Објавено на 20 јули 2023 од Il Grido del Popolo©
Неодамнешната вест дека „од топ 10 студенти кои се на Љубљанскиот универзитет, пет се со потекло од Македонија“ за момент ги стопли срцата на илјадници очајни сонародници, кои несебично го преоптоварија лајк тастерот и оставија река од позитивни коментари за студентите со доза нерефлектирана критика обвинувајќи ја државата што ги принудила нашите светли таленти да ја напуштат оваа света и безвременска земја. Исто така, нашиот министер за образование Шаќири во изјава од минатата година во однос на фактот дека околу 800 македонски студенти се запишале само на Универзитетот во Љубљана за веќе изминатата 2022/2023 отворено рече дека иако не гледа на тоа како неуспех, бидејќи студентите слободно избираат да ја напуштат државата, сепак најдобро за државата би било тие повторно да се вратат и искористат својата експертиза во областите неопходни за развој на нашето домашно општество. Министерот и останатите државни институции се повеќе од свесни за ваквиот тренд, сепак евиденција за „одливот на мозоци“ добиваат единствено преку надворешни анкети или од Словенечката амбасада. Мал, но впечатливо поразителен показател за посветеноста во обидот да се натераат бистрите студенти да се вратат дома и да го „искористат својот потенцијал“. Контра залудните надежи, сѐ поизвесно е дека Словенија, а не Македонија станува „ветената земја“ за младите, но и не само за младите, ако имаме предвид каква демографска бомба го тресе целиот Балкан со масовното иселување на работници кои дури и по пола век живеење во оваа држава со цели семејства резервираат билет во еден правец за Словенија или некоја друга ветена земја-членка на ЕУ.

Од академската 2017/2018 година до последната 2021/2022 година, на државните универзитети (со исклучок на приватните!) во Словенија има вкупно 5 224 студенти од Македонија (погледни ја табелата подолу за детален приказ по година), бројка која постојано расте секоја година бидејќи социјалната, економската и политичката клима не престануваат да ги рушат надежите за било каква иднина во ова периферно и веќе доволно запустено парче земја.

Наводно, како што истакнува професорот Страшко Стојановски при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, „во изминатите пет години се дуплирал и бројот на одлични средношколци“, притоа сведувајќи го објаснувањето на една крајно нејасна или/или основа, односно „или имаме премногу паметни генерации, или се намалени критериумите за оценување“. Се прашувам само на кој сѐ мисли дотичниот професор? И пред сѐ, своевремено како професор по социологија и политички науки, на какви параметри на успешност и интелигенција самиот се повикува? Параметри на стапки при вработување? Успешност согласно висината на платата или висината на бројот на катот на канцеларијата? На крајот на краиштата, дали е навистина важно што те експлоатираат и третираат како заменлив работен автомат, без разлика дали директорот е Словенец, Германец или Македонец? О да, заборавив, првите двајца или првите две (бидејќи сега со подемот на либералниот феминизам сѐ повеќе жени-директорки несебично ги преземаат улогите на камшикувачи) ни даваат редовна и поголема плата. Шегите на страна, несомнено рецепт за успешен и весел живот.
Со други зборови, што повеќето веб портали кои интервјуираат македонски студенти во Словенија, вклучително и самите студенти, имаат на ум кога некритички делат мислења за нивниот студиски процес во Словенија? Пред сѐ, студентите масовно запишуваат факултети кои нудат „брзи“ и „сигурни“ адаптации со пазарните трендови кои наводно нудат лесно вработување и висока плата во модните индустрии (истото важи и за факултетските програми во Македонија).
