Владимир Четкар: Во последниве две децении некако мејнстримот се труди да изгледа андерграунд и го промовира тој имиџ, меѓутоа очигледно е дека не е така

Објавено на 5 октомври 2021 od Il Grido del Popolo©

 

Владимир Василевски – Четкар е македонски музички уметник, композитор, аранжер, продуцент, гитарист и вокален интерпретатор на џез, фанк, соул и диско музика. Со еден збор, мултиталентиран светски познат изведувач со седиште во Њујорк. Има издадено три студиски албуми, We Will Never End (2008), Heavenly (2014) и Going Home (2019), а свои настапи бележи на реномирани светски џез фестивали од САД преку Европа, па се до далечниот Исток каде ужива култен статус кај тамошната публика. Меѓу другото работи и со познати светски имиња како што е францускиот музички продуцент со грчко потекло Димитриос Јерасимос, по познат како Димитри од Париз. Но, не изостануваат и позитивните критики и пофалби од музичките великани како Леон Варе кој во својата долга кариера соработуваше со имиња како легендарните Квинси Џонс, Марвин Геј и Мајкл Џексон. 

 

На сам почеток од ова интервју би те запрашал околу влијанието на две големи имиња врз твоето музичко оформување. Музиката на Херби Хенкок и Џорџ Бенсон во многу што влијаеше на она што подоцна ке стане твој препознатлив стил. Како денес од твоја перспектива гледаш на тоа? 

 

Херби Хенкок е еден од најкреативните и највлијателните музичари во Џез музиката после Би Боп ерата а како дел од бендот на Мајлс Дејвис тој ја редефинираше улогата и значењето на ритам секцијата. Како тинејџер го слушав секојдневно и посебно го обожував неговото експериментирање во 70 -тите години со Фанк и Фјужн правците. Џорџ Бенсон сепак е оној кој имаше пресудно влијание во мојот живот како музичар  не само поради фактот што тој е еден од најгенијалните џез гитаристи во светот туку и поради својот сестран талент со кој постојано ги освојуваше срцата на публиката и често беше на врвот на светските меинстрим топ листи со што постојано ги фрустрираше сите оние музички критичари кои сакаа да го дефинираат единствено како џез музичар. Бенсон беше еден од пионерите кој докажа дека границите помеѓу музичките стилови не само што можат да се скокаат туку ако тоа се направи успешно тогаш резултатот може да биде еден вистински обединувачки фактор.

 

Реномираните светски џез, соул и фанк музички магазини неретко излегуваат со феноменални рецензии за секој твој снимен материјал, без исклучок коментирајќи го твоето творештво како своевидна магија. Како се носиш со ваквите констатации на реномираните музички магазини? 

 

Секој позитивна критика е огромна мотивација за мене но и задоволство бидејќи моето музичкото патешествие започна со големи предизвици и ризици но и поради тоа што во музиката секогаш сум ја следел сопствената интуиција и никогаш не сум правел компромис за финалниот продукт и мојата визија за него.

 

Си соработувал до сега со многу истакнати музички изведувачи, но и познати продуцентски имиња, аранжери и композитори. Како е да се биде во друштво на големи имиња од џез, соул, фанк и диско музичката сцена низ светот? 

 

Да се застане на сцената или да се работи во студио со сопствените музички идоли е нешто што му го посакувам на секој искрен музички уметник. Ваквиот момент во кариерата значи повеќе од било каква позитивна критика но и од било која едукација бидејќи единствено тогаш учиш од самиот извор на инспирацијата и истовремено зрееш музички и ментално.

 

Листата на твои настапи на некои од најпрестижните места и фестивали во САД и Европа е голема. Доволно е да се споменат само некои од нив како Blue Note, Blues Alley, Catalina Jazz, Iridium, или пак престижниот Sziget Festival во Будимпешта. Какво е чуството да се настапува на вакви култни места? 

 

Пласманот во програмата на овие музички фестивали и клубови кој ги спомнавте е успех сам по себе. Огромен број на музичари неможат ниту да претпостават колку е тешко да се добие термин за настап на овие места а доколку музичарот пак е независен и се промовира со своја авторска програма понекогаш тоа може да изгледа и како невозможна мисија. Ако нешто научив досега е дека доколку вистински веруваш во својата музика и квалитет  секогаш ќе најдеш начин и можност за остварување на целите но треба да си упорен и неверојатно издржлив.

