Објавено на 15 август 2021 од Il Grido del Popolo©
Колку повеќе соседна Бугарија влегува во парламентарна криза, толку повеќе во Македонија се бараат извесни интелектуалци кои со нивната анти-државна пропаганда треба да покажат „конструктивност“ во односите со соседите. И погледнете, токму во подобрувањето на односите помеѓу Скопје и Софија се појавуваат Албанци од Македонија кои се претставуваат како градители на мостови за пријателство помеѓу двата братски народи, македонскиот и бугарскиот. Каква случајност! И се ќе беше в ред доколку овие албански интелектуалци од Македонија, наместо од етноцентрична и длабоко поларизирана држава, да доаѓаа од некоја стара демократија со повеќе вековна плурална историја. Господата од академските кругови никако да разберат дека граѓанскиот концепт на државата за кој се држат како пијан за плот, никогаш во пракса не беше спроведен. Напротив, од самиот почеток по укинувањето на „едноумието“, подеднакво, како оние од македонскиот, така и оние од албанскиот корпус, побрзаа со формирање на национални партии кои функционираат до ден денес, наместо граѓански, наднационални околу кои заеднички ке се обединат.
Јас ја разбирам потполно бугарската наклонетост кон ваквите анти-македонисти, но и негатори на историските придобивки од НОБ и АСНОМ. Заколнати противници на револуционерната борба на сите народи и народности од овие простори против завојуваните империјалистички сили и нивните интереси на Балканот, спроведувани преку наци-фашистичката идеологија потпомогната од квислиншките лакеји и многубројните домашни предавници. Омразата со која располагаат денес апологетите на историскиот ревизионизам и државен релативизам од двете страни на границата преку Осогово, се заканува повторно да го втурне регионот во нови конфликти и поделби на национална основа кои ќе резултираат со крвави воени судири и нови промени на границите, формирајќи на тој начин велико-национални држави. Далеку од тоа дека трансферзалата север-југ-југозапад која ни ја нуди Српскиот свет на Вулин („посвоениот“ син на Мира Марковиќ) преку проектот Отворен Балкан е идеално решение за позициите на Македонија во геополитичка и геостратешка смисла. Но анти-македонскиот политички Коридор-8 (антипод на економскиот кој намерно не се реализира) е повеќе од погубен.
И наместо да се градат поцврсти врски помеѓу соседите, како економски и културни, така и историски и политички, некој намерно се обидува во спротивното. Преку своите дневнополитички и теснопартиски интереси како во случајот со политички ангажираните албански интелектуалци во Македонија и нивните подржувачи во Бугарија. Секако во ставовите од сите нив најмногу е подржан веќе докажаниот национал-шовинист Ким Мехмети. Човек кого медиумите во Бугарија секојдневно го брифираат за состојбите во неговата земја која патем не му се допаѓа ниту во рамките на на Охридскиот договор. Па така „големиот“ Ким не заборави деновиве да го искритикува дефилето на Мечкин камен, на кое за прв пат парадираше „револуционерот“ Али Ахмети. Почитуваниот Ким Мехмети меѓу другото не заборава да нотира како „Македонија денес се градела според комунистичките формули на бивша Југославија, опстојувајќи врз братството и единството на партиските челници, на кои народот им пеел додека истиот играл онака како што му свирела власта“.
