Бојан Велевски: Мојот цинизам е присутен речиси во секој мој статус кој е поврзан со секојдневието во кое преживуваме

Објавено на 14 октомври 2021 од Il Grido del Popolo©

 

Бојан Велевски е професионален актер, дипломирал на ФДУ , а освен неколку улоги во македонски филмови, глумел и покрај Мики Манојловиќ, Никола Кољо, Никола Ристановски…

Во октомври, 2012-та стана првиот македонски комичар кој застанал пред хрватската публика и тоа во најреномираниот станд ап клуб од бившите ЈУ простори, “Студио Смјиеха”, кој постои повеќе од 8 години и каде редовно настапуваат светки станд ап ѕвезди како Стив Хјуз, Чикен Џо, Еди Изард и многу други.

 

На сам почеток од ова интервју би те запрашал како се снаоѓаш во услови на пандемија, која скоро две години го нарушува нормалното живеење и секојдневното функционирање, како на приватен, така и на професионален план?

 

Веќе се навикнав на ова некое “ново нормално”. Дома со Каролина и Војдан си функционираме веќе како и да немало промена во начинот на живеење. Професионално, короната не ми смени многу во плановите. Во 2020-та секако немав во план настапи, туку засилено присуство на социјалните медиуми, бидејќи во 17-та, 18-та и 19-та година сработив 182 комерцијални настапи и преку 50 корпоративни настани. Јас не живеам од стенд ап-от, па така пандемијата не ме погоди така силно како што ги погоди колегите слободни уметници.

 

Дали стендапот има доволно простор на македонската културна сцена, и каков е интересот за стенд-ап комедија кај македонската публика, имајќи го во предвид фактот дека сме народ кој важи за еден од најнесреќните во Европа?

 

На културната сцена мораме ние самите да се избориме за да не` има. Тоа најмногу од нас комичарите зависи. Во однос на публиката, можам да кажам дека интересот беше голем и пред пандемијата, а откако конечно еден ден ќе паднат мерките и ќе имаме можност да настапуваме во сали со 100 отсто капацитет, тврдам дека интересот ќе биде огромен.

 

Дали македонската стенд-ап сцена може успешно да се носи со останатите стенд-ап сцени на Балканот, и каква е воопшто соработката помеѓу вас уметниците од овие простори кога се во прашање настапите и гостувањата?

 

Македонската сцена како сцена не може да се носи со Балканот или екс ЈУ сцената. Премногу сме мали. Но, одговорно тврдам дека овде меѓу нас колегите во Македонија има квалитет за топ 10 комичари на Балканот. За жал, овде ни се претставуваат како ѕвезди полуизградени комичари или тотални анонимуси за своите земји, само затоа што се Срби, Хрвати или Босанци, а за сметка на тоа организаторите на разни настани или фестивали знаат честопати нас домашните да не` “скокнат”. Мене ми се случило тоа неколку пати, па јас од инает (хахах), веднаш да закажам датум после таков случај и да распродадам една или две сали во иста вечер, па се чудат после од каде толку публика на домашен играч.

Морам да напоменам дека не е секогаш ова претходново случај и дел од ЕКС ЈУ колегите кои и јас лично сум ги носел во Македонија се имиња и презимиња на Балканот и заслужено се таму каде што се.

 

Големиот мајстор мајстор на стенд-ап комедијата Лени Брус своевремено ќе речеше: “им го одземеш ли правото на луѓето да кажат – ебеш (fuck) си им го одземал и правото да кажат – еби ја владата”. Денес ваквиот јавен настап станува вербален деликт, и само оние кои имаат политички имунитет се изземени од тоа. Се стремат ли политичарите да бидат во најмала рака лоши стенд-ап комичари?

 

Овие пет години кои се зад нас, не сме имале посмешни политичари. Кратко и јасно!

 

Помалку парадоксално, но, “Седумте зборови кои никогаш не можете да ги изговорите на телевизија” беа табу зборовите кои Лени Брус го одведоа во затвор, за разлика од Џорџ Карлин, кому му помогнаа да стане ѕвезда. Колку слободата на изразување денес во стенд-ап настапите е загарантирано право на поединецот?

 

Ако е прашањето во правец на политика или критика на поедини политичари, ќе ти кажам дека јас и едвај да ги спомнувам во моите настапи. Јас секако си го кажувам тоа што го мислам. Отвори го мојот фан пејџ на фејсбук и точно ќе видиш што мислам.