 

Покрај веќе споменатите континенти од северната хемисфера, бележиш уште и значајни гостувања на далечниот исток, на Азискиот континент. Листата е поприлично долга, па би издвоил само неколку од нив како Jarasum International Jazz Festival во Јужна Кореја, Beishan Music Jazz Festival во НР Кина, Hong Kong International Jazz Festival, Hua Hin Jazz Festival во Тајланд, Penang Island Jazz Festival во Малезија и Jakarta International Java Jazz Festival во Индонезија. Како овие источни култури гледаат денес на нешто што по традиција доаѓа од западниот музички свет, особено на музика која има културна димензија наместо комерцијална вредност како продукт на консумеризмот? Какво е искуството со тамошната публика? 

 

Кога ќе застанеш на сцената на џез фестивалите во далечниот исток и кога ќе ги им ги чепнеш срцата со својата авторска музика е искуство еднакво на благослов. Во тие бесценети моменти во најчиста форма ја сфаќаш моќта на музиката, успехот на сопствениот музички продукт и универзалниот карактер на човекот.

 

Си соработувал и соработуваш со многу истакнати музички куќи како британската Expansion Records или јапонската P-Vine Records. Кој е предусловот да се биде ексклузивец на вакви куќи, се разбира покрај неизмерниот квалитет со кој ти располагаш? 

 

Во мојот случај предуслови постојат и кај музичките куќи но и кај мене бидејќи ми се случило да одбијам  понуда на големи музички куќи поради Non Artist Friendly договори кој ми биле понудени. За мене покрај другите работи најбитно е да си ги задржам авторските права на мојата музика а куќите да добијат ексклузивитет во лиценцирањето на мојата музика во регионите каде што се наоѓаат за никој да не се чувствува искористен. Високиот квалитет е предуслов за соработката да започне меѓутоа потребни се мудри одлуки а не соработка по секоја цена.

 

Меѓународната критика за она што го работи Четкар стигна дури до имиња како Џорџ Бенсон, или сега веќе покојниот Леон Варе кој во својата долга кариера соработуваше со имиња како легендарните Квинси Џонс, Марвин Геј и Мајкл Џексон, или пак почитуваниот француски музички продуцент со грчко потекло Димитриос Јерасимос, по познат како Димитри од Париз. Колку ти значи на професионален план ваквиот пројавен интерес за тебе од страна на овие големи музички имиња? 

 

Секако дека значи многу кога твојата работа добива поддршка од луѓето кои најмногу влијаеле музички врз тебе. Се уште паметам како се почуствував кога пиејќи кафе со Димитри Фром Париз во Вест Вилиџ, Њујорк тој ме запраша дали ќе се согласам да направи ремикс од мојата песна Heavenly. Во тој момент си помислив колку ли самој денови сум поминал уживајќи во неговите легендарни продукции и изданиа како A night at the playboy mansion и ремиксите на Шик, Џамирокуаи, Систер Слеџ и т.н  и еве доживеав тој да посака да прави ремикс од мојата музика. Волшебно чувство!

 

До сега издаде три студиски албуми, We Will Never End (2008), Heavenly (2014) и Going Home (2019) кои беа прифатени одлично од публиката, а чии нумери се вртеа по светските радио џез станици. Дали веќе размислуваш за свој четврт албум и кога можеме најрано да очекуваме твое влегување во студио? 

 

Пополека работам на новите материјали кои се надевам ќе почнам да ги снимам во текот на 2022 година. Имам некој одлични концепти, мелодиско-хармонски структури и аранжмански идеи кои  доаѓаат директно од мојата душа. Некако на сите нас актуелната пандемија ни ги поремети професионалните и приватните планови но се надевам дека за брзо ќе се стабилизира ситуацијата доволно за да можеме да продолжиме непречено со работата.

 

Важиш за мултиталентиран перформерс чиј главен инструмент е џез гитарата. Колку денес џез, соул и фанк сцената, поготово онаа квалитетната во САД, е по селективна во однос на онаа од преминот од минатиот век и сегашниот, и каков е односот на публиката денес за разлика од тогаш?

