерен фронт треба да влезат и повисоките општествени слоеви, односно интелектуална класа и средната буржоаска класа. Нешто што е изземено во Титовиот концепт, чии аспирации се соборување на монархијата и превземање на власта. Помалку лицемерно од негова страна, кога веќе се изјаснува против буржоазијата, но, во исто време спротивставувајќи се на идејата за одземање на земјата на српските колонисти во Вардарска Македонија.
Тито сепак подоцна излегува како победник во отворениот судир со Шарло поради поставеноста на политиката на Советскиот Сојуз која ќе се води во однос на Балканот и пред се војната против Германија, каде Тито во тој момент во очите на Коминтерната е личност од поголемо значење во борбата против Третиот рајх која е единствен приоритет за Москва, имајќи ја во предвид важноста на Големата Татковинска војна, за сметка на сеопштата светска револуција за која е заклучено дека е невозможно да се реализира во тој даден историски момент. Тито уште во самиот почеток на војната испраќа писмо до Извршниот комитет на Коминтерната, со кое го негира постоењето на било каква воена формација на територијата на Вардарска Македонија, како што вели:
„Во Македонија ништо не се прави, а ние имаме цел да им помогнеме на советските луѓе бидејќи ги кренавме народите на Југославија на вооружена борба“.
Методија Шаторов – Шарло, извор: Old Prilep
Генералниот секретар на ЦК на КПЈ Јосип Броз – Тито не пропушта сурово да го казни „одметникот“ Шарло за неговите „своеволни“ постапки со известување до ПКМ при КПЈ, во кое по три основи се објаснува разрешувањето од должноста политички секретар на ПКМ и исклучувањето од партијата. Поради саботирање на издавањето проглас во врска со нападот на нацистичка Германија на Советскиот Сојуз на 22 јуни, за прекин на врската со ЦК на КПЈ после окупацијата на Вардарска Македонија од силите на Тројниот пакт, и она што најмногу му го земаат кско грев, неговиот непријателски став према Србите во Вардарска Македонија. Активности кои ќе бидат окарактеризирани како антипартиски и контрареволуционарни. На писмото на Тито му претходело писмото на Генералниот секретар на ЦК на БКП, Антон Иванов до Генсекот на Коминтерната Георги Димитров со барање да се изјасни по повод спојувањето на ПКМ кон БКП како би работеле на формирање на партизански одреди.
Начелно Коминтерната го одобрува ваквото припојување на ПКМ кон БКП, но, после испраќањето на писмото од Тито до Коминтерната, во кое изричито бара од нејзините раководители да и наложат на БКП да се откаже од формирањето на паралелни партиски организации и комитети покрај веќе постоечките, работите се менуваат во полза на Тито и КПЈ. Коминтерната издава директиви со кои му налага на ПКМ да се врати под закрила на КПЈ, но, и на БКП и налага да воспостави поблиски односи со КПЈ пружајќи и логистика на окупираните територии, односно да издаде директива со која на сите бугарски комунисти кои се наоѓаат на територија на Југославија, да пружат сестрана помош на своите југословенски другари, остварувајќи потесна соработка со ЦК на КПЈ директно на терен.
Согласно директивите на Коминтерната, ЦК на БКП, на почетокот од месец декември 1941 година се огласува со посебен документ под наслов За слобода, рамноправност и самоопределување на Македонија. Во него се осудува бугарската окупација на Вардарска Македонија, се признава јазикот и историјата како македонски, и Илинденското (Преображенското) востание и неговите великани како македонски. Сепак ваквиот став на БКП нема да трае долго, па така, после Второто заседание на АВНОЈ, тие ќе ја преиспитаат претходната одлука со Декларација преку која овој пат се противат Македонија да биде признаена како рамноправна членка на новата федерација, и покрај заложбите на десната струја во Отечествениот фронт да се разгледа прашањето околу одлуката за признавање на посебноста на македонската нација и јазик.