 

Џорџ Карлин своевремено изјави дека “внатре во секоја цинична личност постои разочаран идеалист”. Колку е денес релевантна оваа негова изјава, во свет во кој безмалку не постојат идеали, не барем оние во духот на капитализмот?

 

Карлин речиси и да нема утка во своите филозовски настапи. Оваа реченица живее повеќе од кога било во Македонија. Мојот цинизам е присутен речиси во секој мој статус кој е поврзан со секојдневието во кое преживуваме. Да… преживуваме! Да живеевме немаше да го правиме овој муабет.

 

Во ’60-те, ’70-те и ’80-те години од минатиот век, радиото и телевизијата беа двете популарни платформи за промоција на стенд-ап стрипот. Денес кога кабловската телевизија полека, но сигурно заминува во историјата, интернетот самоуверено го превзема приматот на платформа која нуди сигурен агол за стенд-апот во рингот на индустријата за забава. Дали сајбер просторот е доволен за интеракција помеѓу вас стенд-ап настапувачите и вашата публика?

 

Короната повлече со себе да бараме алтернативни решенија за да бидеме заедно со публиката и кога не можеме да се видиме тет-а-тет. Јас бев првиот комичар на Балканот кој во јули 2020-та го направив првиот онлајн стенд-ап настан каде што настапував во живо, а публиката си купи карти. Потоа, во длабоката зима и раната пролет направивме уште неколку настапи за кои интересот беше неверојатен. Сајбер просторот ни овозможува алтернатива, но може да биде само субститут, а не вистинското нешто.

 

Од една страна ги имаме Боб Хоуп и Вуди Ален, на кои во прв план им беа интересите на индустријата за забава, но, од друга страна пак, ги имаме Лени Брус и Бил Хикс кои не се плашеа преку нивната контракултура фронтално да го нападнат сето она што претставуваше популарна мејнстрим култура. Критикувајќи ја просечноста, површноста и баналноста во медиумите, кои се оружје во рацете на владејачката класа со кое луѓето треба да се држат во апатија и потполно заглупавени. Но и лицемерието на ситната буржоазија и средната класа, логиката на консумеризмот и масовното трошење, како и моралистичкиот став спрема сексот и дрогата, и воспитувањето во духот на верата и институционално организираната религија. Колку денес на стенд-ап сцената може да се слушне отворен критички наратив, или сепак конформизмот е најсигурното прибежиште за стенд-ап комичарите? 

 

Уффф… далеку сме се` уште од тоа да навлегуваме во длабоки и тешки теми на настапите. Јас имав еден настап во 2014-та година во Универзална сала за скандалот со кардиналите кои злоставуваа дечиња. Длабок, интелигентен, силен, впечатлив и хумор кој боли. Но, нашата публика не беше подготвена да го прими тоа. Луѓето реагираа со срамежливи насмевки. Прво мислев дека текстот не е доволно добар и бев загрижен, но по настапот ми пријдоа многу, многу луѓе во наредните денови кои ми велеа “да настапеше со ова во Америка, сега ќе беше ѕвезда”. Така да, засега се држиме на теми кои знаеме дека се блиски до нашиот народ и така ќе остане уште некое време.

 

Стенд-ап комедијата како и останатите уметности во еден дел од историјата се покажа како моќно средство за критички осврт кон општеството, но и политиката. Таков е примерот со ’60-те години од минатиот век, кога имиња како Дик Грегори и Ричард Прајор храбро истапуваа против расната сегрегација во САД, со свој остар коментар преку јавните стенд-ап настапи. Колку денес вербалната комедија може да биде двигател на одредени позитивни промени во општеството?

 

Моите видеа на фејсбук се класичен доказ за тоа дека ако ја зборуваш вистината, луѓето неминовно ќе ја препознаат ситуацијата. Преку тој израз можеш да истакнеш нечија неспособност, лошо менаџирање, факти за поразителни резултати во области кои се важни за граѓанството. Тоа со тек на време ги носи промените. Полека, но сигурно. А, сега промени ни се потребни исто како што ни беа и во деведесетите, после болната транзиција.

 

За крај на ова интервју, која е твојата порака до читателите, но, и твоите фанови?

 

Минута молк за талентираните луѓе во оваа вукојебина!

 

 

 

Интервјуто го припреми и направи Гордан Стошевиќ