 

Глобално овој музички коктел на џез, соул и фанк од мејнстрим позициите кои ги имаше во 70-тите и 80-тите години полека почна да станува андерграунд музика која најмногу се слуша преку специјализирани радио станици и изведува во живо претежно по џез фестивали и клубови. Исто така овој стил е една од главните состојки која мал милион Ди Џеј продуценти веќе две децении активно ја користат во своите изданиа и со тоа индиректно го промовираат овај звук кај пошироката публика. Со погоре кажаното денес публиката за овој стил се претежно луѓе кои точно знаат што сакаат музички и не се заведени од површното медиумско наметнување на се она што е актуелно во моментот односно она што е диктирано од некаков бизнис модел наспроти квалитетот и самата љубов кон музичката уметност. Морам да напоменам дека денес јапонскиот музички пазар е единствениот исклучок каде што соул, џез, фанк и диско музиката се блиску до мејнстримот и им се дава значение и медиумска присутност скоро како на поп музиката. 

 

Како во првата деценија, така и во втората деценија од 21 век се забележуваше еден феномен, каде многу бендови заработуваа милиони во музичката мејнстрим индустрија додека себе се претставуваа како алтернативни. Да не говорам за отсуството на критички музички активизам при општествените движења. Колку џезот, соулот и фанкот денес успеаја да останат во својата културна рамка која обликуваше друг вид на публика, која во САД пред се имаше култен статус во времето на големите движења за граѓански права (кога џез активизмот не беше привилегија, туку должност, по примерот на Нина Симон и нејзината антологиска Mississippi Goddam како реакција на убиството на четири афроамерикански девојчиња во бомбашкиот напад на црква во Бирмингам, Алабама) или полека но сигурно пловат во мејнстрим водите? 

 

Токму така, во последниве две децении некако мејнстримот се труди да изгледа андерграунд и го промовира тој имиџ меѓутоа очигледно е дека не е така. Тоа е добар маркетиншки трик во ова време каде што е модерно да навиваш за аутсајдерот (underdog) односно за оној кој што навидум ги нема карактеристиките на победник. Феноменот на реалните емисии и шоуа е во тоа што истите промовираат лажна реалност која е вистинита само во главите на гледачите и тоа само додека трае емисијата. Овај бизнис концепт на правење брза заработка заведувајќи ја публиката со површниот гламур на “музичките ѕвезди” го скока целиот макотрпен процес кој треба да се помине за да се стане вистински музички уметник и со тоа го уништуваат највредното во музиката. Сето ова допринесува да музичките уметници и музички куќи кои се занимаваат со џез, соул, фанк и други креативни музички жанрови и кои сеуште размислуваат самостојно и креативно и кој се способни за вистински активизам да имаат влијание само во својот круг на публика.

 

Незаобиколно прашање е и она околу културната деградација при падот на системот на вредности, горлива тема особено на овие простори, каде младите генерации во недостаток на музичка култура се повеќе консумираат тежок шунд кој дури нема ниту комерцијална вредност. Кој е според тебе рецептот за градење на културно-музичко едуцирана младина која знае да цени вистински вредности? 

 

Рецепти има многу но доколку нема кој да ги спроведе тие се бескорисни. Денес медиумите кој најмногу допираат до широките маси треба сериозно да се посветат за создавање квалитетни културно уметнички програми и содржини со кој ќе ги оплеменуваат луѓето а не да бидат водени единствено од бројките на гледаност и да сервираат се и сешто. Исто како што лошата исхрана и навики му наштетуваат на физичкото здравје на луѓето така и конзумирањето на лоша музика и лоша уметност им наштетуваат на нивниот дух и интелект. Домашното воспитување исто така има клучна одговорност и родителите треба исклучително да внимаваат врз што ќе ги изложуваат нивните деца. Потребни се сериозни напори од врвот на државата па се до семејството како основа на секое општество за да се заузда овај тренд на шунд и површност и да се изгради нов систем на вредности. Единствено така имаме шанса да вратиме на правиот пат по кој треба да чекори цивилизираниот човек.

 

И за крај на ова интервју, ако може нешто да откриеш за читателите околу твоите планови за во блиска иднина, додека сеуште трае, или пак по завршувањето на ова лудило предизвикано од глобалната пандемија. Можеби некоја голема турнија, или?

 

Само што завршив со турнеја во САД која се одржа после година дена одлагање токму поради актуелната ситуација во светот. Доколку даде господ на зима ме очекуваaт уште две интернационални турнеи и потоа планирам да почнам полека со снимање на новиот студиски материјал.

 

 

 

Интервјуто го припреми и направи Гордан Стошевиќ