“To tell the truth is revolutionary” ― Antonio Gramsci

Кристина Ампева: Достоинството на работниците и работничката класа е срозено, донесено на едно срамно и поразително ниво

фото: Кристина Ампева / извор: приватна архива на фејсбук профил

Oбјавено на Февруар 28, 2019 од IL GRIDO DEL POPOLO

Кристина Ампева е граѓански активист кој се залага за правата на работниците кои припаѓаат на текстилната, кожарската и чевларската индустрија.  Инаку таа е дел од проектот Гласен Текстилец,  невладина организација која е можеби е единствената во Македонија која сериозно им пристапува на проблемите поврзани со правата на работниците. Покрај професионалниот ангажман во приватниот живот е посветена сопруга и е мајка на три деца.

 

 

Вие сте една од ретките организации во Македонија, која ги застапува правата на работниците во вистинска смисла на зборот. Кажете ми дали во предвид доаѓаат само работниците во текстилната, кожарската и чевларската индустрија, или тоа важи за сите гранки?

 

Бидејќи членовите и основачите на Гласен Текстилец претежно се или биле вработени во текстилната индустрија, нашата  визија со години наназад беше актуелизирање на проблемите со прекршувањето на човековите и работничките права токму на овие работници/чки од овој сектор. Но последниов период од нас бараат помош и работници од останатиот сектор, што значи дека до сега не сме одбиле работник/чка поради тоа што ее во друг сектор. Бидејќи засегнати сме со колективниот договор за приватниот сектор од областа на стопанството, истите закони важат за работници кои работат и во маркети, во градежништво и во текстилна индустрија, нашата борба за унапредување на работничките права, услови и плати, важи за целиот приватен сектор.

 

 

До кој степен се загрозени работничките права во Македонија, и колку денес се работи на нивно подобрување?

 

Секој ден гледаме и слушаме тажни секојдневија на работници/чки. Од физичко насилство на работно место, до неисплаќање на неколку плати и придонеси на плати, мобинг и враќање на дел од плата назад кај работодавачот. Според тоа, можам слободно да кажам дека достоинството на работниците и работничката класа е срозено, донесено на едно поразително и срамно ниво. Колку се работи? Кој да работи? Две-три невладини организации? Кој е импактот кога нашите ингеренции се до одредена граница? Пример, во подготовка е законот за работни односи каде се вклучени репрезентативните синдикати, организација на работодавачи и Владата, поточно Министерството  за труд и социјална политика. Ние смееме да се вклучиме само со коментари. И тоа е некој плус, бидејќи порано не смеевме да се вклучиме ни со коментари. За жал, борбата за подобрување на работничките права остана на нас невладините организации.

 

 

Потребна ли е радикална промена во Законот за работни односи, кој во текот на овие триесет години беше усогласуван само за потребите на работодавачите?

 

Секако дека е потребна радикална промена во Законот. За работни односи, бидејќи како што и напишавте, низ годините беше  донесен наменски, според потребите на работодавачите. Истото го очекувам и во новиот закон кој е во подготовка, бидејќи главниот збор и конечни одлуки ги имаат работодавачите и репрезентативниот синдикат, Сојузот на синдикати на Македонија, ССМ. Сојузот на сисндикати на Македонија иако со ново раководство, не се чуствува некаква промена дека навидум го работат она поради кое постојат, унапредување и заштита на работничките права.

 

 

 

Во последните триесет години сведоци сме на организирано систематско девастирање на синдикалното движење во Македонија. Каков поглед има Гласен Текстилец во однос на овој горлив проблем?

 

Како што напишав и погоре, јас мислам дека најмногу се радував на доаѓањето на новиот претседател Дарко Димовски на чело на ССМ. Сметав дека ќе се случат радикални промени, дека Живко Митревски ,  бившиот прв синдикалец ќе остане само една лоша дамка од минатото. Но не се случи ништо. Нашиот репрезентативен синдикат не се мрдна од фотелјата, не оди на терен на го слушне членството ниту се труди да добие ново членство. А зошто би, кога и вака и така не зависат од нивното членство, туку од големите синдикати кои ги финансираат  и кои поима немаат што ССМ (не)прави.  За жал, веќе не верувам во реформа на нашиот репрезентативен синдикат, туку очекувам да се роди нов, од работниците барем од приватниот сектор, кој ќе работи во согласност со името и значењето кое го има. Дотогаш, останува ние како организација да правиме притисок, да внимаваме какви закони и колективни договори се носат и се трудиме да гаснеме пожари кои секојдневно се случуваат.

 

 

Дали и колку работниците во Македонија се запознаени со своите права кои им следуваат по закон, и постои ли воопшто интерес од нивна страна за тоа?

 

Генерално, добар дел од работниците знаат и можат да детектираат  кога им е прекршено некое право од работен однос, лесно доаѓаат до нашите телефонски броеви, не чуствуваат страв да не контактираат, прашаат, се консултираат како да се справат со одреден проблем. Често имаме средби, разговараме, посетуваат наши настани и активности и често и самите земаат учество, што ми е ептен драго. Последните два-три месеца, забележавме и една позитивна пракса додека траеше исплатата на регрес за годишен одмор за 2018 година, попознат како К15. 70% од работниците и работничките,побараа да им изготвиме барања а тие сами се упатија во подрачните единици на трудовиот инспекторат, што минатата година не беше случај, туку напротив. Минатата година тие бараа да останат анонимни, а нашите организации да стојат како подносители на претставките до трудовиот инспекторат. Што значи бележиме еден позитивен тренд и се надевам на уште поголемо охрабрување од нивна страна кога се работи за права од работен однос.