Очигледно, од бројните досега направени интервјуа достапни на различни веб портали, можам да разберам дека мотивот за студии во странство е европска диплома која може да те вработи речиси каде сакаш (небаре во Европа преовладува клима на мед и млеко) и како нуспроизвод на дипломата социјален статус што го надминува едноличниот и конзервативниот статус добиен од раѓање во темниот вилает каде владее духот на паланката. Втората (нај)важна предност ја вклучува можноста за работа за време на студии која e патем посредувана од легални криминални органи таканаречни студентски сервиси кои, покрај капиталистичките сопственици кои ангажираат екстремно евтина и послушна студентска работна сила преку еден од сервисите, дополнително ги понижува студентите ограбувајќи ги од вишокот што го создаваат. Имено, 15% од вкупната заработка при месечна исплата по автоматизам се одзема како придонес за државното пензиско и инвалидско осигурување (од кој странските студенти немаат ама баш никаква корист), а за одземањето на аконтација на данок на доход при исплата поголема од 400 € бруто нема ни трага ни глас. Бидејќи студентската работа е далеку од доволна па макар и за парцијално самоиздржување на студентите (а камоли паралелно беспрекорно следење на академска настава и надоградување покрај задолжителните факултетски „домашни задачи“), многумина од интервјуираните студенти се повикуваат на субвенционираните оброци небаре се подарок од Дедо Мраз. Исто така, многу од интервјуата содржат невистини, бидејќи е сосема логично дека еден млад човек или не сака или не се осмелува да ја критикува во која било форма неговата или нејзината „ветена земја“. Или грешам? Исто така, каква корист би имал медиумот платен да ја промовира Словенија од објавување дури и најблаги критики?
Ова не го пишувам од далечина. Јас сум долгогодишен студент во Љубљана со одличен просек. Но тоа не е важно овде. Она што е важно е ангажманот во студентски активности (и тука не мислам на раскошни забави финансирани и организирани од една те иста клика на тврдокорни Словенци кои менаџираат со мали факултетски но и универзитетски студентски организации каде што цвета сексизам, мизогинија, и либерален шовинизам) во форма на протести, самоорганизирани политички студентски акции, борба за подобри услови и зачувување на веќепосточеките придобивки, како што се на пример субвенционираните оброци, студентските домови (достапни првенствено за словенечки студенти), кои веќе подолго време се под сериозни напади на политичката класа, лева и десна. За деталите на општата станбена криза која буквално ги цица како правосмукалка џебовите на родителите на странските студенти и нема да должам многу, бидејќи во моментов тоа претставува сеопфатен глобален феномен со енормни политички импликации кои го надминуваат студентското прашање.
Со повеќегодишно искуство во студентска организација која е дел од пошироката мрежа на организации кои формираат мала фракција на политички свесни студенти, во ниту еден момент не наидов на драг сонародник/чка (со еден единствен исклучок) заинтересиран/а за процесите кои директно и егзистенцијално ги засегаат студентите, а особено странските студенти ако се земе предвид неславниот и тивко донесениот закон од 2021 кој успеа дополнително да ги отежни условите за добивање студентска виза со барање 6-месечна континуирана активност на банкарска сметка која во моментот на аплицирање треба да изброи најмалку 5000 € како активни средства за користење. Истовремено, фактот дека Љубљана во последните неколку години сериозно ја фаќа тенденцијата да се развие во зелено-капиталистички tech-hub во стилот на Амстердам, паралелно зголемувајќи ги (основните) трошоци за живот до степен до кој постари локални жители се истиснати од градот и јавниот живот воопшто. Не е ни чудо што во консеквентна ситуација на подем на реакционерните фашистички сили голем дел од политички несвесните странци (вклучувајќи ги и студентите) остануваат затечени и во неверување. Со оглед на ова, какво е тоа фантазмичко „бесплатно студирање“ кое го промовираат различни консултантски и услужни агенции во земјава, притоа профитирајќи на деструктивните последици на овој немилосрден систем кој сѐ подлабоко пенетрира и во најситните пори на темелите на општествениот живот – јавното образование?