Фото: генерал Добри Терпешев говори на Второто заседание на АСНОМ во Скопје, извор: Wikipedia
Сепак има и мали исклучоци внатре во самата БКП како што е генералот Добри Терпешев, командантот на Народноослободителната востаничка армија (НОВА), нелегална партизанска организација на комунистичкото движење во Бугарија во периодот од март 1943 година до 9 септември 1944 година. Човек за кого деновиве македонските портали синхронизирано објавија фејзбук статус на поранешен уредник на МРТВ за говорот на Терпешев на Второто заседание на АСНОМ одржано во Скопје помеѓу 28-30 декември 1944 година, на кое во својство на делегат на Отечествениот фронт на Бугарија учествува и генерал-потполковник Добри Терпешев, покрај делегатот на Националниот комитет на Отечествениот фронт Иван Аризанов, и шефот на советската воена мисија, мајор Инков. На истото заседание во неговото обраќање до останатите делегати, тој директно се осврнува на претходната власт во Бугарија која била на погрешната страна, и дека тогашната Бугарија се разликува од онаа отечествената која тој ја претставува.
Терпешев претходно учествува и како водач на делегацијата на Владата на Бугарија на Московската мировна конференција, одржана во Москва на 28 октомври истата година, кога Владата на Бугарија од една страна го потпишува документот со кој и официјално преоѓа на страната на сојузниците, додека пак од другата страна потписници на документот се владите на Советскиот Сојуз, Велика Британија и САД. Со потпишувањето на овој документ се регулирараат обврските на Бугарија како поразена страна во војната кон соседите Грција и Југославија како победници во истата. Имајќи ги уште во предвид и обврските од договорот потпишан на 5 октомври 1944 во Крајова, со што на бугарските војски им се дозволува влегување на југословенска територија при учество во последните воени операции за нејзино целосно ослободување. За што сведочи и дописот од страна на Јосип Броз – Тито испратен до Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија 30 октомври 1944 година, само 25 дена после потпишувањето на договорот од Крајова, во кој пишува:
“Повторно од вас не добиваме борбени извештаи. Ова е политички многу незгодно. Исто така јавувајте за заедничките акции на нашите и бугарските трупи.”
Документ заведен под број А-VII, k. 26, reg. br. 2-7/12 како дел од едицијата Собрани дела на Јосип Броз – Тито (том XXIV, стр. 146.) која е достапна и онлајн на интернет страницата на белградскиот Институт за современа историја. Документ кој само го потврдува фактот дека во тој период македонските и бугарските партизани имаат заеднички борбени акции против германските окупациони сили. Тука секако би ги додал и заклучоците од IV. Московска конференција помеѓу Сталин, Черчил и Аверил Хариман, на која се исцртани контурите на сферите на интересно влијание на големите сили, со кои Југославија е поделена 50%-50%, Бугарија 75%-25% во корист на СССР, и Грција 90%-10% под влијание на западните капиталистички сили, нешто што ќе биде од круцијална важност при граѓанската војна во Грција.
Терпешев после војната ќе биде поставен на неколку високи функции, помеѓу кои и како прв човек на Државната планска комисија, или првата петолетка (1945-1950) период на работа на комисијата за државно планирање, како и заменик претседател на Советот на министри, и претседател на обновеното XXVI. Народно собрание. При крајот на 1950 година ќе биде исклучен од Политбирото на ЦК на БКП, после процесот против Трајчо Петков за антисоветска дејност, бидејќи не го известил на време партиското раководство за постапките на Петков. Подоцна, во 1956 година по отворен судир со новиот раководител на БКП, Тодор Живков ќе биде исклучен од партијата поради „антипартиска дејност“, да би на почетокот од ’60-те биде потполно политички изолиран и уништен како човек, без пензија и иселен засекогаш од Софија во Плевен.
Фото: Георги Димитров и Кимон Георгиев во Софија после завршувањето на војната, извор: непознат
Кога е во прашање пак Отечествениот фронт формиран под покровителство на Советскиот Сојуз на 17 јули 1942 година и неколку важни опаски. Фронт директно помогнат од бугарското политичко раководство на БРП (к) во Советскиот Сојуз каде се наоѓаат Георги Димитров, Васил Коларов, Станке Димитров, В’лко Червенков и Георги Дамјанов, ја издава програмата на ОФ кој треба да вклучи и организации кои доаѓаат од некомунистички редови, по примерот на движењето ЗВЕНО на Кимон Георгиев, кое е крајно десна општествено-политичка организација со изразена капиталистичка либерална ориентација која во својот идеолошко-политички сентимент има нескриени фашистички корени.
