Објавено на 19 април 2021 од Il Grido del Popolo©
Со неверување и разочарување ја примија денес веста за формирање на Суперлига во фудбал од страна на најбогатите 12 европски фудбалски клубови фановите на овој спорт. Социјалните мрежи се вжештија од коментари и спротивставени ставови на љубителите на фудбалот, или најважната споредна работа на светот како го нарекуваат многумина, со забелешка дека овој проект ќе значел крај на ерата на фудбалот каков го познаваме. Коментарите и на познавачите и на оние кои доволно не се упатени во професионалниот спорт се дека, иронично е тоа што сето ова се случува во време на пандемиска криза кога спортот како и останатите општествени случувања е надвор од својот ритам.
Напротив, сега е вистинско време да се дефинираат работите кои се ставаат под тепих веќе 30 години. Неспорен факт е дека после распадот на социјалистичкиот блок од чии што држави барем колку толку доаѓаа фудбалски колективи создадени од доминантен државен капитал, позади кои исклучиво стоеше градска управа и општествен интерес, по примерот на гигантите Црвена Звезда и Стеауа, оние од запад (претежно) беа под управа на доминантен приватен капитал. Успесите на Стеауа од 1986 и Црвена Звезда од 1991 година како единствени две екипи кои станале европски шампион, се показател за влијанието на капиталот во спортот во однос на она што се нарекува општествен интерес. Дотолку што вредноста на успехот на овие екипи е над онаа на останатите баш поради овој факт.
Но времињата се променија во еден дел од „играта“. И покрај тоа што многумина денес во своите срцепарателни анализи и коментари побрзаа да го вметнат социјалниот карактер на оваа тимска игра. Демек фудбалот бил измислен од сиромашните и наменет за сиромашните. Не дами и господа, фудбалот каков што го познаваме беше измислен од богатите како би им пружиле утеха, или духовна катарза на сиромашните, одвраќајќи им го вниманието од потребата за важните општествени промени.
Она што на работничката класа и беше доволно, тоа беа фабриките и стадионите. Бидејќи после напорното 40, 50 или 60 часовно неделно работно време телото на работникот имаше потреба од одмор и разонода во деновите од викендот. После индустриската револуција и двете светски војни кои однесоа десетици милиони животи, на просечниот европски работник му беше потребен долготраен мир, економско консолидирање и психичко заздравување. Бубамарата беше како измислена за амортизирање на секаков вид на револт помеѓу масите опиени од помислата дека оваа игра е дар од боговите наменета за експлоатираните, обесправените и угнетените во годините на посвоена Европа. Но богатите за секој случај поради стравот од евентуални социјални немири делуваа превентивно. Пресуден момент се чини беше појавата на телевизијата која беше во сервис на индустријата за забава.
За таа цел на 15 јуни 1954 година беше формирано извршно тело задолжено само за фудбал, со седиште во Нион, Швајцарија, земјата која во најголем дел се грижеше за безбедноста на светскиот капитал и која излезе недопрена од лудилото на војната. Фудбалската елита нема многу да чека, па на поклониците на овој спорт во Европа веќе во наредната година, или поточно од сезоната 1955/56 ќе го организира првото клубско натпреварување на стариот континент, а подоцна во 1960 година и првиот континентален собир на националните селекции на земјите од Европа. Како одминуваше времето, така во годините кои доаѓаа, една не така важна игра до тогаш, одеднаш ќе прерасне во најважна споредна работа на светот. И токму кога сите мислеа дека таа ќе стане привилегија само за богатите, кои по многу параметри беа дел од западниот капиталистички свет, неочекувано стигна демант од истокот уште на првиот континентален шампионат во Франција во 1960 година. На првите три места за највисоките одличја се искачија СССР, СФРЈ и ЧССР. Ништо поразлично не беше ниту на првенствата во 1964, ’68, ’72, ’76, ’80 и ’88 година, кога барем еден тим на земја од источниот блок беше на едно од трите места на пиедесталот, од кои последен Советскиот Сојуз.
На клубски план пак мораше да се чека до сезоната 1985/86 за да го добиеме првиот европски шампион кој доаѓа од земја на социјалистичкиот блок, олицетворен во екипата на Стеауа од Романија. Подоцна и Црвена Звезда од Југославија во сезоната 1990/91 ќе го освои истиот пехар, успех како и во случајот со Стеауа извојуван исклучиво со домашни сопствени капацитети, успех што за многумина имаше уште поголема тежина, посебно и поради фактот што тоа беше екипа која доаѓаше од држава во која во времето на освојување на титулата беснееше граѓанска војна која доведе до распад на истата. А после ова?
После ова следеше нова ера во европскиот фудбал. Нешто што можеше да се намириса уште за време на Светското првенство во Италија во 1990 година кога обединета Германија го освои светскиот куп. Но и после ребрендирањето на англиската фудбалска лига по петгодишната суспензија од Британската влада во нова Премиер лига со нови дефинирани правила помеѓу кои и сопственичката политика. Помалку симболично ќе биде и преименувањето на најсилното клубско натпреварување во фудбалска Европа, од Куп на европски шампиони во УЕФА Лига на шампиони од сезоната 1992/93 со потполно менување на форматот како и Купот на УЕФА од 1971 година кој во 2009 година кога ќе прерасне во УЕФА Лига на Европа. Во меѓувреме во 1999 година ќе биде административно укинат Купот на победниците на куповите, воспоставен во 1960 година како натпреварување за победниците од националните купови на земјите од Европа.
