Бизарноста на американската изборна кампања и падот на претставничката демократија

Објавено на 13 ноември 2020 од Il Grido del Popolo©

 

Конечно, после неколкудневна медиумска експонираност заврши американското реално шоу за избор на претседател. Не баш налик на она од пред десетина години кога претприемачот Доналд Трамп го бараше својот најблизок соработник, но со доволно внимание за да влезе во аналите на медиумското известување. Генерално сите досегашни избори по завршувањето на студената војна предизвикуваат големо внимание во јавноста, како во САД, така и во останатиот свет. Но поради зголемениот опсег на информирање денес од страна на мас медиумите, изборот на 46-от претседател на САД исфрли во етер до сега рекорден број на информации поврзани со целата кампања. Електронските медиуми, во прв ред средствата за информирање и социјалните мрежи, фокусот го насочија на реториката на Доналд Трамп, препознатлива за него во 4-годишниот мандат, апострофирајќи ги неговите гафови, грешки и слабости за време на вршењето на функцијата.

Впечаток е дека оваа кампања беше придружена со многу лажни вести кои беа проследени на социјалните мрежи, но и отворено фаворизирање на кандидатот на демократите кое доаѓаше од редовите на либералниот политички естаблишмент, под чија контрола се највлијателните медиуми во САД. За разлика од изборите во 2016 година, кога постојано стигнуваа обвинувања од таборот на Хилари Клинтон упатени кон републиканците, за наводно директно руско влијание за самиот тек на изборите и конечниот епилог на изборниот процес (нешто што никогаш официјално не беше докажано и потврдено, сега засега сé уште нема такви тврдења кои доаѓаат од поразениот табор. Што не значи дека во понатамошното толкување на изборниот процес ќе биде исклучено, знаејќи ја природата на Трамповиот политички дискурс. Тој и дел од републиканците би се очекувало акцентот да го стават на американскиот непријател бр.1 во моментов, НР Кина, најконкурентната светска економија на САД во декадата која измина но и во иднина.

Но она што е за нас важно, како дел од Европа, е колку и дали воопшто после промената во Белата куќа ќе се промени генерално и политиката на САД кон Балканот. Тргнувајќи од фактот, дека сферата на интереси на сé уште доминантниот хегемон во светот произлегува од темелите на долгорочната политичко-економска стратегија на интересите на крупниот капитал, нереално би било да се очекуваат поголеми отстапки од досегашниот курс на надворешната политика на САД кон Европа и Балканот. Напротив, таквата политика е концентрирана на повеќе „жаришни точки“ кои се од круцијално значење за американскиот финансиски капитал кој не е ограничен само на САД, туку е глобален, интернационален и сеприсутен. Тука секако покрај Европа доаѓаат и односите со Русија и НР Кина, потоа прашањата поврзани со безбедноста на Блискиот Исток, каде од посебно значење за САД е помошта на нејзиниот најголем сојузник Израел, и секако односите во Азиско-пацифичкиот дел каде САД има свои сојузници кои се користат како истурен играч во односите со НР Кина.

Пред сé, овде мислам на традиционалните сојузници Австралија, Јапонија и Јужна Кореја, и во последната декада Виетнам и Филипините, како и долгогодишниот руски сојузник Индија, која полека преоѓа на американска страна во новото геостратешко позиционирање на силите во светот. Индија доаѓа како алтернатива за Пакистан, кој како и Турција се повеќе се дистанцира од Вашингтон откажувајќи послушност, барајќи ги своите интереси на друго место, во случајов НР Кина со која има потпишано повеќе билатерални договори вредни неколку стотина милијарди долари.

Затоа внимателно треба да се земат во обѕир сите политички проценки кога се во прашање овие избори, поради фактот од промената во односот помеѓу медиумите и социјалните мрежи како исклучиво приватна сопственост од една страна, и политиката која треба да биде државен интерес (или интерес на капиталот) од друга страна. Многу важна работа за константниот однос на капиталот и политичкиот естаблишмент кога се во прашање взаемните интереси. Овие избори потврдија дека во глобалниот информативен медиумски простор, главен збор имаат сопствениците и новинарите задолжени за уредувачката политика, кои се повеќе добиваат овластувања да бидат цензори на она што се лиферува како вест.