Голема е веројатноста Ким ова да го пишува како резултат на фрустрациите од несреќната младост во времето на братството и единството под бајракот со црвена ѕвезда петокрака. Сепак Ким не е свесен за неговата дијалектичка аномалија во однос на прашањето со историскиот материјализам, исто онака како што не е свесен за неговата идеолошка припадност од милоште нарекуваниот марксист Али од село Зајас, кој мисли дека фундаменталните основи на Бихеровата теорија за вишокот на вредности на трудот се наоѓаат во прирачникот за ракување со Калашњиков АК-47. Важно бугарските медиуми и по некои пролиберално настроени во Македонија, ваквата анти-комунистичка реторика на братот Ким не пропуштија да ја прикажат како критичка мисла на припадник од академската и интелектуална заедница во мочварна (поубаво звучи на српски м.з.) Македонија. Замислете нему дури му пречеле многуте србизми во македонскиот јазик кој баш и не љуби да го зборува, со надеж дека еден ден ќе го засака ако му се врати на бугарските корени. Кој знае, ако не прегриза јазик Ким на бугарскиот дијалект. Или како како што ќе рече големиот Његош во неговиот вонвременски Горски венец: „Тврд је орах воћка чудновата, не сломи га, ал’ зубе поломи! Није вино пошто приђе бјеше, није свијет оно што мишљасте“.
За жал не само Македонија бележи криза во идентитетот кај својата интелигенција, туку и соседните земји, помеѓу кои и Бугарија која мака мачи со своето минато, но не она од пред 9 септември 1944 година, туку она поблиското, после тој датум. Од тој толку многу омразен датум во бугарската историја, па се до реставрацијата на капитализмот и насилното рушење на социјалистичкиот поредок, е периодот кој е денес единствено спорен за новата бугарска интелигенција, но и за мнозинството од бугарскиот народ за кого тој е единствениот мрачен период во неговата историја. Истиот тој народ кој на два пати едноподруго во краток период му довери мандат на телевизискиот маг Слави, кој за возврат вети на нацијата дека ќе ја направи повторно голема и горда, така што ќе испрати бугарска вселенска експедиција (со еден македонски член во екипажот) во вселената, враќајќи и го стариот сјај на некогаш моќната Бугарија. Најверојатно Слави мислел на мисијата од космодромот кај село Страцин, кога ќе биде завршен Коридорот-8.
За разлика од НР Бугарија која навистина беше вселенска сила и која на 10 април 1979 година во вселената го испрати големиот Георги Иванов Какалов (подоцна Херој на Народна република Бугарија и носител на орден Георги Димитров) како чин на цивилизацискто достигнување на бугарското социјалистичко општество, ваквите популистички досетки на новокомпонираните политичари изгледаат како обичен виц. Достигнувања кои во тоа време беа само сон и за Титова Југославија која е патем денес ноќна мора за политичките конвертити како Ким, а камоли пак за недефинирани колонијални територии на НАТО какви што се овие од Драч до Варна. Се чини она за што повеќе сонуваат некои интелектуалци и политичари во Македонија и Бугарија, не е освојувањето на вселенскиот простор, туку на овој овдешниот, овоземски. Просторот од Групчин до Беласица, и од Пелинце до Преспа. Простор на кој покрај лунатиците по примерот на војводата Џамбаски од Вмро бугарската, претендираат и некои „марксисти“ од УЧК уставотворната. Само да не запнат работите околу бугарскиот Ерусалим и разграничувањето на Скопско кале.
И така додека некои Албанци во Македонија и нивните истомисленици во Бугарија се препотуваат од своите влажни соништа за границата по Аксиос, но и од паранојата од Српскиот свет кој тргнува од Калемегдан, кинескиот ровер Журонг (наречен по кинескиот Бог на огнот) не поздрави со селфи од црвената планета. Да не говорам за достигнувањата со кои можат да се пофалат кинеските граѓани, како што се оние од сферата на економијата, инфраструктурата и стопанството. По се изгледа Кинезите немаат проблем со својата историја (непрекинат цивилизациски континуитет од повеќе од 4000 години) како овдешната примитивна форма на хомо сапиенс на која за жал теоријата на дарвинизмот и е непознаница. Форма на живот длабоко заглавена во едноклеточноста и простото размножување на видот кој осуден да изумирање само поради незнаење. Затоа брате Ким, остави ги веќе еднаш Слобо, Аркан, Цеца и Вучиќ на мира, дај да видиме како од Македонија да направиме Швајцарија на Балканите, единствено ти ако не планираш од Рила швајцарски Алпи да направиш.
Автор на текстот Гордан Стошевиќ