Политичката номенклатура на чело со полковникот Кимон Георгиев во периодот 1931-34 при зацврстувањето на своите позиции кон остварувањето на целта, завземање на власта, отворено преговара со политичките организации и партии кои се во подем во тоа време, како што се Воениот сојуз (воена лига), организација на резервни офицери кои имале важна улога во политичкиот живот на Бугарија помеѓу двете светски војни, како и Националната задруга – фашисти, крајно десничарска фашистичка политичка партија активна помеѓу 1930-34 година. Меѓутоа, она што е симптоматично е тоа, што пред да се самораспушти ЗВЕНО на 19 февруари 1949 година и потполно претопи во ОФ, (каде некои негови членови како Кимон Георгиев или Трајчо Доброславски кои се најблиски до комунистите од БКП, ќе бидат распоредени на влијателни функции, по примерот на Георгиев кој останува лојален на БКП до крајот на неговиот живот и покрај политичкото деградирање, додека пак Доброславски јавно ќе ја критикува политиката на Политбирото на ЦК на БКП, за што ќе биде исклучен од партијата, по што (според извештајот на началникот на Оделението-Б на Државната безбедност и контраразузнавање Стефан Богданов, Toj се самоубива) многу гласно ќе заговара решавање на Македонското прашање, отколку што тоа го прави БКП. Која драстично ќе ја промени својата политика во однос на тоа прашање поради директивите од Москва.
Така, во годините пред промената на власта во Бугарија, Кимон Георгиев подржан од Никола Петков, составуваат статија со завземање позиција за решавање на Македонското прашање преку создавање на обединета и независна македонска држава, знаејќи ги позициите на Советскиот Сојуз за неменување на границите на Балканот во однос на оние после Версај. Сепак, до Деветосептемврискиот преврат ќе биде издаден компромисен текст со кој се избегнува прашањето за обединување на Македонија во склоп на евентуална Балканска федерација и враќање на Пиринска Македонија на Југославија.
Фото: генерал Иван Маринов, началник на генералштабот на Бугарската народна армија, извор: Wikipedia
Она што сакам уште да истакнам во овој дел е името на една личност која ќе направи тотален пресврт во позициите на своето воено-политичко делување. Станува збор за контроверзниот генерал Иван Маринов, командант на 15 пешадиска охридска дивизија во време на анексијата на дел од Вардарска Македонија, а подоцна началник на Генералштабот на Бугарската народна армија. Уште еден куриозитет кој треба да се спомене се дипломатските односи помеѓу Советскиот Сојуз и царска Бугарија до 5 септември 1944 година, кога Москва официјално ќе и објави војна на Софија, на само три дена од влегувањето на Црвената армија на територија на Бугарија на 8 септември. Ако се знае од претходно дека на 26 август истата година од германските војски е побарано да ја напуштат земјата, која во исто време објавува неутралност, се чини дека четиринаесетте денови помеѓу 26 август и 9 септември се од круцијално значење за иднината на Бугарија.
Истиот тој генерал Маринов веќе на 2 септември ќе биде наименуван за воен министер, кој само после два дена, на 4 септември со мал авион од спортскиот аеродром крај Мало Коњари (Прилепско) со асистенција на советското НКВД ќе биде префрлен во Софија и поставен на местото началник на генералштабот на новата бугарска армија и промовиран во чин генерал-потполковник. Генералот Маринов „ниту крив, ниту должен“ ќе биде награден од бугарската нова власт во формирање со амин од Москва, за разлика од командантот на Петата бугарска армија, генерал-мајор Кочо Стојанов кој ќе биде уапсен на 6 септември во Софија и затворен, или пак војниот министер од владата на Богдан Филов, генерал-потполковник Никола М. Михов кој ќе биде биде обвинет и стрелан со останатите обвинети припадници на владиниот кабинет и воени офицери подоцна на 1 февруари 1945 година.
Имено, новиот началник на генералштабот на Бугарската народна армија, Иван Маринов неслучајно му е дадена довербата од Москва пред назначувањето на функцијата, имајќи ја во предвид довербата кај највисокото советско раководство на чело со Ј. В. Сталин, кој подоцна на парадата по повод победата на СССР над Третиот рајх одржана во Москва на 24 јуни 1945 година, лично ќе го одликува со Орден Суворов од прв степен. Неговиот прв заменик, генерал-потполковник Фердинанд Козовски исто така е човек од доверба на Кремљ. После војната, Георги Чанков, заменик претседател на Министерскиот совет и член на Политбирото на ЦК на БКП, ќе даде една контроверзна изјава, велејќи дека генаралот Маринов за дејноста во Македонија како командант на 15 дивизија за улогата во депортацијата на македонските Евреи од Битола, би требало да биде суден од Народниот суд, но поради проекциите на БКП и нејзиниот раководител Димитров кој се наоѓа во Москва, ова нема да се случи.