Посебно на удар ќе бидат социјалните мрежи како дистрибутери на вестите кои доаѓаат од различни извори, а кои не се совпаѓаат со оние на глобалните медиумски куќи под контрола на транснационалниот капитал. Во едни вакви околности многу информации во иднина ќе бидат филтрирани при самата дистрибуција на социјалните мрежи, многу лесно подложни на редактирање или во најлош случај цензура, како изговор дека се пласираат лажни вести со цел да се нанесе некому штета или пак се во служба на нечија пропаганда. Доволно е само ако ја погледнете реакцијата на 7-те најголеми медиумски куќи во САД, кога при обраќањето на Трамп до јавноста, каде говори за изборни малверзации од страна на демократите, кога нивните уредници новинари едногласно го исклучија, не дозволувајќи му да говори, притоа велејќи дека сега веќе бившиот претседател „безочно лаже“.

Но да се вратам повторно на евентуалните импликации од овие избори по иднината за државите од Балканот. Имено, деновиве сум сведок на безброј коментари во словенечките медиуми кои во вид на критика беа упатени кон премиерот Јанез Јанша, кој како и неговиот унгарски колега Виктор Орбан изрази безрезервна поддршка на актуелниот претседател Доналд Трамп. Сепак, и покрај ваквата поддршка од страна на Јанша кон Трамп, и воздржаноста потоа да му ја честита официјално победата на Бајден, тој истакна дека изборот на нов човек во Белата куќа со ништо нема да влијае во односите помеѓу Словенија и САД, особено не во изборот на стратешки партнер.

Истото би требало да важи и за останатите републики на екс Југославија, како и за земјите во поширок контекст на Балканот. Меѓутоа, она што е најмногу симптоматично при изборот на претседател на САД е односот на прогресивната левица на Балканот и во Европа, не кон самиот изборен процес, туку политичкиот момент во кој доаѓа до промена на власта, без притоа да се согледаат реалните политички проценки за односите во светот. Нивната нескриена поддршка на двоецот Бајден-Харис, додека во исто време ги критикуваат Јанша и Орбан за директно мешање во внатрешните работи на САД, е само доказ на монолитната политика која ја водат со години и фрустрациите како израз на немоќ одлучно да се спротивстават на екстремниот десен популизам. Какво ли само политичко лицемерие.

Ваквата политичка опортуна кратковидост и сервилност на балканската мејнстрим левица ја позиционира цврсто на либералниот центар на политичкиот спектар, каде капиталот води главен збор во реал-политиката. Оваа мејнстрим левица не само што е кратковида туку и со кратко памтење, имајќи во предвид со која само леснотија го заборави интервенционизмот на Обама (чиј потпретседател беше токму Бајден), со кој во неговите два мандата предизвика толку многу воени конфликти со милионски жртви како ниту еден претседател пред него. Дури ниту Буш помладиот за време на чиј прв мандат американскиот интервенционизам го достигна својот максимум не беше до тој степен милитантен.

Како не би имале аргумент повеќе разните политички релативизатори, веднаш би сакал овде да потенцирам дека немам намера да го амнестирам Трамп од некои изнудени потези како нападот со беспилотно летало во трета земја кога беше ликвидиран првиот човек на иранската револуционерна гарда, генералот Касем Солејмани, но и поддршката на одредени корпорации, приватни војски и воено-индустрискиот комплекс во контра револуционерните активности во Венецуела и Боливија против демократски избраните претседатели Николас Мадуро и Ево Моралес, од кои овој вториот беше соборен од власт со воен пуч од страна на војската и опозицијата. Сепак неговиот обид за изолационизам на САД во корист на економскиот суверенитет без негов реизбор е осуден на пропаст, како и најстарата претставничка демократија во светот, која за многу земји кои припаѓаат на англискиот парламентаризам беше узор за демократичност. А ваква дерогација на функцијата претседател во САД не е забележана уште од времето на аферата Вотергејт која на Никсон му ја сместија Хенри Кисинџер и „длабоката држава“.