 

 

Последниве неколку месеци сте предмет на отворени напади од некои истакнати членови на партијата Левица, кои како резултат на “Чилимановата” десоросиизација на Македонија, ве обвинуваат дека сте дел од НВО секторот во Македонија, финансиран со пари од разни меѓународни организации, меѓу кои и онаа на Џорџ Сорос, Отворено општество. Дали се издржани ваквите обвинувања упатени на ваша адреса?

 

Да,  како активисти и организација имавме проблем во минатите години  поради обвинувањата од страна на поранешната владеачка гарнитура и секако Чилиманов кој во тоа време направи некаква организација наречена СОС или во превод , Стоп операција Сорос во Македонија. Бевме нарекувани предавници, соросоиди, атакувани на телевизиите и социјалните мрежи со имиња и презимиња. Не бевме само ние под притисок и исплашени за нашата безбедност, туку и за безбедноста на нашите најблиски. Многу мрачен период за нас како организации и како активисти.

Морам да бидам искрена дека од страна на политичката партија Левица до сега немало атакт врз нас како Гласен Текстилец, ниту врз нашите активисти и членови. Напротив, многу нивни членови беа гости на наши настани и активности и навидум даваа поддршка на нашата работа. Не можам да ги ставам сите во ист кош поради тоа што еден од нив користи термин од типот соросоиди (со кои сака да навреди или не знам веќе што). Да, не е тајна дека невладините организации се финансирани од разни маѓународни организации вклучувајќи ја и онаа на Џорџ Сорос. Мене ми е сосем во ред, таква е и Гласен Текстилец и тоа ни дава барем нас, непристрасност при донесување одлуки, застапување, критикување на лоши политики на политичките партии во нашата држава и слично. Можам да говорам само за нашата организација, не се издржани таквите обвинувања, имаме мисија и визија, програма на делување и не одиме надвор од нашата зацртана цел, а тоа се унапредување на работничките права. Фондовите ни служат за постигнување на нашите цели. Поинаку не знам како би работеле независно од разни фактори, туку во служба на нашата целна група.

 

 

 

Има ли во моментов во Македонија, издржана, релевантна левичарска партија или организација, што може отворено да застане позади работничката класа во одбрана на нејзините интереси, правовремено одговарајќи на нејзините потреби, или се е сведено на гол популизам?

 

Кратко и јасно, нема. За жал.

 

 

Дали Гласен Текстилец има остварено одредена соработка со сродни организации на Балканот и пошироко, и на кое ниво се одвиваат тие?

 

Да, имаме соработка со организации  и независни синдикати од регионот кои работат на тема работнички права и социјална правда. Во регионот се многу повеќе и за некое чудо, нашата организација повеќе е позната и почитувана надвор од границите на нашата држава. Многу е важна таквата соработка бидејќи сметам дека само здружено може да се решаваат проблемите во  регионот  кои се исти кога станува збор за темите социјална правда и работнички права. Важна е комуникацијата, размената на информации и позитивни пракси.

 

 

Како Гласен Текстилец се справува на терен со многуте случаи на прекршување на одредбите од Законот за работни односи, од страна на претприемачите и сопствениците на компании?

 

Како што е споменато и погоре, драго ни е што трендот кој го бележиме што работниците сами да ги бараат своите права преку инспекторатот за труд, е успех сам по себе за нашата мала организација. Од друга страна, и ние како невладина организација го користиме единствено тој механизам за утврдување и отстранување на некоја неправилност во работењето на даден работодавач. Успех е за нас што имаме и блиска соработка со дел од подрачните единици на трудовиот инспекторат. Но доколку се работи за потешки прекршувања на правата и доатоинството на вработени во одредена фирма, тогаш не бираме сретства со кои ќе се обидеме и во поголем дел од случаите им помогнеме на работниците. Некогаш тоа значи и прес конференција, некогаш е допис до работодавач. Медиумите многу помогнаа во подигање на свеста за соатојбата со работничките права, па добар број од случаи на потешки прекршувања на работничките права се надминати на начин што јавноста бурно реагира по наш допис до медиуми. Заклучок е дека сме активисти, кога имаме сознанија за повреда на права, не бираме на кој начин ќе делуваме се додека некој проблем не биде надминат.

 

 

 

И за крај, какви се плановите на оваа организација за во иднина на полето на нејзиното општествено делување?

 

Гласен Текстилец останува да го  работи она што најдобро го знае , а тоа се  работнички права. Следниот период планираме да организираме повеќе средби со работничките низ државата и се насочиме кон нивно синдикално описменување и здружување.  Да лобираме за подобри законски регулативи и унапредување на новиот Закон за работни односи .

 

 

 

Интервјуто го водеше: Гордан Стошевиќ

Your Header Sidebar area is currently empty. Hurry up and add some widgets.