Фото: Сер Орме Гартон Сарџент, извор: National portrait gallery
Периодот помеѓу 1943-45 и развојот на настаните во делот на Вардарска Македонија исто така побудува голем интерес и кај меѓународната заедница, особено во редовите на сојузниците. Имено, во овој период на територијата на Вардарска Македонија е забележано делувањето на припадници на разузнавачките служби на големите сили, како OSS и MI-6, кои проследуваат свои извештаи до Стејт Департментот и Форин Офисот, информации во вид на оперативни податоци директно од терен во кои може да се забележи опсежна анализа на партизанското движење и комунистичкото делување на тој простор. Во нив е забележано дека македонските комунисти се окарактеризирани како најмногу националистички расположени, што не е воопшто за чудење со оглед на повеќевековниот стремеж на македонскиот народ за самоопределување и независност од останатите народи на Балканот. Ваквите извештаи кои се уште и плод на искусни дипломати како Сер Орме Гартон Сарџент, експерт за балкански прашања во британскиот Форин Офис за време на Втората светска војна, итекако мора сериозно да се земат во обзир.
Овој искусен дипломат во својот меморандум насловен како Македонија, препорачува на британската влада, дека е апсолутно недопустливо формирање на голема Балканска федерација помеѓу Југославија, Бугарија и Грција, со што би се загрозила рамнотежата помеѓу овие држави, и со тоа директно би се изолирала капиталистичка Грција, и затоа под итно треба да се информираат Советите. Нешто што подоцна нема да оди во прилог на односите меѓу југословенските и грчките комунисти и партизани. Во прилог на ова оди и негодувањето на англо-американските воени претставници, мајорите Милер и Дикенсон, на Второто заседание на АСНОМ одржано во Скопје кон крајот на месец октомври 1944 година, кога ги известуваат своите влади за можноста од формирање на федерација под покровителство на Титова Југославија.
Ваквиот развој на настаните можел да се предвиди уште на средбата одржана на островот Вис во текот на месец јуни 1944 година помеѓу раководството на на КПЈ на чело со Јосип Броз – Тито и Светозар Вукмановиќ – Темпо од една страна и делегацијата од Македонија како дел од составот на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, Методија Андонов – Ченто, Емануел Чичков и Кирил Петрушев од друга страна. На средбата од страна на делегацијата од Македонија меѓу другото ќе биде поставено и т.н. Македонско прашање, но во вид на евентуално обединување на Македонија во рамките на новата федерација, согласно меѓународната положба на антифашистичкиот блок.
Тито декларативно ќе ја подржи таа идеја, меѓутоа, подоцна во манир на “лош дечко”, по примерот на пишманењето после Спогодбата од Крајова од 5 октомври 1944 година со која се овозможува на Бугарската народна армија да се придружи во завршните операции за ослободување на Југославија, велејќи како не требало ја потпишува таа спогодба, на Париската мировна конференција 1947 година, југословенската делегација нема да го постави на дневен ред Македонското прашање, знаејќи ги дефинираните позиции на големите сили од Техеранската конференција кои произлегуваат со Договорот од Јалта, кога се исцртани контурите на новите геополитички и геостратегиски скици за светот. Овде пред сѐ се мисли на враќањето на позициите од пред војната, во границите на Версајска Европа, со исклучок на некои поситни разграничувања по примерот на Југославија и Италија околу Истра. За ова сведочи и посетата на југословенската партиска делегација на Москва во јануари 1945 година, на чело со Андрија Хебранг, кога го прашува Сталин дали може да се надева Југославија дека ќе ја добие Грчка Македонија, на што големиот вожд го прекорува со зборовите:
“Правите ситуација во која би сте се покажале како непријатели на сите ваши соседи, а тоа значи дека имате намера да војувате со цел свет. Со самото тоа не постои здрав смисол во остварувањето на вашите позиции.”
Крај на вториот дел. (продолжува…)
Автор на текстот Гордан Стошевиќ