Но ако малку подобро се анализира тимот кој стои зад кампањата на двоецот Бајден-Харис, ќе се препознае силната врска на воено-индустрискиот комплекс на САД и Вол Стрит, комбинација осудена на успех, ако се знае со какви финансии располага оваа воено-економска интересна клика. Она што исто така го привидува мејнстрим левицата од оваа страна на Атлантикот, почнувајќи од Џереми Корбин, преку Варуфакис и Иглесијас, па се до инцидентната левица на просторот на некогашната федерација, чија политичка популарност е на ниво на статистичка грешка, е дијалектиката контрадикторност во нивната политичка реторика.

Како пример ќе го земам дискурсот во кој ја ставаат Камала Харис во однос на борбата за рамноправност и правата на афро-американската популација во САД, кога е во прашање сегрегацијата и расизмот од страна на белата супремација на традиционалните американски вредности, во однос на она што се нарекува политика на човекови права на Западниот брег и окупираните палестински територии, за која со полна уста говорат горе споменатите мејнстрим левичари. Жената на која сега и изразуваат несебична поддршка овие егземплари на салонизмот на политичката сцена, пред само неколку месеци се изјасни во однос на политиката кон Израел, за која како што вели, нема да има промена на курсот за помошта која од САД ја добива еврејската држава, помош која во никој случај нема да биде условувана со исполнување на човековите права во оваа земја. Но ако можат псевдо-левичарите како интервенционистот Берни Сандерс и либералката Елизабет Ворен и нивните апологети да немаат со ова проблем, тогаш зошто би имале проблем веќе споменатите „hard-core“ левичари од стариот континент со воено-хушкачката и интервенционистичка политика на двоецот Бајден-Херис.

И за крај, зарем може некој на Балканот кој сака сериозно да биде сфатен во светот на реал-политиката, така наивно да верува дека не постои консензус внатре во политичкото ткиво на американскиот естаблишмент кога се во прашање долгорочните стратешки интереси на САД како водечки хегемон во светот? Дека после средбата на Вучиќ и Хоти во Белата куќа со Трамп и потпишувањето на договорот за економска соработка, преку која им се дава можност на американските инвестициски фондови длабоко да пенетрираат во големите инфраструктурни проекти на Балканот, како ексклузива пред кинеските државни развојни банки, некој толку лесно може да ја промени одлуката за која постои наднационален интерес во редовите на американскиот естаблишмент, само поради смена на администрацијата во Белата куќа.

Наивно и разочарувачки од некој кој во иднина би требало да добие кредибилитет и легитимитет да одлучува во име на угнетените. Но јас сосема добро го разбирам прагматизмот со кој се раководи псевдо-левицата на овие простори, каде масите сé уште се подложни на манипулирање после повеќе децениските национални и религиозни поделби, ставајќи ги идеолошките поделби во втор план, со што на политичката елита ѝ се даде простор без изградена идеолошка структура и дефинирана политичка платформа да настапува во нивно име. Не е ни чудо што денес едни се воодушевуваат од појавата на Трамп, додека другиве едвај чекаат да замине, а згора на тоа премиерката на Србија Ана Брнабиќ вели дека американското општество било длабоко поделено, за разлика од српското, чии довчерашни граѓани со српски знамиња му искажуваат поддршка на Трамп пред Белата куќа. Каков ли само политички оксиморон.

Сепак она што прогресивците никако не можат да го разберат е тоа, дека Трамп е само последица а не причина, бидејќи овде не се работи за промена на еден човек како дел од решението, туку за промена на системот. Или како што ќе рече колумнистката на The Atlantic, Зејнеп Туфекчи:

„Вистинската порака на овие избори не е дека Трамп изгуби, а демократите триумфираа. Изгуби само слаб и неталентиран политичар, додека остатокот од неговата партија потполно ја зацврсти својата моќ над секоја друга гранка во владата; совршен начин за наредниот десничарски популист да влезе во овалната соба во 2024 година. И не правете грешка, тие сите уште од сега размислуваат за тоа“.

 

 

 

Автор на текстот Гордан Стошевиќ