Оттука, ако се спречат компаративните предности што словенечкиот образовен систем и словенечкото општество како целина треба да им ги понудат на странските студенти паралелно со продлабочувањето на повеќеслојната капиталистичка криза која вклучува криза со храна, енергетска криза, транспортна криза, вработувачка криза, финансиска криза, и уште посеопфатната политичко-институционална криза што во моментов сигнализира нова епизода на тотална војна, како тогаш драги колеги и колешки сонародници и сонароднички изгледа (или треба да изгледа) борбата за подобро општество, независно дали станува збор за словенечко, македонско, или некое си друго „ветено“ општество? Всушност, сѐ поочигледно е нерефлектираното прифаќање на „судбината“ на класната привилегија што ни овозможи (бидејќи и јас припаѓам на таа група) привремено да емигрираме од овој пустош со визија за трајно бришење на оваа паланка од нашата индивидуална (и евентуално колективна) меморија. Впрочем, не сите македонски студенти во Љубљана ја уживаат истата класна привилегија за време на нивните студии во Словенија. Класните разлики, а не етносот или националноста, се тие кои најчесто одредуваат кој со кого се дружи, па така обидите за конгрегирање на македонските студенти во неодамна создадената организација која проповеда да делува како социјален центар под мотото „дома не е место, туку чувство“, што воедно ја потврдува тенденцијата за трајно бришење на сѐ помрачните корени. Исто така, само културно и социјално интроверти или луѓе со расистички, сексистички и шовинистички светогледи остануваат во друштво со етничките Македонци за целото времетраење на нивните студии. Со оглед на тоа, бадијала знамиња и чукање во гради меѓу студентите и пошироката македонска јавност во светло на моментите на саморепрезентација и национална самоидентификација која очигледно не може да понуди ништо повеќе од ракија и ајвар? Да бидат работите уште помрачни, токму таа средновековна гордост поради нашиот „релативно супериорен“ ајвар, ракија, сирење и општа гостољубивост ќе добие (за многумина) сурова пресуда од дијалектиката на историјата, особено кога станува збор за нашиот „талент“ и „успех“ лесно достапни за нашите идни капиталистички газди. Токму во моментот на влегување во капиталистичката продуктивна машинерија и капиталистичката духовна орбита олицетворена преку консумеристичкиот начин на живот, ќе ги искористиме придобивките од европската диплома во една од „ветените земји“, која секако не е Македонија.

Сума сумарум, дали навистина новинарите, политичарите и пошироката јавност кои очигледно немаат проблем да живеат во дисфункционална земја додека хистерично слават некои номинални победи кога „бистрите деца со македонски корени“ добиваат некоја академска или спортска награда на меѓународен натпревар спонзориран од капиталистичка корпорација која нема други цели освен да поттикне уште поголем индивидуалистички антагонизам, завист, хиерархии меѓу натпреварувачите кои исто така умираат од желбата да се приклучат на силите на некој професионален спортски клуб или научна лабораторија, чии пак научни резултати несомнено ќе завршат инструментализирани во конструкција на различни догматиски теории на заговор кои евидентно во последните некоклу години сѐ повеќе ги организираат и дисциплинираат мислите и делувањето на длабоко разорената работничка класа на оваа земја, иако мислам дека идентификацијата како работничка класа повеќе (или веќе одамна) не му одговара на паланачкиот дух на овој темен вилает. Ништо лично за моите драги колеги и колешки, идни студенти и идни вработени. Многу добро знам дека патот после Табановце е трнлив, особено на првата царинска проверка. И покрај сѐ, со останатите делиме единствена и заедничка борба за самоактуелизација како похумани битија надвор од нашата паланка, но имајте го ова како потсетник дека ниту една капиталистичка земја не може да биде вашата ветена земја. До министерот и до останатиот дел од нашата домашна политичка елита, не се надевајте премногу на нас кои веќе заминавме, ние го направивме нашиот избор уште пред да заминеме. Вашите рајски ветувања немаат никаква важност веќе долго време.
Adijo!
Текстот го напиша: Дени Дагалев