Овој нов облик кој го добија европските клубски натпреварувања со себе повлече и многу спонзори, купопродажни договори за телевизиски права за пренос на натпреварите, и се разбира поголем интерес за вложување во самите клубови, што отвори можност за крупниот капитал на голема врата да влезе во индустријата за спорт и забава. Тоа е нормален историски материјализам чија дијалектика на навивачка страст беше поразена од логиката на капиталот. Ова беше можност за меѓународните инвеститори да инвестираат во сигурна иднина, купувајќи трговски брендови преку кои ќе ја капитализираат својата добивка многу лесно. Неслучајно фудбалските трансфери кон крајот на ’90-те почнуваат да достигнуваат и над 50, 60, 70 милиони евра на пазарот, што во повеќето случаи беа загарантирана инвестиција.
Сетете се само на феноменот Дејвид Бекам чиј дрес на Реал Мадрид со бројот 23 се продаваше како алва. Затоа, се лажат сите оние кои мислат длабоко во себе дека спортот е витештво. Напротив, тој веќе од одамна не е тоа, а во него победуваат само оние кои вложуваат најмногу пари. Денес е веќе незамислива сликата на фудбалери ентузијасти кои се валкаат по кал, наместо тоа гледаме скапо платени медиумски звезди со исклучително конформистичка филозофија за животот. Впрочем како и во се останато каде што се остварува екстра профит. Тоа е логиката на капиталот и ништо друго! Се додека тој го гледа својот интерес кој го остварува преку купопродажба, или нудење на услуга која потоа ќе биде платена во име на професионален ангажман, се до тогаш спортот ќе биде само бизнис, а не витештво. Бидејќи во индустријата на забава нема место за аматеризам, туку исклучиво во предвид доаѓа професионализмот, и се разбира науката, над која исто така монопол има капиталот. Што не е до овде јасно?
Ако се сеќавате на кошарката, и таму се случија вакви драстични промени, и како по обичај „чудото“ траеше три дена. Имено, до сезоната 1990/91 најквалитетното клубско натпреварување под закрила на куќата на кошарката ФИБА – Европа се викаше Куп на шампиони, за да веќе од наредната сезона добие ново име Европска лига. И така само до сезоната 1996/97 кога повторно е преименувано, овојпат во ФИБА Евролига, да би во сезоната 2000/01 носело име на спонзор на лигата наречена ФИБА Супролига. Сезона во која е забележан досега најголемиот преседан во историјата на кошарката. Година во која паралелно се одржуваат два финални натпревари паралелно организирани од ФИБА и УЛЕБ здружението на најбогати клубови формирано во 1991 година во Барселона. Така во сезоната 2000/01 официјално ќе има два шампиона на Европа, Макаби Тел Авив под капата на ФИБА, и Виртуз Болоња под патронат на УЛЕБ. Веќе од наредната сезона 2001/02 УЛЕБ лигата станува реалност и во неа се натпреваруваат најбогатите кошаркарски клубови во Европа. Натпреварувањето покрај измените во системот на натпревари и бројот на учесници кој сега изнесува 16, ја добива и битката со ФИБА околу тоа кој ќе биде носител на правата на најсилното кошаркарско натпреварување во Европа, тенденција за потполна професионализација на овој спорт по урнекот на американската НБА.
Затоа не се возбудувајте толку многу околу фудбалот, бидејќи капиталот е оној кој ги регулира сите општествени токови, па и спортот. Прашање на време е само кога овој привилегиран клуб на најбогатите во фудбалот ќе стане реалност. А верувајте многу набрзо. Во прилог на ова сведочи и информацијата која денес ја пренесе италијанскиот Tuttosport, вест која претходно ја потврди и AFP, дека американскиот мултинационален инвестициски гигант GP Morgan службено потврдил дека ќе го финансира овој мега проект позади кој стојат Флорентино Перез и Андреа Ањели. Со тоа една од најмоќните кредитни институции во светот би осигурала 3,5 милијарди евра кои би припаднале на основачките 15 клубови, од кои веќе 12 се познати, додека останатите три сеуште се доцнат со официјални соопштенија. Тоа се пари кои нема да се трошат за трансфери, туку за вложување во инфраструктура и враќање на кондицијата на клубовите погодени од економската криза како последица на пандемијата. Но она што е најважно, е тоа дека заканите кои доаѓаат од европската куќа на фудбалот УЕФА, како и на светската ФИФА, за санкции против овие фудбалски гиганти, се неосновани и без никаков кредибилитет, не по сите оние финансиски малверзации и скандали во редовите на бирократскиот апарат во Нион и Цирих.
За ова веќе се огласија многу експерти по право за спортски натпревари, помеѓу кои и Марк Орт од MEOlaw со седиште во Минхен, кој тврди дека во било кој судски спор покренат од страна на овие две фудбалски организации против основачите на новата Суперлига, како победници ќе излезат овие вторите врз основа на Законот за конкуренција и веќе утврдените преседани од претходните слични случаи, нарекувајќи ги обвиненијата на ФИФА и УЕФА „шупливи“. Впрочем зошто некој би се одлучил на еден ваков крупен чекор ако не е сигурен во она што го работи, како и за последиците од сето тоа. Сепак на повидок е европски спортски спектакл кој во светот на капиталот слободно може да конкурира на на оној од САД, финалето од американскиот фудбал Super Bowl, каде 30 секунди рекламен простор чинат неколку милиони долари. А до тогаш народе?
Panem et circenses!
Автор на текстот Гордан Стошевиќ